Личните искуства на едно мало дете и предизвиците на еден возрасен човек
Јован Јосифовски првпат го претставивме на нашата платформа portret.digital како уметник и моден илустратор по колоритните илустрации од колаж што го задржуваат вниманието, бидејќи се необични, оригинални и полни со боја, приказни и мешавина од лица. Неодамна Јован ја издаде својата прва книга „I used to be a lovely boy but turned out queer – an archive of personal belongings“ (Бев прекрасно момче кое всушност е квир – архива на лични работи), која ја претстави на изложбата „Will you tell them?“(Ќе им кажеш ли?), каде што авторот, преку фотографии од семејни албуми, домашни телефонски именици и лични предмети, ги интерпретира своите искуства, како и поимот квир. Главната основа на која Јован ги поврзува сите елементи во книгата и го поставува своето истражување е јазикот, поточно начинот на кој се кажуваат работите и како нашата перцепција за нештата се менува преку јазичните формулации. Така, книгата составена од четири поглавја нè носи низ четири различни варијации на читање на темата, дури и кога се работи за чиста визуелна информација. Насловот на изложбата „Will you tell them?“ е истовремено и наслов на последното поглавје на книгата. Со него поразговаравме околу книгата, инспирацијата и формата на создавање.
Во книгата „I used to be a lovely boy but turned out queer – an archive of personal belongings“ на специфичен начин преку спомени од фотоалбуми од детството, лични работи и домашни телефонски именици го интерпретирате зборот квир. Како дојдовте до идејата и до реализацијата за оваа книга?
Со Марија и Ико од „Privateprint“ се договоривме да направиме интервју во нивното студио. Претходно немавме никаков договор за книга или изложба. Како привршуваше интервјуто, така Ико ја нафрли идејата и почнавме дискусија за соработка. Првенствено, концептот беше да се изработи книга со модни илустрации, но во практиката концептот и материјалот заминаа во комплетно друга насока. Почнав да работам на тема што претходно беше минимално обликувана низ стерилни цртежи и скици, во текот на процесот ја отфрлив таа естетика и почнав поинаку да го комплетирам потребниот материјал.
Како изгледаше да се раскаже вашето лично искуство, дали се соочивте со одредени предизвици? Како се одвиваше целиот процес на создавање на делото?
Беше предизвик затоа што ова е премногу личен проект. За да се постигне комплетна автентичност сакав да работам во мојата некогашна детска соба во домот каде што живеев порано, заминав таму за да работам на поголемиот дел од материјалот. Секако дека на гледачот тоа му е непознато, но за мене имаше особена важност. По првпат, по предлог на „Privateprint“, почнав да пишувам на поинаков начин, односно да ги објаснам делата низ атипичен и неформален текст, а тие забележаа дека е присутен во мала доза кај првите дела и ме охрабрија да напишам нешто со поголема содржина. На почетокот бев скептичен околу текстуалниот момент, но тој стана карактеристика на проектот. Со „Privateprint“ одржувам комуникација и повторно треба да се сретнеме. Тоа потврдува дека соработката не беше ништо друго освен фантастична. Излегуваат во пресрет во секое време за многу работи поврзани со дејноста. Тоа зборува за нивото на професионалност и за третманот кон своите автори.
По повод книгата следуваше и изложбата „Will you tell them“, каде што визуелно беше претставена книгата и вашиот пат на создавање, перцепција на поимот квир. Каква е вашата перцепција кон поимот квир, што точно чувствувате за време на создавањето на делото и изложбата?
Оваа книга и изложба се инспирирани од околината и секојдневието на едно дете кое многу рано разбира што чувствува, за свесноста на проблемите што следуваат. Од друга перспектива, тоа е книга за возрасен човек, кој уште се соочува со нив. Секако дека се пронајдов во секој сегмент, тоа беше првиот критериум.
Како растевте и се развивате во уметник, во моден илустратор? Што најмногу паметите од првите дела и колажи?
Со цртање не сум престанал никогаш. Фокусот секогаш бил таму, затоа што сум бил свесен за интересот што го предизвикува. Секако дека цртежот денес сам по себе може да биде и здодевен медиум, но своевремено бил единствен начин за да покажам способност и интерес за одредена категорија. Интересот за моден дизајн е паралелен, а доколку се разгледаат детските цртежи, акцентот секогаш паѓа на облеката, но и модната илустрација станува на некој начин здодевна, статична. Мислам дека е време за поинаква реализација.
Колку уметничката сцена во Македонија нуди простор за различен тип уметници, за квир-уметноста, колку сметате дека е препознаена и ценета?
Ќе кажам дека уметничката сцена останува во криза, не постои ни минорна селекција. Не сум доволно искусен за да дадам посуштински одговор. Можеби пропуштам нешто, но од понуденото ми се допаѓа многу малку. А додека сме кај квир-уметноста, мислам дека во осумдесеттите ја гледале повеќе од тоа што ние ја гледаме денес. Да не постојат денешните фестивали не знам дали ќе ја видиме воопшто. Имаме фантастични уметници, но не сум сигурен дека седат во првиот ред.
Во едно интервју за portret.digital ве прашав, што би нацртале или смениле во Скопје и добив многу интересен одговор. Па, сега, повторно слично прашање по неколку години… Што е за вас Скопје и како вие визуелно би го претставиле градот, што му недостига, по што е впечатлив?
Попрво би одговорил што не му недостига, мислам дека не се смениле многу работи оттогаш. Но, нема да се задржуваме на тоа, на повеќето треба да ни биде јасно дека оптимизмот не е доволен сам по себе, нема да се смени ништо доколку седам дома и сум оптимистичен, напротив. Повторно ќе ја споменам селекцијата, тоа е првиот и најголем дефицит. Би сакал градот да изгледа контрастно од тоа како изгледа во суштина, но можеби е доцна. Сите тие мурали нема да ја спасат естетиката што граничи со лудило и, последно, да се има поголема доверба во младите, it’s about time.
Каква уметност сакате да гледате, од што се инспирирате, дали следите некои уметници на кои особено им се восхитувате?
Во последно повеќе ме интересира перформативната уметност, на пример уметноста на Ву Цанг. Немам константен омилен уметник или уметничко дело, но често се навраќам на Френсис Бејкон. Често читам биографии на уметници, актери и писатели, тоа ми е хоби. За мојата инспирација е многу едноставно, малку работи ми се инспиративни, не се инспирирам од сè наоколу и во моментов работам на нешто ново.