Многу ме мачеше што сакате да читате во овие тешки, пандемски времиња и апсолутно немав никаква инспирација да напишам ништо. Тогаш сфатив дека нема поправилно и треба да пишувам за тоа како се чувствувам и како јас се справувам со новонастаната ситуација. На почетокот бев мува бев глава, мерките и препораките на институциите максимално ги почитував, но воопшто не бев свесна што се случува и што точно тоа значи. Моите блиски знаат дека секој проблем што ми се појавил во животот, започнувам да го решавам со една почетна фаза на тотално игнорирање, целосно преокупирање на мозокот со несоодветни глупости и недолично еуфорично однесување. Па така во првата фаза од мојата самоизолација, бев максимално ентузијастички расположена и сите планови за „better me“ ми беа на најјако. Конечно ќе имам време да поспијам, ќе направам план за животот, ќе читам и знаете веќе сте читале вакви клише препораки. Во таа фаза социјалните мрежи беа презабавни, сите беа пуштени во креирање на поинаква содржина, телевизиите се разбудија од деценискиот сон и почнаа да даваат нормални работи за гледање. Италија беше најголемо жариште, гледавме преемотивни видеа и бевме дел од една светска, колективна приказна во која за првпат без разлика на капацитетите на нашата земја сите бевме рамноправни. Но кога ги направив трите јадења што ги знам, кога ги исликав сите убави украси од домот, кога сфатив дека не можам да ставам видеа од вежбање, зашто вежбам со стап за мотика, ме фати блага нервоза.
Втората фаза целосно ми се поклопи со економската катастрофа што ја донесе оваа пандемија. Сфатив дека целиот труд од изминативе пет години ни е загорозен, сфатив дека има луѓе без никаков месечен приход, деца без пристап на Интернет, што немаат можност да следат настава. Пробував да се раположам но сите мемиња, сите серии, сите патетични и полупатетични видеа ги имав изгледано и не можев да си помогнам никако. Во исто време согледав колку ситуацијата е тешка за децата и како тие се носат со тоа. Никогаш не побараа да излезат надвор кога не смееја, пробуваа да смислуваат игри и како затворени животни пробуваа дел од игрите да ги приспособат за дома. Во оваа фаза немав мотив да измијам коса, ако не пиев вино бев премногу анксиозна, ако пиев утредента бев мамурна и депресивна. Ми се плачеше буквално за сè, а најблискиот опис на моите чувства беше прелош ПМС, кој трае три недели. Во оваа фаза бев неподнослива! Успеав да се искарам буквално со сите, само барав некои природни апчиња за смирување, не работев буквално ништо и секоја постапка беше најчиста форма на страв. Децата целосно го чувствуваа тоа и постојано поставуваа прашања со најцрно сценарио. Средниот мој син го лажеше најмалиот дека неговата омилена јутуберка умрела од корона, па овој плачеше три дена. Дома ми беше сè понечисто и владееше општ хаос, тотално немав никаква контрола над ништо. Ми беше жал буквално за сите мои блиски и постојано размислував што ќе прават и како ќе се снајдат. Третата фаза во која сум сè уште ми почна спонтано и не можев веднаш да препознаам дека сум мрднала од очајот. Прво ме фати опсесија со уличните кучиња како се прегласнети, па секое шетање на моето оставав храна и за нив. Потоа чувствував непрекината потреба да им олеснам на сите околу мене. Почнав со моите деца, постојано смислував игри, ги слушав нивните предосадни приказни без крај, умирав од досада но правев сè што ги радува. Пробував да купувам од луѓе со мали бизниси, одев на пазар, пробував да тренирам да правам работи што не ги сакам и ги избегнувам. Не можам да кажам дека е лесно, ни дека е поминато, ни дека се чувствувам подобро. Можам само да кажам дека буквално сè е подобро од предходната фаза. Дека секој еден најмал чекор за помош на друг ми дава смисла на овие денови што ми немаат почеток ни крај. Денови во кои не е важен датумот, не е важно ништо освен да преживееш најдобро што знаеш. Секој за себе најубаво си знае што научил од COVID 19 , каков став ќе има и што ќе му се приоритети понатаму. За мене овој вирус не е вирусот направен во некоја лабораторија, кој има цел да ја прераспредели светската моќ, не е ни вирусот од патетичните видеа што тврдат дека не ја чуваме планетата Земја и таа ни враќа,зашто одамна сум еколошки освестена. За мене во оваа фаза, тој е втора шанса за секого од нас, да се преиспитаме самите какви луѓе сме и какви луѓе сакаме да имаме во нашите животи по епидемијата. Зашто имаме шанса да си ги смениме приоритетите и целиот однос со сè околу нас, имаме шанса да се трудиме да сме подобри. Имаме шанса на поубав начин да ги сакаме блиските и најважно да се сакаме себеси поинаку.