Априлскиот број на магазинот Vogue Italia осамна со бела насловна страница и моќна порака од уредничката структура: „ Во својата долга историја на издавање која се протега повеќе од сто години, ние поминавме низ војни, кризи, терористички акти. Благородна е нашата позиција, да не прифаќаме поинаков пристап на работите и секогаш да е исклучена можноста да се предадеме. Имавме во план поинакво издание, но да се зборува за било што друго додека луѓето умираат, лекарите и медицинскиот персонал ги ризикуваат своите животи, а светот се менува засекогаш, едноставно не е ДНК на Vogue Italia. Соодветно на тоа, ги тргнавме на страна сите наши планови за априлското издание и почнавме од нула. Одлуката да испечатиме целосно бела насловна страница не дојде како резултат на ненаоѓање соодветна фотографија, напротив од спротивни причини. Белата боја означува многу работи во исто време. Белата боја означува почит, повторно раѓање, светлина по темнина, збир на сите бои. Бела е бојата на униформите на докторите и другите медицинскси лица, што се борат за нас. Бела боја за сите оние што го исполнуваат ова празно време и простор со идеи, мисли, приказни, стихови, музика и грижа за другите. Пред сè белата боја не означува предавање, туку празен лист што чека да се напише. Ова е насловна страница на приказна што сега ќе започне.“
Уредникот на магазинот Emanuele Farneti нагласува дека неколку работи особено им биле важни да се нагласат со ваквото издание: прво да се замисли животот по пандемијата и на него да се гледа без самосожалување, второ да се собере заедницата на уметници заглавени дома, да почнат да размислуваат и креираат нов свет, воден од убави нешта со трајни вредности. Трето да се сработи предизвикот да се создаде издание во вакви услови, кое засекогаш ќе остане во историјата на издаваштвото со целосно бела насловна страница.
Многу модни работници сметаат дека можеби пандемијата Ковид -19 е најгрубо освестување за сите инволвирани во модната индустрија. Неодамна Giorgio Armani изјави дека внимателното и паметно забавување на сè поврзано со модата, можеби е единствениот излез од кризата. Секако тоа би придонело во подобрување на целиот впечаток што се остава во трката по модни трендови, непрекината испорака, врескави социјални медиуми. А тоа е грдата слика на модната индустрија, користењето на неразградувачки материјали, експлоатирањето на работната рака и целосна исцрпеност на заедницата. Токму поради ова многу модни редакции се приклучија кон глобалната потреба од промени во модниот свет, а белата насловна страница на „Vogue Italia“ ќе остане убаво сведоштво, еден момент од кој започнал еден нов моден свет, со многу помоќни пораки од минатиот.