Изложбата „Сè што ни е заедничко“ (Sa so si amenge jekhethane/All That We Have in Common) е организирана во рамки на 14. Европско номадско биенале за современа уметност – Манифеста и е отворена во Музејот на современата уметност – Скопје до 20 февруари. Оваа меѓународна изложба се најде и на светската платформа Frieze за современa уметност, објавија од музејот на социјалните мрежи.
„Напишана на три јазици, реченицата „Ништо за нас без нас“ се издвојува од жолт постер на влезот на изложбата „Сè што ни е заедничко“. Изработен од арт колективот Roma Jam Session, ова дело е едно од петте типографски дела на транснационалниот арт колектив како дел од проектот од 2021 година „Отворена Ромска култура“ која го адресира недостигот и отсутноста на ромската визуелна култура во европската историја на уметност, музеите и архивите. Делото е соодветен почеток на групната изложба која ги истражува прашањата на маргиналноста, општественото исклучување и бришењето на ромските заедници во разните европски политички контексти. „Сè што ни е заедничко“ го отвара комплексниот универзум на ромскиот разновиден идентитет, што дава можност да се опфати различноста – витална во земја како Северна Македонија“, пишуваат во статијата на Frieze.
Изложбата нуди можност преку различни прашања во однос на идентитетските политики со кои се занимаваат уметниците Роми, да се изедначат различни општествено-политички гласови и начини на делување во јавната сфера, давајќи видливост на теми кои се исклучени од доминантниот политички дискурс или се сметаат за неподобни во однос на етнонарцизмот и националните фетиши.
Оттука, „Сè што ни е заедничко“ се однесува на дела кои воведуваат еквивалентност помеѓу различните знаења и здружување во акција и бара соодветно решение преку поврзување на различните видови криза – системско насилство врз Ромите и останатите маргинализирани заедници, кризата на идентитетските политики, родова нееднаквост, мигранската криза и сл. Изложбата се осврнува на дела, кои го прикажуваат потенцијалот на уметноста како заедништво и можните остварливи и позитивни алтернативи за делување на рамниште помеѓу политичкото и интимното.
Уметници чии дела се изложени на оваа поставка се: Дилејн Ле Бас (Англија), Ахмет Кадри (Северна Македонија), Сеад Казанџиу (Албанија), Лубош Котлар и Роберт Габрис (Словачка), Рома Џем Сешн Уметнички Колектив – Мустафа Асан, Мо Динер, Милена Петровиќ (Северна Македонија/ Швајцарија/Србија), Нихад Нино Пушија (Босна и Херцеговина/Германија), Андре Јено Рацш (Германија), Емилија Ригова (Словачка), Цеија Стојка (Австрија), Ден Тарнер (Англија), Малгорзата Мирга-Тас (Полска), Дурмиш Ќазим (Северна Македонија).