Неодамна, првата едиција стикери на македонски јазик за „Инстаграм“ стана достапна за користење и веќе е вистинско освежување во секојдневната комуникација на многу корисници. Станува збор за 13 стикери, кои можат да се најдат под рубриката GIF, со впишување на клучни зборови како „петок“, „петокмие“ на кирилица и латиница. Стикерите се авторски проект на Ико Илиевски и Димитар Караташев, дел од јавниот конкурс „Цртај на македонски јазик 2022“, објавен од Министерството за култура.
Вие сте автори на #ПетокМиЕ, нова едиција стикери на македонски јазик, која е достапна на социјалната мрежа „Инстаграм“. Како се роди идејата за ваков проект и како почна вашата соработка?
Идејата се роди сосема спонтано. Беше петок, после работа (afterwork), кога генерално сакаме сите да се опуштиме… Отидовме на пијачка со друштвото и оттука дојде идејата за #ПетокМиЕ. Видовме дека нема стикери на македонски јазик, кои ќе го означат поминатото време со пријателите и решивме да ги направиме. Така што, поминатото време со пријателите (и со малку ракија) 🙂 навистина може да биде продуктивно и креативно искористено.
Стикерите се внимателно избрани фрази и зборови што често се дел од речникот на младите луѓе. Која беше вашата цел и како се одвиваше селекцијата на конкретните зборови?
Имавме малку дилеми околу тоа како да се именува целата едиција стикери. Сепак, одлучиме да ја задржиме автентичноста и #ПетокМиЕ да остане како една од главните фрази, но и наслов на овој проект. Другите стикери, фрази исто така се трудевме да бидат разговорни, да се дел од секојдневните разговори/муабети на младите луѓе, но и да имаме зборови што ќе повикуваат на акција и одговорност. Точно, ние младите сакаме повеќе забава и дружба, но знаеме и да бидеме одговорни и посветени.
Како се прифатени стикерите? Имате ли некои бројки, статистики за нивното користење?
Стикерите имаат повеќе од 72.500 прегледи. Разбирливо, најгледан, најкористен стикер е „Петок ми е“, но втор по користење е „Седни учи“, па следуваат „Верувај во себе“, „Лето е“ (за жал, веќе не е, но пак ќе дојде), „Дојди во маало“, „Не се сите исти“ и други. Сите стикери, вкупно 13, можете да ги видите со впишување на зборовите: „петок“, „петокмие“, „petok“, во делот за стикери на „Инстаграм“.
Стикерите се на македонски јазик, што навистина е реткост во неформалната комуникација на младите генерации. Дали мислите дека заштитата и афирмацијата на јазикот е важна на сите нивоа на комуникација?
Апсолутно дека заштитата и афирмацијата на македонскиот јазик мора да биде на сите нивоа и во контекстот во кој денес живеат младите луѓе. Свесни сме дека на новите генерации речиси примарен јазик им е англискиот. Интернетот, цртаните, сериите си го прават своето и тоа е во ред. Но, македонскиот јазик мора да биде присутен. Забележуваме дека годиниве има зголемена продукција на програма за деца, за тинејџерска публика, што е за пофалба, затоа што тоа е начинот да се допре до младите луѓе и да го негуваме нашиот јазик. Преку домашна продукција, филмови, серии, музика, книги… а зошто да не и преку стикери за социјални мрежи на македонски јазик?!
Моментално работите на дигитална платформа, која ќе биде од интерактивен карактер и ќе поттикнува акција и креативност меѓу сите корисници. Што точно ќе нуди оваа платформа и кога планирате да почне со работа?
Основната идеја е да развиеме дигитална платформа што ќе овозможи дополнителна афирмација на македонскиот јазик. Имено, ќе бидат поставени дел од стикерите, фразите што се прифатени од средината во која живееме, како и дел од најпознатите македонски песни, реплики од домашни претстави, филмови и книги.
Имено, пораките (насловите на песни/стихови, реплики од претстави/филмови/книги) ќе можат да се аплицираат на маици, капи, чаши, шишиња и сл., а во нивното дизајнирање ќе бидат вклучени посетителите на интернет-страницата, самите граѓани. Тие ќе можат самостојно да изготват производ, на многу едноставен начин, за себе или за подарок. Потоа, дизајнираните капи/маици ќе можат да се испечатат и трајно да се користат.
Која е ваша омилена фраза од едицијата #ПетокМиЕ?
Е, ова е најлесното прашање. Дефинитивно #ПетокМиЕ! И уште една фраза, затоа што гледаме дека многумина ја користат во контекстот на тоа каде живееме… Стикерот „Сите сме луди“. 😉
Развојот на дигиталната технологија, во комбинација со социјалните мрежи, раѓа нов вид комуникација, која изобилува со скратеници и интернационализми. На кој начин македонскиот јазик може да се доближи до новите генерации?
Ова е прашање што бара вклученост на експертската, на академската јавност, но и на сите нас како граѓани. Според нас, потребно е македонскиот јазик постојано да се надградува, да се збогатува, со нови зборови и скратеници (зошто да не). Брзиот начин на живот и дигиталната технологија наметнаа нови правила. И македонскиот јазик ќе го доближиме до новите генерации само ако се приспособуваме, го надградуваме, го следиме начинот на комуникација на младите и сл. Апсолутно дека треба да се следат одредени стандарди и правила, но мораме да бидеме флексибилни и континуирано да го збогатуваме нашиот јазик. И најважно – повеќе да го користиме во дигиталниот простор. Доста е од so prais; kazi mi; prakjam guski… Кога може да биде: што правиш; кажи ми; праќам гушки!