За фотографирање се заинтересирав… Ако кажам од мал ќе излажам, ама да кажеме од пред 10на години, кога почнав да сликам со првиот паметен телефон, не дека претходно немав контакт со аналогни апарати. Сите ми велеа убави слики имаш, и од ден за ден желбата стануваше се поголема и веќе се оствари. Иако е се уште хоби се трудам да станам дел од тимот врвни фотографи од нашето поднебје. Но сепак не е место за натрпевар, туку е место за да ја искажеш својата инспирација низ фотографија.
Во неколку зборови би се опишал себе како... Хоби фотограф, моментално работата ми го опфаќа поголемиот дел од денот, но секогаш се трудам да најдам време и простор макар и за десетина фотографии на ден. Сакам да патувам и да истражувам, нова инспирација и слики низ кои можат да се раскажат приказни, моменти, ситуации, места. Македонија е полна со инспиративни пејсажи што никогаш не здосадуваат.
Инспирација за фотки добивам од… секојдневниот живот, дали било пишано или електронско издание, дали било од Инстаграм или некои други социјални мрежи, телевизија. Но најчесто инспирацијата се добива во моментот.
Фотографијата има моќ да… да ти раскаже многу повеќе приказни од колку што можат да се раскажат, не за џабе е кажано една слика илјада зборови.
Фотографи кои редовно ги следам и ја почитувам нивната работа… Македонија има многу добри фотографи, талентирани, со огромна инспирација во нивната работа, дали на професионално ниво или чисто хоби што не би можел да одберам поединци бидејќи сите имаат прекрасни фотографии и приказни во истите.
Неостварена желба ми е… Travel Photography
Социјалните мрежи се соодветно место за промовирање на фотографите… Социјалните мрежи моментално се најдоброто и најраспространето место за промовирање на фотографите, таков ни е моменталниот тренд, најбрз пристап со најголем обем на популација која за брзо време може да види или сподели нечија фотографија. Но според мене изложба е најубавото промовирање, за да можеш да го видиш и самиот фотограф. Пред брзо време бев на изложба каде што беа истакнати и мои слики, каде што некои од присутните рекоа, ‘конечно да те запознаеме, не само преку слики‘.
Искуството низ годините ме научи… дека трпението се исплаќа, да почекаш и да имаш трпение за онаа совршена слика.
Најмногу сакам да фотографирам… Всушност сакам се да фотографирам, немам нешто посебно што сакам да го фотографирам, се зависи од моментот и расположението. Сакам да сликам пејсажи, зајдисонца, Млечниот Пат, улична фотографија, архитектура, буквално се што ќе фати око.
Омилен дел од Скопје/Македонија ми е… Охрид, колку пати и да го сликаш секогаш е нова приказна.
Најчесто на Инстаграм пребарувам… фотографии од Млечниот Пат и опрема за фотографирање и така со саати само вртиш и вртиш…
За еден фотограф најдобро да се изрази себеси е важно… да биде трпелив, да биде посветен и да не се откажува од замислената цел.