По двата успешни најавни сингла, „Си играме со рапот“ и „Малку поети“, Чиста Околина конечно го објавија долгоочекуваниот повратнички албум „Avant-garde Fatiguée“, известуваат од Filter Label.
Албумот излегува точно дваесет и пет години по култното деби „Новиот аспект на старата школа“ и започнува ново поглавје во кариерата на македонските хип-хоп пионери. Многумина нѐ прашаа зошто одлучивме да го објавиме албумот баш сега, во една кризна, пандемиска година и во услови кога не е можна класична промоција на ова значајно издание. Одговорот е едноставен. „Чиста Околина“ никогаш не биле конвенционален бенд. Работите секогаш ги прават на начин што ним им одговара, без калкулации и без намера да ги следат другите. Уште повеќе, „Avant-garde Fatiguée“ е перфектен коментар на актуелниот општествен момент, па неговото објавување едноставно не смееше да чека подобри времиња. Музички, новиот албум на „Чиста Околина“ ја задржува бескомпромисноста по која се познати, но овој пат, таа е засилена со креативна зрелост и силен авторски потпис. Тие храбро ги комбинираат психоделијата на Funkadelic и бунтовноста на Beastie Boys и ги пуштаат низ призма на надреализам зачинет со здрава доза на самоиронија. Материјалот е истовремено директен и повеќеслоен, базиран на сонични експерименти во кои детската љубопитност и техничката прецизност живеат во совршена хармонија. Звучната слика, покрај интелигентно вклопените семплови, ја збогатуваат и бројните музички (и не само музички) гости, меѓу кои се и гот-рок легендата Горан Таневски, инди хероите Bernays Propaganda, хип-хоперите LD Pistolero, Smilen и DJ Goce, Ѓоле Максимовски, Сеад Хаџиќ – Сецко, Гоце Стевковски, Елена Васова, Диџеј Славе,… Оваа стилска шареноликост му дава дополнителна вредност на „Avant-garde Fatiguée“ и го прави невозможен секој обид да биде жанровски класифициран“, се вели во соопштението од Filter Label.
Продуцент на албумот е Оливер Димитров, а автор на обвивката е реномираниот сликар и графички дизајнер Атанас Ботев. „Avant-garde Fatiguée“ на Чиста Околина е достапен на сите релевантни интернет сервиси за музика. Може да се слушне и преземе од следниов линк.