Баварски перек (pretzel), е вид на пециво кое потекнува од областа Баварија во Германијa (како што сугерира и самото име). Има темна крцкава кора со специфичен безмалку горчлив вкус и мека и слатка срцевина. Се служи за време на Октоберфест и одлично оди со пиво.
Во оригиналниот рецепт за переци се користи раствор од калиум хидроксид (англ. Lye) , високо алкално соединение со корозивни својства (често употребувано и за синтетизирање на нелегални супстанци) кое бара голема внимателност при користење, но и тешко може да се најде во слободна продажба. Неговата улога во подготовката е да предизвика хемиски процес при кој протеините и шеќерите од тестото претрпуваат промени кои на крај доведуваат до карактеристична тенка крцкава кора, специфичен вкус и темна боја на пецивото.
За среќа постои и друг безбеден начин да се постигне доволно близок ефект, без опасност по здравјето, а тоа е со користење на раствор од добро познатата сода бикарбона.
Најголем дел од рецептите за домашни переци вклучуваат топла бања со зовриена вода во која има сода бикарбона, но многу подобар резултат се добива доколку содата претходно се испече на 250° до 300°C. На таква висока температура се случува хемиска реакција, па својствата на печената сода бикарбона стануваат многу блиски до соединението од оригиналниот рецепт и нејзината алкалност значително се зголемува.
Од специфична опрема ќе ви бидат потребни гумени ракавици или ракавици од латекс за да се избегне допир при манипулација со растворот кој може да доведе до алергиска реакција или лесни изгореници.
Потребни состојки за 8 парчиња:
- 150 гр сода бикарбона
- 500 гр сенаменско брашно
- 260 мл вода
- 5 гр сув квасец
- 1 лажица шеќер
- 20 гр путер омекнат на собна темепература
- 1 лажичка сол
- Сусам и крупна сол за декорација
Подготовка на сода бикарбона:
- Содата се распоредува во тенок слој во тавче за печење и се пече во загреана рерна 1 час на 250°C или на максимална температура која може да ја постигне рерната.
- Се остава да се олади, а потоа се собира во сад кој добро може да се затвори за да се избегне апсорпција на влага и губење на својствата.
Подготовка на тесто:
- Брашното, шеќерот и квасецот се мешаат прво сo жица за подеднакво да се распоредат.
- Се додава водата и се замесува тесто. Се меси околу 5 минути, а потоа се додаваат путерот и солта и се меси уште најмалку 10 минути додека не се формира мазна топка.
- Тестото се става во покриен сад со кујнска фолија или крпа и се остава да нарасне додека не се дуплира во големина (1-2 часа, зависно од собната температура).
- Од надојденото тесто се истиснува воздухот. Се дели на 8 еднакви дела од по приближно 100 гр.
- Секое парче кратко се обработува додека не се истисне целиот воздух, а потоа се продолжува со обликување на переците. Прво се формира јаже со должина од околу 40 – 45 см кое што во средината е подебело, а потоа се истенчуваат и краевите кои се превртуваат и се лепат назад (приказ на фотографиите).
- Обликуваните переци се редат во тавче обложено со хартија за печење и малку намрсено, се покриваат со пластична фолија и се оставаат да нараснат на собна температура триесетина минути. Потоа се ставаат во фрижидер 1 час или во замрзнувач 20 минути, без фолијата, за да се подготват за ладната бањата со сода бикарбона.
- Во стаклен сад со 500мл ладна вода се става 75гр од испечената сода бикарбона (тежината се намалува при процесот на печење) и се промешува со лажица која треба да е не’рѓосувачка.
- Оладените переци се потопуваат во растворот така што горната страна се врти надолу во растворот и се држат по 1 минута секој.
- Се враќаат на хартијата, се прават зарези со остар нож на подебелиот дел од тестото и се попрскуваат со крупна сол и сусам или други семиња по желба.
- Се печат на 230°C 10 минути, се отвора рерната за да излезе влагата и се продолжува уште 10-12 минути на 200°C.
Подготовката на баварски переци ќе ја претвори вашата кујна во мала лабораторија, а производот од целиот процес ќе ви предизвика вистинско задоволство и сатисфакција. Уживајте во експериментот!