Чили кон карне (Chili con carne) или скратено чили е јадење кое потекнува од реонот околу Северно Мексико и Јужен Тексас. Името во буквален превод значи „чили со месо“ и сосема верно ја опишува неговата суштина – вариво, односно манџа, со чили пиперчиња и месо како главни состојки. Чили пиперчињата можат да се употребат свежи но и како зачин во прав. Многу често содржи и кумин, зачин кој исто така е специфичен и карактеристичен за мексиканската кујна.
Вегетаријанската верзија, позната како chili sin carne и chili non carne, добива на популарност во 60-тите 70-тите години од 20 век со ширењето на вегетаријанизмот во САД. Протеините од месото се надоместуваат со разни зрна од мешунки, тофу сирење, печурки, пченка, киноа, компири и слично.
Овој рецепт за чили е со медитерански шмек: наут и црвен грав како извор на протеини, многу свеж магдонос и сочна блага црвена пиперка. Начинот на подготовка е многу лесен и брз и го има потенцијалот да ви стане омилениот топол оброк кога немате многу време, а ви треба нешто хранливо и не сакате да правите компромиси со вкусот.
Потребни состојки за 3-4 порции:
- 1-2 лажици маслиново масло
- 1 голема главица кромид, ситно сецкано
- 1 голема или 2 помали благи црвени пиперки (или бабури)
- 3 чешниња лук, ситно сецкано
- 1 конзерва (400 мл) црвен грав, измиен и процеден
- 1 конзерва (400 мл) наут, измиен и процеден
- 400 мл доматен сос или пасирани конзервирани домати
- 1-2 свежи чили пиперчиња (ситно сецкани) – за полуто, повеќе или 1 лажичка чили во прав
- 1 лажичка (со куп) кумин
- 2-3 лажици темен мусковадо шеќер
- 1/2 китка магдонос
- Сол и бибер по желба
- 200гр ориз (долгозрнест: басмати, јасмин,…)
- 150мл грчки јоурт или павлака
Подготовка:
- Загрејте го маслото во тава за пржење на рингла и на средна температура пропржете го исецканиот кромид додека не стане проѕирен. Додадете ги и пиперките исечени на ленти и пржете ги заедно 5-6 минути.
- Додадете го исечканиот лук, зачините и свежото чили (доколку користите) да се пропржат 1-2 минути. Лукот и зачините не се ставаат на самиот почеток од пржењето за да не изгорат.
- Потоа додадете го доманиот сос, црвениот грав и наутот и оставете ги да крчкаат 15-20 минути. Повремено промешувајте и додавајте го постепено шеќерот. Додадете и малку вода – околу 1/2 чаша (може да го исплакнете садот од доматното пире и да ги искористите и последните траги) и сол и бибер по желба. Пред крајот додадете го свежиот магдонос, исецкан или искинат на ливчиња (оставете неколку за декорација).
- Во меѓувреме сварете го оризот согласно упатствата на пакувењето. Користете долгозрнест ориз како басмати или јасмин кои природно содржат помалку скроб и се погодни за комбинирање со сосови и варива.
- Готовото чили послужете го врз подлога од сварен ориз, со полна лажица грчки јогурт или павлака и ливчиња од свеж магоднос.
Доколку направите поголема количина, остатокот може да го замрзнете и да го загреете на тавче пред конзумирање.
Освен како главно јадење за ручек или вечера, ова чили одлично ќе се вклопи и во мезе чинија со чипс од тортиљи или во начос чипс порција.
Добар апетит!