Доан Акити е самоук фотограф и видеограф со седиште во Скопје. Покрај професионалниот ангажман во областа на фотографија и видеографија на настани, општата насока на работниот опус му е составен од уметнички израз во создавање на концептуална визуелна уметност во духот на минимализмот, максимализмот, експресионизмот и натурализмот во пејзажната и портретната фотографија. Себеси се смета за хуманист и човек кој што ги сака луѓето, без разлика на надворешните карактеристики.
Почнав да фотографирам… На крајот на 2015-та, почеток на 2016-та година.
Прва фотографија ми беше… Не можам да се сетам точно на првата фотографија, но во периодот кога го купив својот прв фотоапарат, најмногу сакав да фотографирам симетрични детали и необични текстури, кои ги забележував во архитектурата.
Се инспирирам од… Инспирацијата ја црпам од сите значајни информации, што мене ме обликувале како личност низ мојот живот. Исто така околината во која живеам, како и сите правци на уметност што ги следам.Инспирација може да се црпи од сè околу нас,но како најзначајна во развивањето на мојата визуелна перцепција можам да ја издвојам музиката која ја слушам постојано.
За мене фотографијата значи… За мене значи живот, а животот е полн со убави и не толку убави нешта. Некогаш животот ми е убав пејзаж, понекогаш зајдисонце, а пак некогаш портрет на тажна, среќна, исплашена или осамена личност.
Фотографи кои редовно ги следам… Jimmy Nelson, Weronika Izdebska, Michael Schlegel, Sebastião Salgado, Hengki Koentjoro и многу други.
Неостварена желба ми е… Свет без граници во кој ќе можам слободно да се движам, само со еден личен документ.
Преку Инстаграм фотографијата ја претставувам… Најчесто го претставувам моето секојдневие и сцените кои мене ми будат некаква емоција.
Омилено место за фотографирање во Скопје ми е… Одамна немам некое посебно омилено место за фотографирање во Скопје, но сите бруталистички објекти можам да ги издвојам како омилени места.