Кога се во прашање производите за нега на кожата веќе сме длабоко навлезени во проблематиката на органската, веганската или природната козметика. Но, како точно да препознаеме вистински органски производ од светот на убавината, а да не потпаднеме под маркетиншките трикови на компаниите што лажно промовираат „зелени“ производи?
Разликувајте ги природната, органската и веганската козметика
Едноставно, природна козметика значи дека состојките доаѓаат од природата, но тоа не значи дека тие се одгледувани без штетни пестициди. Ако производот е органски, тоа значи дека е сосема без вештачки состојки, пестициди, хормони и други адитиви. Вегански значи дека производот е без состојки од животинско потекло, што значи дека не треба да има пчелин восок, што не спаѓа во веганска козметика.
Сто проценти органско – што е тоа?
Некои производи не можат да бидат органски, на пример, солта, водата и глината затоа што тие не се фармерски култури, не можат да бидат сертифицирани како органски. Сепак, во сертифициран органски крем за лице со вода или глина, тоа би значело дека нема непотребни и штетни состојки во нив. Од друга страна, важно е да се внимава со органската козметика, бидејќи, иако органските состојки се тренд, сепак не значи дека нема да предизвикаат непријатности на кожата, зашто некои од продуктите на природата можат да бидат причина за голем број воспалителни процеси.
На кои логоа може да им се верува?
ПЕТА (PETA)
Зајачето на ПЕТА е ознака на производите што не тестираат на животни, ниту, пак, користат состојки или формули тестирани на животни.
Зајачето што скока (Leaping Bunny)
Ова лого означува дека компанијата и нивните снабдувачи со состојки не вршат тестирање на животни. Но, исто така значи дека се согласуваат да бидат проверени и ревидирани секои три години од независен проценувач.
Веганското друштво (The Vegan Society)
Ова значи две работи – дека производот не содржи ниедна состојка од животинско потекло и дека не е тестира на животни од брендот или снабдувачот.
Асоцијација на почва (COSMOS)
Ако ова лого е на вашиот шампон или серум, тоа значи неколку работи – не е тестиран на животни, формулата е од состојки од органско потекло, што значи без ГМО, контроверзни хемикалии, парабени, фталати, синтетички бои и мириси. Ова е дефинитивно добитното лого за органски производ!