Од неодамна Zara Home, популарниот high street шпански бренд за уредување на домот е достапен и кај нас во трговскиот центар East Gate Mall. Во своите колекции секогаш нуди актуелна декорација, додатоци и мебел кои раскажуваат приказна за просторот. Во најновата есен/зима 2021 колекција ни претставува една суптилна и елегантна рустичност. Преовладуваат бело-млечни тонови, неутрални бои кои се движат од беж, окер, теракота, кафена и имаат природни завршници. Од Ателје Проектинг издвоија дел од производите кои може да најдат место во секој дом.
ВАЗНИ И САДОВИ
Вазните имаат дизајн кој црпи инсипрација од минатото, но може да се забележат инспирации од различни периоди. Вазните имаат различни форми органски, неправилни, форма на бокал, амфора и слично. Дел од нив се со рустичен изглед кој асоцира на антички садови, изработени од глина, емајл, керамика и камен. Секое од парчињата изработени од глина се уникатни заради начинот на изработка. Имаат необработена рустична завршница, се познава текстурата на материјалот, пукнатините и други неправилности кои придонесуваат за автентичност на предметите. Другиот тип на вазни заради колоритноста и формите потсеќа на ретро дизајнот од 60-тите години. Тие се изработени од обично стакло, кристално стакло или стакло во боја.
ПОСТЕЛНИНА И УКРАСНИ ПЕРНИЦИ
Постелнините и навлаките за перници се изработени од памук или лен. Палетата на бои која се користи е наутрална и преовладуваат бели, беж и пастелни тонови на зелена, жолта, розова и сина боја. Застапени се линиски дезени, различни цветни дезени, и еднобоен текстил со изразена текстура. Шарите се романтични, потсеќаат на старинските спални соби. Детските постелнини исто така се со винтиџ естетика, дури и ликовите од Дизни кога се употребени како илустрација се со пастелни бои и избледен изглед.
ДЕКОРАЦИЈА
Во колекцијата како предмети за декорација среќаваме рамки за слики, садови за овошје, послужавници, свеќници, огледала. Рамките за слики се едноставни најчесто изработени од метал и стакло. Има неколку едноставни дизајни кои овозможуваат да доминира убавината на фотографијата. Послужавниците се изработени најчесто од обично и огледално стакло. Имаат ретро изглед и се совршено надополнување на секоја дневна соба. Како и во целата колекција и во декоративните предмети доминира носталгична рустичност која никогаш не изгледа наметнато, туку спонтано и природно.