Идејата зад веб платформата „Мк.точак“, која има интерактивна мапа, што содржи вело-патеки, паркиралишта, сервиси и продавници за велосипеди, авторот Данило Најков ја добил од лично искуство како некој кој постојано вози велосипед.
„Лично, јас секаде патувам со велосипед. Главен проблем со кој се соочив, но верувам и дека многумина го имале е губење време во пронаоѓање на сигурен паркинг за својот велосипед. Од тоа почна да се развива идејата во една интерактивна мапа каде секој велосипедист би можел брзо и лесно да провери сè што му треба. Главно место на оваа страница https://mktocak.web.app. зазема интерактивната мапа, која ги содржи вело-патеките, паркиралишта, сервиси и продавници за велосипеди. Вело-патеките се категоризирани според состојба на патеката и местоположба во споредба со коловозот. Овој сајт содржи и платформа каде што секој корисник може да додаде нови вело-патеки или места на главната мапа ако истите не се веќе обележани. На крај, веб-страната им дава можност на корисниците да ги споделат нивните возења со другите корисници во стил на социјален-медиум. Така корисниците собираат т.н. вело-поени. Повеќе инфо за вело-поени –https://mktocak.web.app/velopoeni“, вели Најков.
Најков се изненадил од интересот на луѓето кон оваа страна. Уште на почетокот, многу луѓе учествувале во проширување на мапата со нови вело-патеки и места. Моментално, по скоро една недела од целосното лансирање, страната има околу 5.000 посети од цела Македонија.
„Засега, опфатен е само градот Скопје. Кога корисник ќе додаде нова патека или место, јас во период од 24 часа поминувам таму и проверувам дали тие информации се точни. Ако се точни, ги потврдувам на главната мапа и корисникот добива одреден број вело-поени. Главен приоритет е проширување на мапата со информации за патеки надвор од Скопје како и off-road патеки на планини и слично. Во моментот, разговарам со повеќе сервиси/продавници за велосипеди за нудење попуст со одреден број на вело-поени на сајтот. Исто така, во план е и развој на мобилна апликација.“, додава тој.
Според него, треба да има издвоена вело-патека на секоја улица во градовите. Така ќе се обезбеди полесен пристап за сите велосипедисти.
„Голем проблем е сигурноста на вело-патеките. Тие треба да се одвоени со препреки од коловозот, но и од тротоарот за пешаци. Ова би придонело многу граѓани да се чувствуваат посигурно и да го заменат својот автомобил со велосипед. Во блиска иднина ќе бидат обележани off-road патеките на планините. На интерактивната мапа нема да се прикажуваат патишта меѓу градови и села бидејќи тие ги користат и моторни возила. Мапата е наменета само за обележани вело-патеки.“, завршува Најков.