Предизвиците од пандемијата на Ковид 19 буквално го сменија принципот на досегашните организации на светските модни ревии. Па така модните шоуа што се одржуваа со голем број гости како и манекенки и манекени од секаде низ светот дефилирајќи со големиот број парчиња на дизајнерите се претворија во социјално дистанцирани настани, внимателно организирани, па дури и виртуелни и дигитални доживувања. Поразговаравме со три наши дизајнерки Ирина Тошева, Евгенија Зафировска и Теодора Митровска за тоа дали сметаат дека ваквиот принцип ќе продолжи или откако ќе заврши пандемијата повторно ќе се врати модниот свет на старите начини.
Ирина Тошева: „Модата е медиум на сетила“
Фотографија: Ерина Богоева
„На модните недели за пролет 2021 видовме претпазлив микс на социјално дистанцирани настани, целосно дигитални презентации, но и „phygital“ искуства, поврзувајќи ги виртуелното и вистинското. VR и 3D технологиите даваат многу можности дизајнерите да ги претстават своите приказни и фантазии дигитално, правејќи ги и подостапни за следење од пошироката јавност, но заклучокот е дека не се долгорочен одговор. Екранот нема никогаш да го долови она чувство на возбуда при следење на ревија во живо. Модата е медиум на сетила, сакаш да ги видиш одблизу боите и текстурите, да видиш како „паѓа“ материјалот, па дури и да го допреш. Купувачите очигледно и се сложуваат, затоа што и покрај ситуацијата 80% од плаќањата на глобално ниво се сè уште во физички продавници, а не онлајн. Во однос на тоа околу одржливиот начин на креирање облека првите резултати веќе и ги гледаме. Голем дел од светските дизајнерски имиња изјавија дека ќе го намалат бројот на колекции на годишно ниво, ќе се посветат на создавање безсезонски парчиња и помали колекции. Дел ги искористија останатите материјали од минати сезони, наместо набавувајќи нови, а голем дел ја сфатија и важноста на локалното производство. Со сето ова убедена сум дека одржливоста станува многу повеќе од една капсулна колекција за „еко маркетинг“ туку бизнис модел на функционирање.
Модниот викенд Скопје веднаш се прилагоди на новите услови. Видовме две успешни изданија, едно дигитално пролетва и есенското преку „привремен бутик“ (pop up store) за поддршка на македонската мода. Искрено се надевам дека и во иднина ќе гледаме преплет од трите медиуми во една сезона, според концептот на дизајнерите. Пандемијата освен што си поигра со датумите на дел од моите планови, не донесе големи промени. Планот за оваа година ми беше да ја презентирам колекцијата дигитално и продавам онлајн, пред воопшто да знам што нè чека. На момент ми фали подлабоката интеракција со клиентите, но тие мигови ги користам за едукација и следење на сите работи за кои обично немам доволно време. Шоуто мора да продолжи, само побавно и поодржливо!“
Евгенија Зафировска: „Стариот систем ќе еродира, индустријата ќе стане повеќеслојна и пофлексибилна“
Фотографија: Frozen Time Drops Photography
„Многу брендови дефинитивно ќе продолжат со шоу, модни ревии кои за нив се алатка за комуникација. Креативноста на модната индустрија преку оригинална – онлајн содржина е само привремено решение сè додека не се променат правилата за социјално дистанцирање и ограничувањата на патувањето. Не се исклучува и можноста интернет-стриминг на модни ревии и политиката „без гости“ да станат новото нормално. Едно е сигурно стариот систем ќе еродира, индустријата ќе стане повеќеслојна и пофлексибилна.
Модната индустрија произведува околу 1,2 милијарди тони емисии на јаглерод годишно и веќе некое време е под огромен притисок да стане поодржлива. За одржливоста и модната индустрија се дискутира веќе подолго време, ова не е ништо ново, но оваа ситуација очигледно е одличен забрзувач. Пандемијата го забрза ангажманот на модната индустрија со дигиталната технологија и пристапот кон одржливоста и градењето на одговорни бизниси. Ова е можност за сите нас да ги преиспитаме нашите вредности, да размислиме за отпадот, потрошувачката и вишокот што веќе го имаме и дополнително го создаваме. Треба да размислиме за што навистина се залага оваа индустрија, бидејќи дизајнот на еден начин е креативно решение на проблемите во општеството.
Негувањето на етичката мода, рециклирањето и изработувањето без отпадоци, за мене е совршенство при дизајнирањето. Филозофијата на брендот EZ е понуда на дизајн кој е безвременски, континуиран и носи порака. Практичен, но сепак современ, што го рефлектира нашето време. Со промените се пренасочив многу повеќе кон дигиталната форма која е поволна за многу независни брендови. Модата трпи промени, реагира, се приспособува и ја докажува својата еластичност. Модната недела кај нас и во светот доби друга димензија. Ние дизајнерите одвоивме време да се вратиме чекор назад, да разбереме и да апсорбираме што се случува. Mногумина почнаа да размислуваат поинаку, локално и одржливо. Промена дефинитивно се случи. Во Љубљана модната недела се одвиваше поразлично и подолго од вообичаеното. Модно шоу под маски, со сите правила за социјално дистанцирање. И покрај финансиските оптоварувања, желбата за модно парче нема да згасне.“
Теодора Митровска: „Самиот термин одржлива тотално го има изгубено своето вистинско значење“
„Пред сè би рекла дека да се зборува за блиска или далечна иднина во овие услови е излишно. Како што сме свесни, нештата се менуваат од ден во ден и нешто што се чини сосема логично или извесно денес може да биде тотално невозможно за неколку месеци. Како и да е, да, како што изгледаат работите во моментов ќе гледаме уште многу измени во начинот на презентација на модните недели. Дигитализација секаде каде што е возможна – од дигитални/ онлајн презентации преку видеа до дигитална облека.
Во однос на тоа дали повеќе ќе се осврнат брендовите кон одржливиот начин на организирање и креирање на модните парчиња мислам дека одговорот е не . Пред сè, самиот термин одржлива тотално го има изгубено своето вистинско значење и е само еден buzz word кој го користи и расфрла кој ќе стигне. Има многу да се дискутира околу тоа што е навистина одржливо. Впрочем модата по својата природа е не-одржлива бидејќи се базира на константно производство на производи. Дури и кога ова производство е циркуларно, преку рециклажа или реупотреба, истото бара трошење на енергија, ресурси, хемикалии. Да не зборуваме за етичко третирање на работната сила, кое исто така е дел од произведување одржлива облека, а е загрижувачки нерегулирано. Сето ова бара екстра енергија, големи финансиски средства и долги процеси на изработка. Во ситуација кога сите сектори се борат со финансиските удари нанесени од пандемијата, верувам дека во фокусот на секој бренд е воспоставување на нова финансиска стабилност што побрзо и едноставно, а одржливата мода не го овозможува тоа.
Секако, забележуваме дека колекциите последниве две сезони се смалија, многу брендови прикажаа само една наместо две сезони, а беше застапено и користење на стари залихи на материјали наместо набавка на нови. Како и да е, ниеден од овие методи не е економски одржлив, а знаеме дека во пандемија или не, парите се пред сè, во ова капиталистичко општество.
Мојата најнова колекција The ‘Post’ Collection почнав да ја работам пред пандемијата со идеја да црпам инспирација од поштата и сè поврзано околу неа (од поштари, до пратки, пакети, писма, поштенски марки) при што предизвик ми беше да изработам облека токму од материјалите кои се користат за пакување на пратки. По некоја случајност, ова се покажа како мноу соодветен концепт за пандемијата во која се наоѓаме – поштарите и куририте како едни од неопходните работници, зголемување на онлајн нарачки, а со тоа и отпад од пакувања… Во однос на начинот на работа на брендот, пандемијата немаше некое големо влијание. Најголемиот дел од колекциите ги изработувам од моето студио, не увезувам материјали или работна сила, материјалите ги набавувам локално така што го имав луксузот во овие тешки времиња да продолжам со својата работа како и порано.“