Двете сестри Анастасја и Елизабета Трајковски, кои стојат зад модниот бренд „Анастасја Трајковски“, се уште еден убав пример дека многу Македонки се успешни, почитувани и барани во Европа и во светот. Нивните модни креации биле дел од многу важни светски настани и ги носеле голем број на инспиративни жени.
Повеќе од десет години посветено го градите вашиот бренд „Анастасја Трајковски“ и имате потпишано голем број гламурозни и софистицирани креации. По кои начела се водите во вашата работа, односно што ви е најважно да претставува вашиот бренд?
Ние често велиме дека модата е нашиот јазик. Како деца на иселеници, честопати бевме лишени од нашиот глас, но сега сме слушнати и видени и ги инспирираме луѓето околу нас. Ова е едно од најголемите исполнувања во нашата професија. Жените не се шетаат и фотографираат само во нашите креации, туку ги користат за да дадат изјава. Ние не ја гледаме нашата работа како таква, туку ја гледаме како нешто многу поголемо и поважно.
Десетгодишниот јубилеј доби убаво заокружување со пласирање на јубилејна лимитирана колекција. Каде наоѓате инспирација кога креирате парчиња висока мода што многу често се носат на црвениот тепих на различни светски настани?
Најчесто ги рефлектираме настаните во нашиот личен живот, со дискусии помеѓу Бети и мене. Оттука доаѓаат повеќето идеи за нашите колекции. Емоцијата одлучува кој модел ќе се види на црвениот тепих. Сакаме да ја претставиме жената како елегантна и силна личност.
Вие сте сестри, што дополнително ја прави вашата професионална приказна поинспиративна. Со какви предизвици се сретнувате во заедничкото работење и како влијаат на вашиот меѓусебен однос?
Модниот свет е многу баран, брз и очекува исклучителен професионализам и квалитет. Често сме под голем притисок помеѓу креативната работа и надворешното претставување на брендот. Имаме многу заедничко, но ние сме различни поединци, со различни професионални квалификации и лични особини. Јас сум креативниот дел од нашето дуо со професионална психолошка заднина. Бети се грижи за административната и надворешната комуникација, бидејќи доаѓа од менаџерската област. Затоа, мали спорови меѓу нас се случуваат секој ден.
Живеете во Австрија, вашиот бренд е интернационален и водите активен живот полн со патувања и различни проекти. На што моментално работите и каде ќе биде насочен вашиот фокус следната година?
Како и досега, така и следната година, ќе се држиме до нашата корпоративна филозофија. А тоа е работа со висококвалитетен текстил, според високите стандарди за еко-текстил. Постојано го контролираме целиот производствен процес. Сè се произведува во нашата модна куќа во Австрија, бидејќи придаваме големо значење на ниското влијание на CO2. Со нетрпение очекуваме следната година да можеме повторно да патуваме низ светот и да бидеме дел најголемите настани.
Вашиот бренд е веќе изграден и позициониран и ви останува да го негувате вашиот креативен израз. Кои професионални моменти ви беа најтешки во изминативе десет години?
Најтешките моменти ни беа почетоците на нашата работа и пандемијата, која претставуваше огромен професионален и приватен предизвик. Многу сме благодарни што поминавме преку тоа.
Оваа година светската модна сцена постојано ја тресеа разни скандали и многу глобални брендови направија грешки во својата водечка политика. Колку е важно една кампања или колекција да ја испраќа вистинската порака?
Понекогаш е најважно да се остане автентичен и да се отелотвори филозофијата на етикетата на надворешниот свет. Сепак, предизвикот лежи во живеењето на сопствената вистина без да дискриминирате никого.
Вашите креации се многу моќни, но во исто време и префинети и софистицирани. Како изгледа креативниот процес на создавање на една колекција?
Затоа што нашиот секојдневен живот е обликуван од психологијата и филозофијата, се занимаваме со широк спектар на теми. Фокусот е на жената со сите нејзини прашања, грижи и предизвици. Моите креации произлегуваат од овие теми и емоции.
Живеете во европска земја каде што постојат високи естетски критериуми и култура на живеење. Како глобалната пандемија и моменталната светска криза влијае на европската, модна сцена?
Ние сме космополити, живееме и работиме во три различни земји, па пандемијата беше шок за нас. По првпат во нашите животи се соочивме со затворени граници, ограничување на слободата и ограничување на движењето. Секако, овој шок влијаеше и на нашите клиенти, бидејќи ние не правиме мода за одредена религија или националност, туку за силни, космополитски жени. Актуелната енергетска и економска криза ја оптоварува модната индустрија. Заради неизвесната состојба, приоритетите во моментов се различни и сите постапуваат како сметаат дека е најдобро за нивната работа.
Која е вашата порака за секој што сака да почне некој сопствен проект или бренд?
Морате да ги знаете сопствените предности и маани. Гледајте ги неуспесите како лекции и учете од нив. Бидете храбри, доследни и истрајни и никогаш не губете ја вербата.