Голем број приказни и сликовници за деца секојдневно среќаваме на полиците на книжарниците низ земјава, а особено популарни и читани се тие од македонски автори кои последниве години направија „бум“ во светот на детската литература во Македонија. На оваа тема поразговаравме со македонските автори Бистра Георгиева, Билјана Црвенковска и Владимир Лукаш, како и со Оливера Ќорвезироска, уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“.
Подемот на детската литература – слатка соработка помеѓу илустраторите и писателите
„Отсекогаш сум верувала дека работите во едно општество почнуваат да се менуваат од поединците и нивната волја и мотив за промени. Така е веројатно и со детската литература. Несомнено е дека во последните неколку години се појавија нови детски писатели и илустратори кои пак најверојатно охрабрија и инспирираа многу други да почнат да пишуваат. Но, и телевизиските и онлајн проекти за деца изиграа доста клучна улога во овој процес бидејќи успеаја да регрутираат пишувачи, илустратори и аниматори на кои им се отвори ново поле за работа. Исто така, сè повеќе издавачи почнаа да ја шират својата приказна и во својата уредувачка политика да вклучуваат изданија посветени на децата. И така, за среќа се спои сложувалката, па сега со радост во книжарниците гледаме цели полици накитени со детски книги од македонски автори“, вели Бистра Георгиева, писателка чија книга „Џиновска продавница за фантазии“ доживеа огромен успех годинава на светско ниво бидејќи е издадена во сите земји од шпанско говорно подрачје во Латинска Америка како и во САД. Таа е добитничка на прво место за најдобри книги за деца и млади од „Македонската асоцијација на издавачи“. Авторка е на сликовниците „Приказна за Ото, Ото и Ото“, „Зградата на Сани и Стела“, „Во овој балон нема место за еден слон“, „Сани и Стела и еден чорап со боја бела“.
Билјана Црвенковска, има голем број сликовници и книги за деца, писателка чија имагинација ги освои детските умови и срца. Таа смета дека „новиот бран“ книжевност за деца, се должи на две работи: желбата и поттикот кај младите, веќе докажани автори во книжевноста „за возрасни“ да се посветат на децата и да почнат да творат повеќе за нив, земајќи го предвид недостигот на квалитетна и модерна литература за деца пред сѐ од домашни автори; и второ, определбата на неколку добри, квалитетни издавачи да почнат да преведуваат и издаваат малку поинаква, поквалитетна и посериозна книжевност за деца од она што веќе постоеше во книжарниците и библиотеките.
„Сето тоа придонесе да имаме многу добри нови книги, особено тука ги имам на ум илустрираните книги за деца. Инспирацијата доаѓа од речиси сѐ околу мене, но и од мојот внатрешен свет на имагинацијата кој го негувам од кога бев дете, и ете, досега не ме изневерил. Детето во мене е најголемата инспирација, непресушен извор на секакви чуда и чудесии и, морам да кажам, пресреќна сум што никогаш не му дозволив да порасне и да стане здодевна возрасна личност. Тоа вечно дете, кое, како што вели мајка ми, ја состави првата песна на три години, ја напиша првата збирка поезија на тринаесет и реши на свои четириесет години дека слободата и уметноста се повредни од работењето за други – па напушти работа и реши да се посвети на тоа што вистински значи – книжевноста – тоа дете е подготвено за секој предизвик и никогаш не се откажува. Тоа е она што оди напред и покрај стравовите на возрасната личност во чие тело живее. Да речеме дека тоа е и накратко целата моја животна приказна. J“ вели Црвенковска.
Билјана Црвенковска
Фотографија: Срна Галевски
Владимир Лукаш, пак, смета дека онлајн списанието за деца (и за возрасни што се чувствуваат како деца), „Чудна шума“, на Билјана Црвенковска, што почна да излегува минатата година, „охрабри“ еден куп автори да се нурнат во оваа книжевна област. И така, почна големата авантура што кулминираше со книжевниот фестивал „Друга приказна“ во организација на издавачката куќа Темплум, кој беше комплетно посветен на детската книжевност.
„Тоа е официјалната приказна. Вистинската приказна тече приближно вака: Еден ден, околу 7 часот наутро, врабецот Џивко тргнал во посета на старата желка Лекаполека, и, додека поминувал покрај пештерата на светлечката мечка Неонка, случајно забележал едно стуткано ливче на кое пишувало: ГОЛЕМ ПОЕТСКИ НАТПРЕВАР! Место на одржување: Сретшума. Почеток: 12:00 часот. ВЕ ОЧЕКУВААТ ВРЕДНИ НАГРАДИ! „Прекрасно!“, викнал Џивко и побрзал да ѝ ја пренесе убавата вест на Лекаполека. Додека итал, се сретнал со лавот Кралимарко и со брзина на светлината му објаснил за натпреварот. „Интересно“, рекол Кралимарко; „Туку… зошто трчаш, а не леташ, нели си врабец?“, прашал лавот и грицнал морковче. „Денес не се лета“, одговорил Џивко и продолжил да ита напред. Но, на само 128 метри од куќичката на Лекаполека, го запрел слонот Мајлс и го замолил да го чуе како свири на тромбон: „Ќе имам рецитал на еден приредба“, рекол. „Големиот поетски натпревар?“, прашал Џивко. „Ту-тууууу!“, потврдил Мајлс и почнал да свири. Како што свирел, околу него почнале да се собираат верверичката Оревка, антилопата Савана, крокодилката Солза, бувот Платон и стотици други животни. „Браво!“, се слушале веселите гласови на животните. Мајлс свирел 3 дни и 3ноќи, се’ дур’ Џивко не погледнал на песочниот часовник и викнал: „Дечки, поетскиот натпревар почнува за 15 минути! Одиме?“ „Одимеееееее“, викнале животните во еден глас, освен нојот. И така, напреварот поминал одлично и за него се зборувало надолго и нашироко и надлабоко и нависоко, и од тој ден, животните, а малку подоцна и луѓето, почнале да пишуваат и да пишуваат и да пишуваат и… ете. “, ни раскажа прекрасна приказна Лукаш.
Вратата на детската книжевност е широко отворена
Според Оливера Ќорвезироска, секоја „навалица“ на што и да е, дури и кога се нарекува подем или инстант-експанзија, е резултат, одговор на некаков претходен недостиг.
„Состојбата со литературата за деца во моментот во Македонија, наспроти сета помодност, сведочи дека нешто недостигало, и тоа нешто сесрдно, по малку и еуфорично, се надоместува. Ако сега премногу се пишува за деца, тоа значи дека предолго тоа се правело премалку. Македонската книжевност, генерално, не може да се пофали со континуитет. Секако, ова се однесува и на книжевноста за деца. Како да имаше некаков застој, некакво тапкање во место од кое сите се евакуираме со голем залет што неоспорно подразбира и квантитет. Но, кога ќе стивне трендот, секогаш останува талогот на квалитетот од кој јасно се согледува дали „модата“ (жанрот, книжевноста) се придвижила и кон каде. Несомнено, во домашната книжевност за деца веќе почнуваме да го препознаваме талогот на квалитетот и мислам дека сме на вистинскиот пат. Го наподолнуваме она што го немавме години наназад, се надоврзуваме и ги прошируваме добрите книжевни практики од седумдесеттите, осумдесеттите и раните деведесетти години од 20 век, кога активно создаваа повеќемина одлични домашни автори. За жал, оттогаш, нови авторски имиња во литературата за деца се појавуваа мошне ретко. Сѐ до неодамна, до пред некоја година. Во мигов, не мислам дека издаваштвото треба да поттикнува уште повеќе луѓе да пишуваат за деца, затоа што веќе многумина го прават тоа. Треба да се систематизира постојното. Работата на издавачите сметам дека треба да се насочи кон две цели. Првата е да се наоѓаат и други начини за објавување на најдобрите нешта, покрај поддршките во годишните програми на институциите и на Министерството за култура. Вратата на книжевноста за деца во Македонија е веќе ширум отворена и сега само треба внимателно да се навлезе во нејзиниот простор. Втората цел е приопштување на македонски јазик на значајни наслови особено од регионот, а и пошироко, затоа што на тој начин ќе можеме системски да си ја позиционираме и националната книжевност, да ја поставиме во поширок книжевен контекст во кој би се измериле и премериле себеси. „Арс Ламина“, објавувајќи и домашни автори и преводна литература за деца, го прави токму тоа.“ вели Ќорвезироска
Оливера Ќорвезироска
Бистра Георгиева објаснува дека нејзината приказна со пишување почнала преку една задача.
„Требаше да напишам сликовница за деца во рамките на еден проект на кој во тој период работев. Потоа, си ја повикав тогаш заборавената инспирација и седнав напишав. Во еден здив. Па отворив Фејсбук и ѝ ја пратив приказната на една од најпознатите европски илустраторки Моника Каретеро со прашање: Дали сака да ја илустрира мојата книга „Приказна за Ото, Ото и Ото?“. Така се запознавме и продолживме да работиме заедно. А, предизвици има. Најчесто се во мојата глава. Како да си ги средам мислите, од каде да почнам, како да продолжам понатаму, каде да завршам и уште многу вакви прашања кои за среќа се отвораат и затвораат едно по едно. Па кога ќе ја ставам последната точка особено ако сум задоволна од напишаното, станува еден од најубавите моменти во пишувањето,” вели Георгиева.
Владимир Лукаш вели дека од неговото досегашно, поточно „едногодишно“ искуство со литературата за деца, научил еден куп нешта општо за пишувањето.
„Приказната се одвиваше приближно вака: пред две години, во мај, една ластовичка влета во моето радишанско ателјенце. Многу ластовички влетале и веднаш излетале, но оваа ластовичка доаѓаше секој ден, застануваше на водоводната цевка и ми пееше секогаш кога ќе ѝ свирнев, или, таа почнуваше да пее ако случајно не забележував дека е тука. Минатата година, кога поради ужасната пандемија моравме да си седиме дома, вратата од ателјенцето секогаш ми беше отворена со надеж дека ластовичката повторно ќе ме дружи. Но, таа не дојде. И така, додека тагував по ластовичката, на мојата работна маса слета едно соларно бувче што танцува во ритам на бавна самба под светлината на ламбата и почна да ми рецитира песнички за магариња и еднорози, за верверички и ајкули, за творчиња и платипуси, за светулки и темнулки, за деца и ноеви,.. и уста не затвора по цели денови. Накратко, пишувам за деца затоа што неизмерно многу уживам во тоа. Ми се отвори еден сосем нов свет, во кој слонот веќе не е само суверен џин што си шетка низ џунглите и саваните во потрага по храна и вода, туку дека може да биде (и) астронаут, тромбонист, акробат, градинар или џуџе; дека во сите нас се кријат купишта суштества што едвај чекаат да бидат пуштени на слобода и да почнат да ги раскажуваат своите авантури – независно од нас; дека децата мораме да ги третираме како високоинтелигентни човечки суштества на кои сѐ им е јасно, но не се плашат да поставуваат прашања, повеќе и повеќе прашања, цела планина создадена од прашања, низ која гордо шетаат троноги кози, осумглави носорози, камили-желки, колибри-уши, магариња што се пентарат на елка и чекаат да падне првиот розов снег и така натаму – до бескрајот на љубопитноста. Читањето е важно исто како и раскажувањето. Секој читач/раскажувач, од најмалиот до најголемиот, додава нови димензии во приказните, ги прави лични, посебни, автентични; ја развива својата, но и фантазијата на другите. Значи, од моето досегашно искуство, или авантура со литературата за деца, научив да бидам пољубопитен, да растам и да се смалувам по желба, во секој жабец да гледам принц и во секој принц да гледам жабец: „Кре, кре“, рече жабецот; „Добар ден и Вам, принцу“, вели Лукаш.
Владимир Лукаш
Билјана Црвеновска вели дека научила многу и додека разговарав со децата откако ги читале книгите што ги напишала.
„Но, она што го сфатив е дека возрасните, навистина, исто како што е напишано во приказните, речиси воопшто не ги разбираат децата, не знаат што тие сакаат, што ги возбудува, по што трагаат (оти, секое дете, исто како и секој возрасен, има своја мисија). Е, тука возрасните потфрлаат. Што не разбираат дека децата си зацртуваат мисии и сакаат да ги следат своите соништа. Или, дури и кога го знаат тоа, сосема погрешно ги толкуваат нивните соништа. Кога сите возрасни би ги разбрале потребите на децата, верувам дека светот би бил поставен сосема поинаку. “ вели Црвенковска.
Технологијата vs. читањето книги
За тоа дали читањето редовно се практикува меѓу малите деца, бидејќи на многу деца им се чинат поинтересни таблетите и телефоните нашите соговорници сметаат дека не треба да се гледа на технологијата како „непријател“ туку да се смени начинот на однесување кон читањето и екраните.
„Да се стимулира едно дете да чита не е доволно да му се кажува колку е тоа важно или добро. Читањето кај децата треба да биде процес на комуникација со возрасните. Уште додека се најмали. Еве на пример им ја читаме „Црвенкапа“ и читајќи ја преку различни прашања можеме да ги стимулираме да размислуваат за приказната и надвор од неа. Така ќе им се поттикне љубопитноста. Затоа, јас во моите книги најчесто оставам простор за разговор помеѓу возрасниот и детето, кај мене, приказните започнуваат тогаш кога ќе се затвори книгата. Но, дефинитивно ни тежи тоа „зло“ -технологијата, ама не можеме и не треба да го игнорираме и само да го буткаме под тепих. Секако дека децата ќе научат порано или подоцна да користат мобилен и ќе играат игри на компјутер. Ама денот е голем, нели има време за сè? Или и нам како возрасни ни одговара да го правиме истото, секој во својот екран?!?“, вели Георгиева.
Црвенковска смета дека читањето е сосема запоставено, но дека за тоа не се виновни ниту децата, ниту технологијата.
„Ниту децата некогаш ќе бидат поинакви – тие се деца, а ние ги обликуваме, додека технологијата е подеднакво лоша, како, на пример, чоколадата. Не можеш со неа, не можеш ни без неа (или можеш, но ако си роден во минатото). Најголемиот проблем за „нечитањето“ го гледам во оние кои ги креираат навиките на денешните деца, а тоа е семејството и учесниците во образовниот процес. И едните и другите, здружено, можат да влијаат нештата да се сменат и не е доволно ако промената доаѓа само од едното место. Комплексно прашање кое бара промена на „матрицата“ на размислување и делување во воспитувањето и образованиетo“, вели писателката.
Ќорвезироска вели дека технологијата не треба да ја претставуваме како алтернатива на книгите. „Ниту како нивни непријател. Мислам дека технологијата и книгите треба да ги направиме блиски пријатели. Да создаваме книги поради кои децата доброволно ќе ги остават електронските уреди, затоа што во нив ќе го има она што го сакаат и го бараат во електронските уреди: забава, брза идентификација, суптилна едукација, функционална дидактика и… пред и над сѐ – отвореност и детабуизирање на нештата што го опкружуваат детето. Првенствено мислам на книги што на еден суверен психолошки и книжевен начин се занимаваат со „забранети“ теми од типот на депресии, загуби на родител и блиски, отфрленост, осаменост, малтретирање и неприспособеност на децата, болести и сл. Нешта што со години се негуваат во книгите – добитници на престижни книжевни награди. Андерсеновата, на пример, наградата на „Политикин забавник“ во Србија, „Григор Витез“ во Хрватска, „Бисерче волшебно“ во Бугарија и многу други… За жал, кај нас за книжевноста за деца ја имаме само наградата „Ванчо Николески“ на Друштвото на писателите, но таа се доделува исклучиво на авторите-членови на ДПМ, што е мошне ограничувачки фактор, особено за помладите автори. Но, и воопшто. Тормод Хауген уште пред дваесетина години доби Андерсенова награда за роман („Ноќни птици“) во кој се обработува депресија на родител; пред две години наградата на „Политикин забавник“ ја доби романот-песна „Јас сум Акико“ на младиот Стефан Тиќми, кој обработува проблеми во животот на едно дете, различно од другите, дете со еден родител кому му е темница и кој вреска ноќе. Домашните автори треба да се насочуваат натаму. Не треба да има забранети теми во книжевноста за деца, туку да се најдат вистинските книжевни начини за нивна обработка. Зашто, детето кое ќе влезе во книжарница мора да може да најде книга во која ќе ја препознае и својата болка, а не само својата радост; сивилото и црнилото на секојдневието, не само неговото шаренило. Мембраната помеѓу вообичаеното и невообичаеното во книжевноста за деца мора постојано да се растегнува, како, впрочем, и мембраната помеѓу литературата за возрасни и литературата за деца“ вели Ќорвезироска.