Полскиот илустратор и сликар, Рафал Олбински се смета за еден од најпознатите претставници на Полското училиште за постери. Роден во Полска во 1943 година, Олбински мигрирал во САД во 1981 година, каде денес предава во Училиштето за визуелни уметности во Њујорк.
Неговите дела ги опишува како „поетски надреализам“, а неговата работа е слична со онаа на Рене Магрит и Салвадор Дали. Тоа што особено се истакнува во делата на Олбински е психолошката позадина, односно како неговите дела се олицетворение на внатрешноста на умот. Делата имаат поетска нишка, како театар од соништа, постојано со нови атракции зад аголот. Познат е по сликање жени, мистериозната аура околу нив, голи, а истовремено класични и контроверзни.
Неговите дела се дел од колекциите во многу музеи и институции низ светот, како Музејот на модерна уметност во Њујорк, Смитсонијан, Карнеги Фондацијата, музејот Сантори во Осака… Работел со многу институции, оперски куќи, дизајнирал специфични постери, а имал и неколку самостојни изложби. За неговите уметнички достигнувања добил над 150 награди. Погледнете дел од неговата уметност.