Од Хелсиншкиот комитет за човекови права објавија реакција на неодамнешниот фемицид на 34 годишна жена од Струга, барајќи итни измени на Кривичниот закон односно инкриминирање на различните форми на родово базирано насилство, вклучувајќи го и фемицидот како најтешка форма на родово базирано насилство врз жената.
„Деновиве медиумите објавија вест за сторено убиство на 34-годишна жена од страна на нејзиниот сопруг во Струга. Основното јавно обвинителство Струга синоќа извршило увид во станот во кој бил убиена жената и според првичните сознанија објавени од медиумите, убиството настанало по меѓусебна расправија во станот на нивните пријатели, каде што биле на гости. Сопругот со нож ја убил жената, а потоа се обидел и да се самоубие.
Убиството на жена затоа што е жена, односно фемицидот, претставува најтешка форма на насилство врз жената и е една од водечките причини за прерана смрт кај жените на глобално ниво. Најчесто е предизвикано од страна на лице со кое жртвата е во партнерски однос. Имајќи предвид дека фемицидите не се ретка појава, а во нашата земја најчесто се резултат на непријавување на семејното насилство или на несоодветно постапување на релевантните институции, потребно е да се утврди дали на овој случај му претходеле пријави за семејно насилство од страна на жртвата и дали службените лица соодветно постапувале по тие пријави.
На 27 јануари оваа година Собранието на РСМ го донесе новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, кој ќе започне да се применува од 6 мај годинава. Овој закон претставува еден од клучните закони кој беше предвиден со Националниот акциски план за имплементација на Истанбулската конвенција 2018-2023. Она што се очекува со донесувањето на овој закон е дека значително ќе се подобри институционалната и сеопфатна поддршка на жртвите на родово базирано насилство. Оттука, потребни се итни измени на Кривичниот закон во насока на негово усогласување со Истанбулската конвенција односно инкриминирање на различните форми на родово базирано насилство, вклучувајќи го и фемицидот како најтешка форма на родово базирано насилство врз жената“, објавија од Хелсиншки комитет.