Прегорената генерација
Мојата генерација порасна со култура на филмови и серии од деведесеттите и раните двеилјадити години кога не беше кул премногу да се работи или премногу да се трудиме. Колку и да беше претставен како тежок животот на главниот лик, сите награди во животот му/ѝ од доаѓаа од ведро небо заради неговата/нејзината харизма или скромност. Растевме со оваа честа филмска нарација што нашата лековерност, неукост и ароганција (напумпана од неколку петки) ја платија по завршувањето на своето образование. Според многубројни истражувања и анкети, милениумците (генерацијата 1981-1996) се прогласени за The Burnout Generation или прегорена, изморена и демотивирана генерација. Работната култура во која бевме спуштени нѐ натера брзо да сфатиме дека не сите сме главни ликови од coming of age серии, ниту, пак, можеме сите да бидеме толку шармантни или способни; а ги немаме ниту истите привилегии како милениумците од Западот чии животи на секаков можен начин нè потсетуваат што сме пропуштиле или што сѐ уште пропуштаме.
Серијата „Девојките Гилмор“ (Gilmore girls) e совршен пример. Шеснаесет години по завршувањето на колеџот, Рори, главната хероина од серијата, се враќа во малото родно гратче, несигурна и збунета за тоа како досега не се случил нејзиниот голем успех. Иако сите: нејзините родители, баба и дедо, професорите, жителите на местото во коешто израснала ѝ ветувале дека е посебна, дека ќе „биде нешто од неа“. Всушност, шеснаесет години подоцна, Париз, најдобрата другарка на главната хероина, е прикажана како успешна и сигурна во својата кариера – посветената и интензивна другарка, недопадливата споредна улога што најчесто беше прикажувана како карикатура на амбициозните девојки од тој период.
Ако ни изгледа дека сме заглавени во црвоточината на премногу продуктивните, секогаш организирани и напорни споредни ликови, тоа е затоа што тие си се избориле за ова нивно време.
Алтернативни рутини
Како припадничка на генерацијата на милениумците, колку и да ја сакам својата работа што веќе почнува идентитетски да ме дефинира, мислам дека веќе е претерано навлезена во сите сфери на мојот живот. Ако сум толку посветена на работата, можам да научам како да го искористам слободното време за да се поврзам со некое друго искуство – искуство што е спротивно на чинот на работење.
Алудирајќи на тешката работна култура на работниците во осумнаесеттиот век, наспроти уживањето на буржоазијата во секакви задоволства и уметностите, писателот Алeн де Ботон заклучува дека „денес се чини невозможно некој да може да биде и среќен и непродуктивен во исто време како што некогаш се чинело многу малку веројатно дека може да се работи и да се биде човек“. Денес е речиси срамно да се има слободно време: тоа е претставено како привилегија од една страна и како замка од друга. Научени сме на социјалните мрежи да гледаме испланирани утрински и вечерни рутини посветени на подготовка за работниот ден или рутини за работа на себеси. Но, откако ќе ги завршиме работните обврски, работата дома и, ете, со работата на себе (небаре сме роботи на кои постојано им треба апдејтирање); и откако ќе посветиме внимание и енергија на најблиските – кое друго искуство би ни дало да го погледнеме животот од друга перспектива?
Ханс Улрих Обрист, во еден од есеите во „Начини на курирање“ (Ways of Curating, 2015), пишува за неговите обиди да испроба алтернативни начини на организирање на секојдневниот живот и алтернативни секојдневни ритуали. Причината за ова е неговиот интерес да научи како да ја избрише структуралната поделба помеѓу работата и рекреацијата што го организира конвенционалното живеење. За Обрист, ноќните возови се отскокнување од конвенционалното секојдневие. Како европски студент, неговиот интеррејл-билет станува билет за менување на рутините и негов ритуал: „Ноќите поминати во воз ми станаа простор за размислување“.
Уметноста, музиката, литературата е начин да се погледне светот од поинаква и посвежа перспектива: „уметноста не е она за што живееме, што би било стерилен вид на естетизам; но ни нуди модел како да живееме, кој е многу посугестивен“ (Тери Иглтон, 1943).
Слободното време знае да звучи сонливо и меланхолично, како неделно попладне или како животот на ликовите од романите на Џејн Остин: заглавени во свет на вечен одмор, на долги воздишки, анализирање на безначајни настани, бескрајни чајанки и читанки. Но, за разлика од времето тогаш, богатството и угодното живеење денес не носат повеќе слободно време. И ако денес го имаме толку малку, како да го поминеме на начин што не е корисен за капиталистичката машинерија во која сите сме заглавени, туку да биде регенерирачки? Како да се научиме да се ужива во непродуктивното време?
Како неколку генерации го поминуваат слободното време?
Со желба да направам реконструкција на моето секојдневие прашав различни генерации луѓе, со различни занимања и интереси, што прават во своето слободно време. Постои нешто романтично и носталгично во животите на луѓето надвор од општествениот контекст и околината на која сме навикнати.Посветеност на тивката интелигенција и креативност што може да го понуди краткиот момент на отскокнување од секојдневниот ритам. Ретко си дозволуваме да нурнеме во своите мисли без надворешни дистракции – способност препишувана на големите уметници пред создавање на своето дело.
Слободното време гледам да го исполнам со работи што ме релаксираат и ме исполнуваат. По природа сум човек кој го интересираат многу работи и сакам да пробам сѐ, но повеќе сум склона кон креативната сфера. Во слободно време сум опколена со моите мачки кои ме гледаат додека цртам. Цртањето почна како занимација кога ја погледнав мојата другарка како црта и во наредните месеци ми го исполни времето целосно. Сега почнав повеќе дигитално да цртам со надеж да работам нешто поврзано со графички дизајн и дигитален маркетинг.
(студентка по маркетинг-менаџмент, работи како келнерка, 22 год.)
Прашањето за тоа како го исполнувам своето слободно време, особено кога истото си го поставувам себеси, ми претставува ѕиркање во еден од најинтимните лични простори. Нешто како огледување во одразот од еден бунар, каде што знаеме и да ги скриеме или складираме сопствените вистини. Па, така, размислувајќи за тоа што правам во моето слободно време актуелно, се фаќам себеси како се повеќе му робувам на комфорот наспроти ентузијазмот за негување на моите интереси, кои, ако постои таква поделба, се независни од професионалното јас. Работниот ангажман го измени аранжманот на слободното време, така што истото сега често е составено од временски фрагменти, кои како парче торта ги раздавам на драгите луѓе, што е добро освен во моментите кога вистински претпочитам да кажам „не“ на поканата за кафе, пијачка, седенка и слично и, наместо тоа, да ја испијам чашата вино сама, да ја читам книгата во мир, или да го изгледам филмот што фаќа прашина во „Downloads“. Можеби токму сега разбирам дека разликата во слободното и неслободното време е само терминолошка, задоволството од слободното време, како и успехот во работното се должат на структуриран план на активности и придржување и посветеност до истиот. Можеби токму овој увид ќе ми докаже дека мапирањето на животот во роковници не е банален, туку нужен во негувањето на себеси и личниот раст.
(докторка по медицина, 27 год.)
Слободно време немам воопшто, а многу сакам да имам, бидејќи имам двегодишно дете кое бара многу време и трпение. Од седум до три часот сум на работа, после го земам Стефан од кај неговата баба, почнувам со готвење ручек и домашни обврски. Како мајка се трудам детето да ми биде испеглано, нахрането и искапено. За себе гледам секогаш да сум нашминка и средена, затоа што работам со луѓе. Немам време за себе како порано за да одам на вежбање или да излезам на кафе. Имав тешка бременост, не смеев да се движам и бидејќи бев врзана за кревет постојано читав. После немам прочитано ниту една книга. Додека готвам, сечкам нешто во кујната, пуштам по некое видео од Ана Бучевиќ и ги слушам нејзините мотивациски говори.
(фугачка во long fashion, 30 год.)
Повремени прошетки во природа со брачната другарка, активности околу дворното уредување, дружење, односно посетување на членови од поширокото семејство, секојдневно пешачење без оглед на временските услови, редовно следење телевизија и спортски програми.
(вработен во МТСП Сектор за инспекциски надзор во областа на социјалната заштита и заштита на децата, на работно место советник инспектор за социјална заштита, 61 год.)
Бидејќи се занимавам со туризам често патувам, а кога сум дома наутро вежбам и потоа ги завршувам обврските во домот. Од 11 до 13 часот пешачам во паркот. Попладне на интернет пребарувам дестинации за идни патувања и контакти со странки. На крајот од денот плетам – тоа ме релаксира и потоа гледам некоја телевизиска серија.
Во годината двапати одам на море и двапати на термални бањи.
(пензионер, активен, работи како лиценциран туристички водич, специјалност верски туризам, 79 год.)