Не знам дали некогаш сте западнале во период на негрижа за себе, кој почнал како неколку лоши денови, па станале месеци и без да забележиш неколку години си тотално исклучен од допир со себе, со своите мисли и со стариот ти. Пред неколку години бев длабоко навлезена во ваков период на тотална незаинтересираност, па секојдневие ми беа денови исполнети со негрижа за каква храна јадам, колку и што пијам, дали доволно спијам, спортувам и сẻ поврзано со мојата добросостојба воопшто не ми паѓаше на памет. Кога успеав да се извлечам од овој мрачен период и почнав да ја гледам штетата што ја направи во мојот живот, не знаев од каде да почнам со санирање на истата. Сите делови некако успеав да ги вратам под контрола, јадев поздраво, вежбав, спиев доволно, но не можев никако да го победам стравот и отидам на редовни лекарски прегледи, кои ги немав направено 3-4 години. Колку повеќе време поминуваше сẻ повеќе ми беше здрав да закажам. Па така додека на работа повикувавме и пишувавме апели како ПАП тестот спасува животи и дека свеста за редовни контроли е дел од современото живеење, јас умирав одвнатре зашто знаев дека три години не сум била на гинеколошки преглед. Да не збориме за мамографија и за уште куп задолжителни превентивни, дијагностички прегледи. Еднаш во минатото, кога направив куп невољи, односно во четврта средно избегав од еден тест, па завршив месец ипол да бегам од сите часови, си ветив дека ја научив лекцијата односно дека сфатив дека секоја неодговорност дупло се плаќа.
Колку повеќе време поминуваше, се одалечував уште повеќе од мојата цел грижа за сопственото здравје. Кога ќе слушнев, дека некој има сериозен здравствен проблем, умирав од страв, правев црни сценарија, се опседнував со лоши мисли, но пак не одев на лекар. Едно време дури толку опсесивно читав симптоми, начини на лекувања, терапии по сите најпрестижни медицински сајтови, што потоа се фаќав како им препишувам терапии на моите блиски.
Еден ден мојот најмал син пишуваше домашна задача за семејно стебло и во целиот тој разговор за семејството ми рече значи прво умираат прабаби, па баби, па после никој не умира. Пробав да му го објаснам процесот на умирање, секако приспособен за неговите години. Шокот на неговото лице, дека може некогаш и млад човек, да се разболи или да доживее несреќа и да умре, нема никогаш да го заборавам. Не, не може повторуваше, мајки не умираат, само баби. Премногу беше вознемирен и најдов начин да го утешам и да го уверам дека сум добра, дека сум здрава и дека сẻ ќе биде во ред. Долго во ноќта ме прогонуваше неговиот страв и паника, кога дозна дека нема правила во животниот век.
Утредента станав со првото кафе закажав гинеколошки преглед. По неколку дена додека чекав ред во чекалната, ни секунда не се плашев од резултатите, знаев дека буквално сẻ е подобро од неодење на лекар. Деновиве го чекам третиот редовен преглед, зашто долг е списокот на пропуштените, но знам дека сум на добар пат. Мислев оваа црна, ризична епизода да ја заборавам, да се молам на најдоброто и веќе никогаш да не ја повторам. Но мислам дека бар една жена можеби ќе се пронајде заглавена во истиот црн круг на негрижа, па сакав барем малку да се чувствува подобро. И да секоја грижа за сопственото здравје започнува со добра мисла и мирна совест, па затоа не заборавајте да се борите за тоа секој ден.