Предзнакот „енергетски“ кај овој едноставен и брз рецепт се должи на тоа што сите потребни состојки се калорични, а истовремено здрави и со високи нутритивни вредности: јатки, суво овошје и здрави масти. Нивниот удел во составот е дозиран така што се надополнуваат едни со дргуи во целината од вкусови и текстури. Целите јатки, чиј вкус дополнително е интензивиран со претходно кратко печење, внесуваат возбудлива крцкава текстура во мазната чоколадна паста, а киселкастиот и суров тон на сувите бобинки ја акцентира слатката и мека основа од кокос, урми и путер од кикирики.
Смоквите се тука да се спротивстават со својата свежина и крвава боја и да ја постигнат конечната рамнотежа на ова парче храна. Освен тоа, нема подобар начин од сервирање на смокви на трпеза за да се означи и прослави периодот од годината кога уште едно лето полека си заминува.
Вака спакуваниот десерт прераснува во хранливо оружје по кое може да посегнете во ситуации кога ви треба брзо полнење на батериите до следниот оброк (на пример во канцеларија на 2 часа пред крај на работно време). Секако, не треба да се претерува, бидејќи иако не содржи рафиниран шеќер и сите состојки се добри за нашето здравје, нивната улога се оптимизира само ако умерено ги конзумираме.
Потребни состојки:
- 200 гр свежи урми (мерени без семки и излупени)
- 60 гр кокосово масло
- 25 гр сурово какао во прав
- 125 гр путер од кикирики
- 40 гр индиски ореви
- 40 гр печени ф’стаци
- 40 гр кокосови трошки
- 20 гр гоџи бобинки
- Прстофат сол
- 2-3 свежи смокви за декорација
Подготовка:
- Доколку јатките се сурови, пред да се употребат се подготвуваат со кратко потпекување во тавче на рингла на тивок оган, додека пуштат од сопствената маснотија.
- Во процесор за храна (блендер или сецко) се ставаат урмите, кокосовото масло, какаото, путерот од кикирики и солта и се подготвува чоколадна паста.
- Смесата се префрла во друг сад и се додаваат јатките исецкани на помали парчиња, бобинките и кокосот. Се меша со лажица сѐ додека не се распоредат јатките и сувото овошје рамномерно.
- Смесата се распоредува во калап (количината одговара за сад со димензии 11 х 22 см) претходно обложен со хартија, се притиска убаво со чаша со рамно дно и се става во замрзнувач да се стегне најмалку 2 часа.
- Пред да се послужи се вади на собна температура 10 – 15 минути. Се редат тенки кришки од смокви и со остар нож се сечат парчиња со димензии по желба.
Алтернативни состојки:
- Можат да се употребат кои било јаткасти плодови кои ви се омилени (бадеми, лешници, ореви, кикирики,…), во каква било форма (сурови, печени, солени или несолени).
- Добра замена за гоџи бобинките е сушена брусница, но може да се стави и некое друго суво овошје (суви кајсии, суво грозје,…).
- Путерот од кикирики е најевтината форма на путер од јатки, но може да се замени со путер од друг тип на јаткасти плодови (лешник, бадеми, индиски ореви,…) или таан.
Добар апетит и убава енергија!