Минатата година ХЕРА спроведе истражување за меѓуврсничкото насилство и улогата на стручните служби, мерејќи ги перцепциите на учениците во четири средни училишта од Скопје. Од вкупната популација од 2127 запишани ученици во втора, трета и четврта година во трите средни училишта, прашалникот беше пополнет од вкупно 1047 ученици.
„Во 2020-та за време на карантинот и во екот на пандемијата решивме да ги прашаме младите средношколци како се чувствуваат. По спроведената анализа во квантитативните наоди евидентна е разликата во перцепциите на хетеросексуалците, наспроти ЛГБТИКА+ младите, што укажува на потребата од подобро адресирање на проблемите со кои можеби се соочуваат ЛГБТИКА+ средношколците во контекст на меѓуврсничкото насилство и дека овие млади заради минати негативни искуства помалку се мотивирани да се обратат кај стручните служби за разлика од хетеросексуалните врсници. Она кое без сомнеж ни го укажуваат податоците е потребата од сериозна, сеопфатна едукација на учениците и училишниот кадар, со цел намалување на стигната, предрасудите и стереотипите за ЛГБТИКА+ младите. Насилството врз ЛГБТИ младите е невидливо за стручните служби во училиштата во Скопје и за жал меѓуврсничкото насилство е една од најзастапените форми на насилство во училишните средини“, велат од ХЕРА.
Според анкетата 78% од средношколците никогаш не биле упатени на разговор кај психологот или педагогот затоа што покажувале знаци на насилство или биле потенцијална жртва на насилство и речиси 37% од средношколците изјавуваат дека во нивните училишта се случило најмалку еднаш некој од нивните соученици да бил жртва на насилство поради сексуална определба или родов идентитет.
Понатаму, централните прашања на квалитативната анализа биле „Што најчесто влијае врз формирањето на перцепциите на учениците за улогата на стручните служби во спречување и справување со меѓуврсничко насилство“ и „ што влијае врз одлуката на учениците да ја посетат училишната стручната служба за проблеми поврзани со меѓуврсничко насилство? (особено врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет).“
Еден од поважните заклучоци од овој дел е дека податоците посочуваат како меѓуврсничкото насилство, вклучувајќи го и насилството врз основа на сексуалната ориентација или родов идентитет, почесто се случува во основно училиште, но дефакто насилство од основно училиште оставило огромни трауми и последици врз неговите жртви и не исчезнало во средно училиште.
Еве дел од цитатите на учесниците во фокус групите:
Учесник 3: Амм.. сметам дека „[името на училиштето во кое учи]“ како училиште е многу по „accepting“ и многу по отворено отколку основно, од тоа што го имам забележано […] Во основно од каде што доаѓав имаше повеќе инциденти со булинг и се ми е од таму, од што сум трпела и од што сум била сама сведок, така да мило ми е што во моментов сум во училиште каде што тоа е намалено […] првите искуства ми беа нели од основно. Не само на мене, туку и на многу други од клас што сум зборувала, како што реков, сега во училиштето е доста намалено. Во основно често пати бев исфрлана од социјалните групи поради тоа што моите интереси и hobbies не беа во согласност со тоа што беше нели social acceptable во тој момент за таа генерација. И не само јас, буквално има гадни инциденти каде што во училиштето деца со ножеви им се заканувале на други деца. Многу гадни работи се имаат дешавано […] Ам, јас од тоа се исправив, во моментов не сум толку погодена […] но сметам дека не е тоа начин да се изгради личноста, така да, не можам да кажам дека имам позитивни бенифити од тоа, само можам да кажам дека се имам сменето како личност на позитивен начин.
[…]
Учесник 1: Јас на пример, лично никогаш не сум имала, никогаш не сум била bullied […] Ама, сведок сум многу често, еве пак ќе речам повеќе било во основно, кога никој не е доизграден, и машките се многу палави, имаат многу енергија и тоа го прават врз девојчињата или врз некои потивки момчиња…
Како резултат на ова истражување од ХЕРА подготвија документ за јавни политики, чија цел е властите и надлежните институции да ги земат во предвид искуствата на младите и да преземат конкретни чекори со решенија по ова прашање. Препораките до одговорните се следниве:
- Донесување на нов Закон за средно образование каде што јасно ќе се препознаат дискриминацијата и меѓуврсничкото насилство врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет;
- Усвојување на дополнителни правила/протоколи во училиштата со кои ќе се препознаат дискриминацијата и меѓуврсничкото насилство врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет;
- Креирање модул за наставниците во однос на меѓуврсничкото насилство со посебен фокус на насилството кон ЛГБТИ лицата;
- Донесување на посебна политика и протокол за спречување и заштита од сите видови насилство, со особено внимание на сексуалната ориентација и родовиот идентитет;
- Афирмација на стручните служби како препознаен член на училишната заедница кој има примарна улога во подобрувањето на училишната клима преку поттикнување на емпатични односи меѓу самите учениците, но и меѓу учениците и останатите членови на училиштето;
- Физичко разделување на просториите на стручните служби од остатокот на училиштето со што би се гарантирале анонимноста и дискрецијата на индивидуалните советувања со учениците;
- Подобрување на негативната сликата за стручните служби преку потенцирање на важноста на нивната советувачка и помагачка улога за сметка на нивното користење како метод на санкционирање;
- Организирање на редовни предавања/обуки за меѓуврсничкото насилство врз основа на сексуалната ориентација и/или родовиот идентитет меѓу учениците, стручните служби и вработените;
- Ревизија на сите учебници од аспект на родовите нееднаквости и дискриминација, со цел да се елиминираат сите хомофобични, трансфобични и дискриминаторски содржини;
- Воведување на сеопфатното сексуално образование во сите степени на образование;
- Обезбедување на инклузивен и партиципативен процес со вклучување на учениците, наставниците, стручните служби и родителите во креирањето на политики за борба против насилството врз ЛГБТИ лица во училиштата и во онлајн просторот;
- Координација на образовните установи со центрите за социјална работа, здравствените установи, полицијата, локалната самоуправа, здруженијата и други засегнати страни во превенцијата и заштитата од меѓуврсничко насилство во училиштата и онлајн просторот.
Во прилог погледнете дел од резултатите на истражувањето.