Вкусни галети за утрешниот појадок, подготвени од @kokarche.
Галет (galette) е термин што се користи во француската кујна и се однесува на пециво во кружна или слободна форма со еден тенок крцкав слој врз кој се става богат фил од свежо сезонско овошје или зеленчук и потоа делумно се покрива со кората по краевите.
Галетот најдобро е да се послужи како појадок, тестото да се подготви претходната вечер, а следното утро да се испече. Раскошен мирис на пекарница е загарантиран.
Во овој рецепт филот е од домати наредени врз тенок слој со младо сирење и карамелизиран кромид, зачинети со свеж рузмарин, ливчиња од мајчина душичка и мед кој се спротивставува на киселкастата нота од доматите.
Состојки (за 4 до 6 галети со дијаметар од 18см до 22см):
ТЕСТО:
- 200 гр брашно
- 100 гр путер ладен од фрижидер (исечен на коцки)
- 1/2 лажичка сол
- 50 мл вода ладна од фрижидер
ФИЛ:
- 1 главица црвен кромид (средна големина)
- 2 чешниња лук
- 3 големи домати или 3 гранчиња шери домати
- 200 гр урда (или рикота, крем сирење, моцарела,…)
- 2 лажици павлака
- 1/2 лажичка морско оревче
- Маслиново масло
ПРЕЛИВ И ЗАЧИНИ:
- 1 јајце
- Сол и бибер по желба
- Свежи зачини: рузмарин, мајчина душичка
- Мед
Подготовка:
- Во длабок сад се мешаат брашното и солта за да се распоредат рамномерно. Се додава ладниот путер исечен на коцки и се соединува со брашното со прсти. Рацете треба да се ладни и да се работи брзо.
- Постепено се додава ладната вода, а смесата се продолжува да се обработува со вилушка. Како што се додава водата, така почнува да се формира тестото.
- Формираното тесто може да се обликува на 2 начини:
- да се подели на 4 до 6 еднакви топчиња, или
- да се формира едно парче во вид на ролна од кое после отстојувањето во фрижидер ќе се исечат еднакви делови како кришки.
- Топчињата или ролната се виткаат во фолија и се ставаат во фрижидер да отстојат најмалку 1 час (најдобро преку ноќ).
- Пред да се извади тестото од фрижидер се прави подготовка на филот: кромидот и ситно сецканиот лук се карамелизираат на тивок оган со маслиново масло, урдата се меша во сад со павлаката, ливчиња од неколку гранчиња мајчина душичка и морско оревче, а доматите се сечат во парчиња со кружна форма.
- Рерната се пушта да се загрее на 200°C.
- Од парчињата тесто се сукаат кори со дебелина од околу 2мм и дијаметар од 18см (6 мали) до 22см (4 поголеми галети). Додека едно парче се обработува, другите треба да останат во фрижидер. Обработката најдобро е да се прави така што тестото ќе се стави помеѓу две парчиња хартија за печење со што ќе се избегне лепење, а галетот ќе биде спремен за печење ( веќе поставен на хартија).
- Кората се премачкува со мешавината од урда и павлака така што се оставаат краевите „голи“ во појас со дебелина од околу 2см. Потоа се нанесува слој со карамелизиран кромид и на крај се редат доматите.
- Краевите на кората се превиткуваат врз доматите и се премачкуваат со изматено јајце.
- Галетот се зачинува со крупна сол, бибер и рузмарин, се попрскува со мед растворен во вода (однос 1:1) и се става да се пече околу 30 минути.
- Испечените галети по желба се попрскуваат дополнително со уште мед и крупна сол.
Добар апетит!