Таа неодамна го објави својот дебитантски сингл и спот во којшто се вљубивме од прва. Посветеноста, љубовта кон музиката и естетиката се наѕираат буквално во секој аспект од овој проект. Истражувањето и спојот на повеќе музички стилови како џез, латино и r’n’b/соул, во комбинација со локациите од спотот и нежниот танц на француските танчари Егзосе Касонго и Астан Маер го заслужуваат целото наше внимание.
Катерина е Македонка која живее и работи во Берлин, работи како музички регрутер и менаџер и во исто време го подготвува својот краток деби албум.
Кога размислуваш за твојата музика, кои планови за иднината најмногу те возбудуваат? Како 2020 се покажа досега?
Најмногу ме возбудува создавањето нов материјал и интерпретацијата на постоечкиот. Во моментов го планирам својот трет музички спот и барам начини како да го реализирам.
Исто како создавањето на нови композиции и снимки, настапот во живо е создавање на еден нов и единствен момент и уникатно доживување, така да многу сум возбудена за да настапувам во живо.
2020 досега се покажа супер, го објавив мојот прв спот кој наиде на огромна поддршка! Работев неколку месеци на целата продукција и 2020 ја почнав со силна и свежа енергија и мотивација.
Имам среќа што бев спремна со материјалот пред да дојде моменталната криза, но и сегашната ситуација ја користам за понатамошни подготовки.
Дали го памeтиш моментот кога препозна дека сакаш да се занимаваш со музика? Што е она што ти беше најголем мотив, а што најголем противник?
Се сеќавам точно на моментот кога сфатив дека морам да се занимавам со музика професионално. Спонтано настапувајќи покрај едно езеро во Берлин, почувствував некоја возвишена енергија која на некој шамански начин ми кажа дека ова што го правам во моментов ме прави толку исполнета, среќна и самоуверена, што не смеам никако да го игнорирам. Во тој момент решив дека на било кој начин ќе работам со музика, бидејќи не можам ништо друго да си замислам како главна дејност.
Најголем предизвик за целосна посвета на создавање сопствена музика ми е распоредот на време. Творечкиот процес може да биде доста скап, а како независна авторка морам да работам на други проекти за да си дозволам да снимам на нивото на квалитет кое си го поставив за стандард. Исто така предизвик ми е тоа што немам никакво музичко образование и сум потполно самоука, така да често морам да импровизирам за да им објаснам на музичарите што е тоа што ми се врти во глава 🙂
Дали твоето родно место и потекло имаат влијание на тоа каква музика сакаш да слушаш и да создаваш?
Родена сум во Охрид и тоа има апсолутно влијание на начинот на којшто примам естетика и творам. Тешко ми е да доловам со зборови, но мислам дека природата и магичната енергија на Охрид уште од мала ми поставија некои стандарди за вредност и квалитет.
Жанровски гледано, уште од најмала возраст бев заинтересирана за „западна“ музика (поп, р-н-б, хип-хоп), така да популарната музика од нашето поднебје не ми влијаеше баш на мојот вкус. Наши уметници кои ми влијаеле во моето музичко истражување се Есма Реџепова, Вања Лазарова, Дуке Бојаџиев, Катица Ѓаконовска, Бастион, Кирил Џајковски, Исмаил Лумановски, Перија, Чалгија Саунд Систем.
Како беше да се снима спот во 3 различни држави, колку беше вклучена во создавањето на спотот?
Снимавме на 5 локации во 3 држави и поминавме 5 граници. Снимавме 7 дена и бевме тим од 8 луѓе и две возила. Бев вклучена во скоро секој процес од снимањето и дел од моите обврски беа: возење 2.000 км, добивање дозвола за снимање од 5 државни институции од различни држави, кастинг, обезбедување сместување и храна за 8 луѓе, обезбедување летови од Берлин и Париз, планирање рута на возење (граници, патарини, зелени картони, осигурувања), одлука за стајлинг и фризура, дел од кореографијата, организирање тим на асистенти, камерман, монтажер, колор грејдер, опрема, ПР кампања, дистрибуција на дигитални платформи.
Многу сум благодарна на креативниот тим воден од сестра ми, Милена Виитман, која беше неверојатна режисерка и монтажерка и ми помогна на секој можен начин. Заедно со камерманот Владимир Димоски, нејзиниот школски другар од филмската академија во Прага, беа одлично дуо и имав целосна доверба за време на снимањето.
Танчерите Егзосе Касонго и Астан Маер се еден магичен пар што шират прекрасна енергија насекаде. Секаде бевме добредојдени и третирани како специјални гости.
Режисерката Ана Алексовска имаше клучна улога во целата продукција, од почеток до крај бавејќи се со многу административни постапки, а беше исто дел и од креативниот процес и скаутингот на локации.
Од проектов сите научивме дека како луѓе можеме МНОГУ да ги поместиме сопствените граници и да работиме паралелно во мешани дисциплини. Физичкиот и умствен напор кој сите ние го вложивме во ова дело нè натера да бидеме скромни, силни и решителни. Јас не знаев дека ќе успеам во мојата ситуација да финансирам ваков проект и да го оптимизирам толку, за да сепак биде возможен.
Дали TRIPPIN не подготвува за музичкиот правец што можеме да го очекуваме од тебе во иднина? Дали е тоа она во коешто најмногу се пронаоѓаш?
Да, песните што следуваат имаат слична постава на инструменти, иако се менува темпото и аранжманот доста. Има некои песни што имаат по-„клубски“ поп ритам, некои се со боса нова и госпел влијание, но генерално е задржан топлиот соул звук.
Со кој ефект што ќе го имаш врз луѓето би била најсреќна, што сакаш да постигнеш со твојата работа?
Би била најсреќна доколку некој ја слуша мојата музика за да негува некакво силно чувство и доколку слушателите можат да потонат во неа, знаејќи дека се на безбедно 🙂
Би била исто многу среќна долколку македонските девојчиња што сакаат да прават музика добијат пример за тоа дека се може!