Читам дека „Тик Ток“ како платформа ја модернизирала музичката индустрија ( затоа што, нели, стриминг платформите се целосно сварени во дигестивниот тракт на секој куповен пазар) и дека сега поимот „успех“ веќе не е недостижен концепт за малите музичари (ценејќи исклучиво од успехот на Lil Nas X и Doja Cat)…
и, да не беше на повидок стариот ни живот, можеби ќе поверував во прочитаното. Музиката веќе долго време не е луксуз – не откако истата почнала да се пушта и во супермаркети. Да, музиката е универзална, мултидимензионална и ги спојува луѓето. Да, музиката е секогаш добро сврзувачко ткиво, особено во критични периоди како овој кој го живееме. Музиката е за сечие уво и секој има право да ја користи како средство за експресија.
Музиката се адаптира на светот, светот се адаптира на музиката. А, тик ток е најгласниот, најразорниот и најдециден натрапник кој го уништува текот на оваа света врска.
- Peaches од Justin Bieber ја користат сите body positive инфлуенсерки при снимање на What I eat in a day video чија намера е да ги побие сите стереотипи кога станува збор за женското тело и тоа што се очекува од него. Кога ќе размислиш подлабоко, вирот вакви видеа е 10 пати потоксичен од било којa фотошопиранa магазинскa фотографија.
- Fack од Еminem e ужасно експлицитна и вулгарна песна за секс. Неговата иронична (вокална) интерпретација на оргазам ја користат илјадници луѓе при снимање на најбанални видеа на „Tик Tок“. Некои миленијалци си ги снимаат и сопствените бебиња.
- Dreams од Fleetwood Mac, стара 43 години, се врати на сите топ- листи откако некој си Американец се снимаше како лонгборда и пие сок додека ја пее песната. Видеото сега има над 50 милиони прегледи и истиот дечко проба да го продаде во форма на NFT за 500.000 долари. Stevie Nicks не му дозволи.
Од една страна, продуцентските куќи ја најдоа магичната формула за успех во 2021, со која поголема е вредноста на „challenge – от“ и/или кореографијата отколку песната врз кој истата треба да се изведе.
За нив, забавата може да започне – 15 секунди долг hook со 3 примамливи збора е сосема доволно.
Од друга страна, „благодарение“ на Тик Ток, на глобално ниво се појавува нов хит секоја недела. Песните, артистите застаруваат со брзината на звукот, која пак е правопропорционална на брзината со која 15 годишните скролаат низ почетната страна на апликацијата. Живееме во константен полу – сон во кој од секоја страна се појавува истата мелодија и музиката почнува да те иритира.
Никогаш не сум била фан на радиото, најмногу затоа што прекумереното пуштање на синглови води до банализирање на делото. Но, на радио се пуштаат синглови наменети за радио, додека „Тик Ток“ не бира што денес е на листата ,,песни спремни за сквернавење“.
Сепак, на крајот на денот, музичкиот бизнис е БИЗНИС. „Тик Ток“ има потпишано договор со трите џинови на музичката индустрија – Warner Music, Sony и Universal Music Group со кој платформата има официјална лиценца да ја користи музиката која е во нивна сопственост (кои поседуваат 95 % од продуцентските куќи на глобално ниво). Со ова, авторите и оние кои ги поседуваат правата добиваат порција од приходите на база на pay per stream. Додека ова звучи како спасувачка гума за оние кои, благодарение на пандемијата, останаа без извор на приход (или пак оние кои изгубија милиони поради откажани турнеи), истовремено ја проширува и проблематиката на стриминг платформите и неправедната и нетранспарентната распределба на профитот (платформите како Spotify и Deezer, меѓу кои сега е и Tik Tok добиваат нереално голем процент од тантиемите).
Како љубители на музиката кои свесно паѓаат во капиталистичка мамка последниве 30 години, останува да се запрашаме дали вреди нашите помали сестри и роднини да ја дознаат Dreams благодарение на „Тик Ток“, ако тоа значи дека истите, дур чекаат да се запали зелено светло на семафор, мрдаат со рацете играјќи ги виралните кореографии на „Тик Ток“?
А, на бизнисмените оставаме да се запрашаат дали вреди долгоочекуван камбек на Justin Bieber (не само на топлисти, туку и во реалниот свет) да е дело на видеа полни овесни каши и протеински шејкови?
Пак:
Музиката се адаптира на светот, светот се адаптира на музиката. А, тик ток е најгласниот, најразорниот и најдециден натрапник кој го уништува текот на оваа света врска.
Класичен љубовен триаголник.