Red18
Red18 е нов скопски авторски музички бенд. Бендот нема музички ограничувања во однос на жанровите, па едноставно создава музика која би им се допаднала на слушателите. Првиот сингл што го објавија е Kingdom of Lies, a нивниот деби-албум е Red18’s Grit е достапен од ноември минатата година на сите музички платформи. Последен сингл и спот на бендот е Portal to pavements, а на 4 февруари ќе настапуваат на фестивалот „Земјотрес“ во МКЦ. Членови на бендот се: вокал – Елена Манева; гитара – Јован Чифлигароски (Live Wire); гитара – Илија Лалковски; тапани – Иван Димишков и бас-гитара – Александар Коцевски.
Хајка
Хајка е млад панк-бенд од Скопје. Со своето прво ЕП „Непрекинато движење“, па деби-албумот „Антиталент“, кој вбројува 25 песни и новиот сингл „Мека машина“, Хајка дефинитвно го привлекоа сечие внимание. Кој денес пишува 25 песни за прв албум? Тие што имаат многу да кажат. Влечејќи инспирација од бит-генерацијата на писатели и постмодерната уметност, сместенa во гласен гаражен панк, Хајка сериозно газат, одејќи само нагоре. Нивниот втор албум, „Мека машина“ беше најавен месецов на 6 јануари, а викендов ќе имаат слушачка промоција во Скопје (сабота во 20 ч. во Бруталиск) и во Куманово (петок 20 ч. во Валхала).
Corrosion
Corrosion – noise pop бендот од Битола кој вели дека својот звук го базира на прекумерно користење на звучни ефекти и максимално искористување на сета опрема што ќе ја најдат. Тие се едни од водечките претставници на најновиот бран домашни гитарски бендови. Corrosion имаат зрело оформен израз инспириран од богатата ризница на инди бендови тргнувајќи од 80-тите години па наваму. Нивниот деби албум Pinhead се наоѓа на платформата Бендкемп.
Beseda
Беседа е кумановски бенд формиран 2020 година во екот на големата пандемија. Самиот поттик за формирање на овој бенд произлезе од желбата за формирање на еден цврст и моќен звук кој ги пробива сите граници на емоционалната страна на секој човек. Четири членови кои се борат низ секојдневието со сите можни алатки. Мирослав Јаневски е на бас и вокали, Немања Златановски и Александар Неделковски се на гитари и Андреј Мициќ е на тапани. Беседа е победник и на минатогодишниот Лузер Фест 2022 – вечер посветена на новата музика од македонската сцена, која се врати во офф програмата на „Таксират“, како предвесник на главната вечер на фестивалот. Спој на psychedelic stoner rock, stoner metal, doom metal елементи кои се зачинети со прогресивни бранови.