Со сопственичката на гостинската куќа „Ранчо и Ванчо на Ката“ што е пример за успешен проект за развој на руралниот туризам во Македонија, разговаравме за предизвиците да се води ваква гостинска куќа, што е потребно да се „жртвува“ за да успее еден ваков вид на туристичка дејност. Катарина е дел од видеата на „Халкбанк-Иднината е светла“ и ни кажа што значи за една претприемачка приказна да има светла иднина.
За кратко време успеавте да донесете свежина во развојот на руралниот туризам во Македонија, да понудите поинакво дожувување за сите сетила. Што е најголем предизвик во тоа да се одржува место да се дава таква понуда на туристите како „Ранчо и Ванчо на Ката“?
Вложувањето во овој вид туризам е многу специфично: покрај основниот финансиски капитал неопходен за комплетна реставрација на сместувачки капацитет со кујна, фарма и разни други содржини, неопходна е добрата идеја и вложување во развој на содржините, квалитетот на услугата, маркетинг и дигитална продажба на глобалниот пазар, бидејќи најголем број од посетителите се всушност странци кои дознаваат за нас преку нашата веб-страница и глобалните платформи за сместување. Неопходно е и одлично менаџирање на понудата, на целиот капацитет, добро планирање на сите набавки, но и одржување на постојаниот висок квалитет на услугите на сите нивоа. За да се постигне сето ова набројано, потребно е претходно добро образование, како формално, така и практично и особено лична мотивација со одлука за постојан живот во таа рурална средина. Овој вид на бизнис не може да се менаџира од Скопје. Некој треба да го одржува целиот простор, да чисти, да ја готви и послужува храната, како и да спроведува различни активности со гостите кои тоа ќе го побараат. И на крајот, доколку имате деца кои се активни во образовниот систем на земјата, практично е многу тешко или невозможно едно младо семејство да го организира своето современо живеење во запоставените рурални средини во Македонија.
Најголем предизвик ми е како нашите рурални средини да се трансформираат налик на регионите Прованса, Тоскана, Умбриа… Ако Италија и Франција се едни од земјите со највисоки приходи во БДП од туристичкиот сектор, треба да се знае дека вистинскиот луксуз се нуди во овие руралните региони. Стари камени куќи и замоци реставрирани во традиционален стил, но со сиот луксуз на едно модерно живеење, опкружени со фини пејсажи кои доловуваат совршен мир на умот. Во просек на секои 500 м. има некаква услуга: сместување, храна и пијалоци, колачиња со кафе кои им служат за краток одмор на пешаците и велосипедистите … Нема две слични понуди, секое домаќинство нуди нешто свое, пршута, вино, сирење, кроасан, наследено знаење од баба и дедо. Точно дека овие услуги и не се така евтини, но се високо квалитетни. Ние сме сè уште неколку децении далеку од таквиот степен на развој, особено ако споредам какви понуди во руралните области веќе има во нашите соседни земји. Тоа е така заради две клучни причини: ниската финансиска моќ за инвестирање во селскиот туризам, иако, има услуги кои можат да се започнат и со релативно малку финансиски средства, а потоа да се надградуваат. Втората причина е „погрешниот“ менталитет на македонскиот народ, кој селото го доживува како нешто валкано, срамно и неугледно. И реално, да, нашите села се валкани и неуредни, но сигурно не е срамота да се живее во село, да се работи земјоделска или туристичка дејност во село. Тој код треба да се промени! Ако знаеме дека за да се привлечат луѓето да инвестираат во развој на бизнис во селата, неопходна е и далеку подобра инфраструктура, а дека менталитетот може да се менува на подобро само и само со добро осмислени едукативни програми, тогаш јасно е во кои правци треба да се движат општествено-политичките напори.
Кое е најголемото признание кое сте го добиле за вашата работа и во што вложувате најмногу?
Ми се случило во неколку наврати непознати лица да ми пријдат и да ме прашаат дали сум јас „онаа Ката“ при што изразиле голема поддршка и желба да не посетуваат во Оморани. Но, мислам дека јас сум многу посреќна од нив и од се срце им благодарам за нивниот пристап. На едно спиритуално ниво, тоа е најголемото признание кое го добивам, што пак дополнително ме мотивира да ја креирам светлата иднина со отворени очи. Бројните пораки и срциња кои ги добиваме на нашиот Instagram профил се уште едно признание кое ја негува мојата душа. Од материјалните признанија пак, особено бев почестена да бидам една од 10-те локални херои во промотивната кампања на „Халкбанк“ оваа година, што пак повторно влијаеше да фантазирам за развојот во следните десет години. Во септември добив и признание за „Промотор на руралниот туризам“ од здружението „Современо земјоделство“ од Битола, пропратено со неколку награди, поради што се почувствував уште посилно и помотивирано. Оваа година за прв пат почнав да работам и на развој на проектни апликации и искористување на можностите за техничка помош и соработка со разни фондови кои се активни во Македонија, како ИПАРД, УНДП, ФИТР и слично. Ќе видиме што од сето тоа ќе се реализира, но во секој случај, мојот живот ме научи дека покрај овој вид на „материјална работа“ односно дејствување на физичко ниво преку акција и делување (работа) ја добивам и онаа другата, многу важна поддршка од Вселената. Затоа човек, покрај вложувањето во материјалните нешта, за да бидат истите вдахновени и да водат кон успех, неопходно е да верува и во „светлата иднина“, во почитта кон природата и другите луѓе, и најважното, дека Вселената ќе се погрижи да ја реализира секоја силна желба, во вистинскиот момент (сетете се на „Алхемичарот“ од Пауло Коељо, која јас би ја ставила на пример на списокот на задолжителни лектири во средното образование).
Во видеото на „Халкбанк – Иднината е светла“ видовме една навистина инспиративна и успешна претприемачка приказна. Што е потребно за кај нас претприемачките приказни да имаат „светла иднина“?
Најнапред, неопходна е суштинска реформа во сите степени на воспитување и образование на идните генерации, почнувајќи од градинките па сè до универзитетско ниво. Тоа практично значи, наместо напорните за сфаќање теории и формули, диференцијали и сл. на кои најголем дел од нас повозрасните генерации повеќе воопшто не се сеќаваме, на определените часови по математика да се учи и вежба дел од економијата, како да се изработи бизнис план. На часовите по географија, всушност да се исфрлат теоретските непрактични содржини, а да се воведат проектни задачи за рурален развој (како да се подигне оранжерија, кои климатски, географски, социјални и други услови да се земат предвид за да се одлучи со каква земјоделска гранка може едно лице да се занимава. На часовите по биологија и хемија можат апсолутно да се исфрлат 50% од теоретските содржини, а наместо тоа да се воведат експериментални задачи за производство на етерично масло, козметички производи и разни прехранбени продукти. На часовите по мајчин јазик и разни уметности апсолутно мора да се исфрлат 40% од теоретските содржини а да се воведат практични содржини со креирање на дигитални профили (содржина, текст за производ, оглас), изработка на дигитални претставувања со соодветни музички и дизајнерски сегменти. Може да се вежба изработка на модни дизајни, модни додатоци, дизајнирање на мебел, да не зборувам за експериментирање со новите дигитални технологии. Наставничкиот кадар мора да прифати дека или континуирано ќе се усовршува и соодветно ќе го менува воспитно-образовниот процес и тоа од година во година, или треба да си го сменат работното место после 5 години: тие сè уште сакаат да ги користат истите учебници 20-тина години по ред, со истите зборови, истите предавања, истиот конзервативен начин на „испрашување“! Без ваква драстична реформа во образованието, ние сè уште ќе цупкаме во 19-от век, одејќи на пазар со магаре, наместо дронови да ни ја доставуваат храната дома, макар и во село. Како Македонија да живее еден сосема друг, паралелен универзум, затворена во сопственото незнаење и недостаток на волја да се придвижиме кон технолошките новитети кои молскавично се шират во другите делови од истиов свет. Варварски е, на било каков, и најмал новитет, луѓето овде да реагираат со некултурни критики, негативни оценки и проценки за неуспех. Сплотувањето на нацијата за еден добар, економски развој, почнува, меѓу другото, и во образовниот систем.
Ретките поединци кои ќе успеат да се издвојат од ваквото затапено и омаено општество, всушност, да бидеме искрени, само физички живеат во ова секојдневие. Но, нивните мисли, идеи, визии се во друг свет, ја гледаат „светлата иднина“. Обичните луѓе, со стекнати дипломи во нашиот образовен систем ќе гледаат низа пречки за да создадат нешто, да тргнат по сопствениот животен пат, па поради личните ограничувања и предрасуди наметнати од домашното традиционално (феудално) воспитување постепено ќе почнат да кукаат над својата судбина и клучни фактори на нивниот неуспех ќе станат „државата“, „колегите и алчните газди“, „политичарите“ итн. Но, ретките поединци имаат сосема поинаков пристап. Тие не гледаат „пречки“ туку во својата фантазија (визијата) можат да создадат нешта кои не постојат во материјалниот свет кој ги опкружува. Во реалниот живот, тие се посветуваат на конкретните чекори и преземаат акции за да ја реализираат практично таа своја визија. За нив, иднината е речиси секогаш светла. Најголемиот број од овие поединци, ја постигнуваат таа своја визија во објективниот, реален свет.
Колку повеќе воспитно-образовниот процес ќе делува на мотивацијата, поттикот, самоиницијативноста, креативноста и солидарноста кај децата и младите луѓе, толку ќе се зголемува и бројот на луѓето со вакви вештини, па и иднината ќе биде посветла за општеството.
Што значи за вас учеството во оваа кампања и колку соработката со „Халкбанк“ ви помогна во промовирањето и развивањето на бизнисот воопшто?
Прво, поканата за учество во оваа кампања ја примив многу лично, со силни емоции и радост. Ретки се моментите во животот, кога еден човек може да се израдува до тој степен, или барем јас така мислам (зависи кој на што се радува 😊). Ако пред 10-тина години претежно добивав реакции од луѓето кога раскажував за мојата идеја од типот неверување, песимизам, глупост, итн. денес е сосема обратно. Просечните луѓе всушност не можат да замислат некоја поинаква визија, а уште помалку да ја реализираат со сопствената волја и работа. Затоа и верувањето во својата визија без оглед на (не)прифатеноста од околината е предуслов за сопствениот развој, наместо тапкање во место. Со „Халкбанк“ воспоставивме и дополнителна комуникација, во смисла на поддршка за обезбедување на кредитна можност за реализација на новите проекти, што е пак многу важно за поддршка на малите, а иновативни или семејни бизниси во нашата земја на кои им е неопходен почетниот капитал за инвестирање во сопствената визија. За свој личен напредок го сметам и токму тој чекор: охрабрување и надминување на сопствениот страв за влегување во кредитен „ризик“ за проширување на бизнисот. Сфатив дека тоа воопшто не е страшно, доколку целата идеја се базира на квалитет, добра и објективна проценка, желба за работа. Мило ми е што „Халкбанк“ ги препознава овие особини кај клиентите.
Сметате ли дека со соодветна поддршка и одржлива идеја во Македонија има можност за уште поголем развој на руралниот туризам и што би донело тоа за туристите и за претприемачите?
Апсолутно, ДА. Често пати добивам слични прашања, како од поединци кои гледајќи го мојот бизнис имаат идеја да отпочнат нешто слично, или пак од професионалци во областа на туризмот и руралниот развој, воопшто. На овие првите, им порачувам дека првата одлука што треба да ја донесат е дали би живееле, барем неколку месеци во годината, во рурална средина и би работеле туризам/угостителство, по што најголемиот број веднаш се откажува. Да се напушти комфорниот, урбан стил на живеење во Скопје и отпочнување на активности во рурална средина во Македонија, за многумина претставува ужасна замисла. Ако веќе треба да се живее и заработува приход надвор од Скопје, повеќето „светлата иднина“ ја гледаат во некоја добро развиена капиталистичка земја. А тоа е токму поради неможноста луѓето да ги надминат сопствените предрасуди и ограничени сфаќања за „слободата на движење и живеење“.
Со оглед на фактот што тековните жители во руралните средини всушност немаат ниво на образование кое е неопходно за развивање на било каков туристичко-угостителски бизнис, и ниту една институција (општина, Центар за образование на возрасни, Министерство за труд и социјална политика, итн.) не посветува ни ронка напор за практична преквалификација на овие луѓе, јасно е зошто понудата за рурален туризам во земјава е на катастрофално ниско ниво, и во квантитет и во квалитет. Идејата рурален туризам е една од најодржливите економско-развојни идеи во светот, но успева во оние дестинации каде покрај капацитетот на луѓето, општествените институции и бизнис секторот задолжително ја даваат својата поддршка преку разни иницијативи: едукација за преквалификација на локалното население, менторска работа, грант субвенции за почетна инвестиција и особено соодветна инфраструктура од државата со цел обезбедување на потребниот квалитет на живот на луѓето во руралните средини. Без последново во нашата земја, луѓето само ќе сонуваат за проекти од типот „Скопје 2014“ кои ќе бидат претставувани, меѓу другото, и како проекти за развој на туризмот.