Во разговорот со Илија Маџаров се осврнавме не само на создавањето на неговите дела туку и на пошироки прашања околу влијанијата на творење и оригиналноста на уметниците воопшто. Дипломираниот историчар на уметност и археолог секојдневно слика од 2018 година, а првата изложба ја имал минатата година.
Моите уметнички дела се олицетворение… Делата на секој уметник се олицетворение на неговата борба и помирување со познатото и таинственото во светот. Без разлика колку е тоа направено свесно или потсвесно, ангажирано или l’art pour l’art, идеолошко или како откровение, конструктивно или деструктивно, ако има барем малку искреност секогаш ќе биде лековито за креаторот. За останатите не мора да значи.
За еден уметник да твори е најважно… Прво секојдневно да твори, потоа остра самокритика, па многу книги, музика и слично.
Сакам да сликам портрети бидејќи… во човековото лице се крие тајната на универзумот. Мислам дека човекот и воопшто фигуративното засега ќе остане моја централна преокупација. Портретот е тешка дисциплина со која можеби не се фаќам во костец толку често колку што би требало.
Инспирација и мотиви за сликање наоѓам во… Околу инспирацијата не ми е баш јасно. Дали ја имам повеќе од време да ја реализирам или сè уште не ми дошла? Засега мислам дека ја наоѓам во игрите, стриповите, фотографиите, Рамонс, Тарковски, Ордан Петлевски, Данило Киш, Шмеман… бесмислено е вака од ракав да набројувам. Ја наоѓам во обичните непретенциозни разговори, ситниците во животот, тишината. Мотивите се скоро секогаш од мојот живот.
Со уметност се занимавам од… Секојдневно сликам од 2018. Почнав во 2017. Ако тоа се подразбира под занимавање. Инаку сакам уметност од кога знам за себе. Како и веројатно повеќето што ќе се заинтересираат да го читаат ова.
Техниката што најчесто ја користам е… Моментално најчесто истражувам со акварел и масло, а сакам да пробам и пастел. Досега најчести беа туш и акрилик, а и сè уште сликам во тие техники. По сè изгледа со колку повеќе техники би експериментирал за толку би бил посреќен.
Најдобрата позитивна критика што сум ја добил… Мислам дека ми се корисни сите критики. Ама откако ќе ги искористам ги заборавам. Во спротивно би ме заробиле. Ако во некој момент од животот се најдам во ситуација да се сеќавам на некои убави зборови или да се воодушевувам од некои мои дела, тоа сигурно би и наштетило на мојата работа. Се работи само заради моментот на создавање. Сè друго после тоа во својата основа е панаѓур.
А негативна… повеќе да работам.
Најчесто се вели дека сликите говорат за внатрешните чувства на уметникот… Совршено би било ако емотивното и рационалното постојат во една нераздвојна целина. Таа целина постоела во сликарството сè до крајот на XVII. Потоа на различни начини се губи таа интегралност. Прво навежбаниот, шаблонски и рационален академизам. Потоа емотивниот романтизам кој со својот бунт кон стварноста се опива од егзотиката и историските теми и завршува во визуелно халуцинирачкиот надреализам, па импресионизмот со воздухот и светлината, крутиот рационалистички кубизам – се само примери каде постои оваа раздвоеност. Далеку од тоа дека не постојат ремек дела изработени од врвните мајстори на овие правци но целината е скршена. До нејзина обнова ми се чини доаѓа привремено помеѓу двете светски војни кога сликарството блеска.
Изложбите се најголема можност на еден уметник да допре до поширока публика… Не знам дали ми треба широка публика. Јас сосема би бил задоволен со вистинската публика. Мислам дека само таа ќе ги посети изложбите. Моите слики не се дигитални и секако дека е најдобро е да се видат врамени во соодветен и реален простор. До пошироката публика денес најлесно се допира преку мрежите како Instagram, Saatchiart и слично.
Индивидуалноста и креативноста на еден уметник најмногу доаѓаат до израз… Во индивидуализмот уметникот и воопшто човекот е сведен на единка, број. Кај тие уметници постои некој страв дека ќе им биде загрозена оригиналноста. Оригиналноста по секоја цена, пак често води до тоа сите да бидат оригинални на некој сличен начин. Наспроти тоа персоналистичкиот светоглед е без страв од влијанија. Творецот ги гледа другите и себеси како личности, а не како единки. Тогаш креативноста доаѓа најмногу до израз и иако навидум парадоксално скоро е невозможно да се створи неоригинално дело.