Со промените кои секојдневно се случуваат во нашите животи, а кои се особено изразени во последните неколку месеци веројатно сите сме посвесни за вредноста на нештата кои ни се чинеле дека ни следуваат и кои можеби воопшто не сме ги ценеле. Кога станува збор за модата, општеството на консумеризам ја наметна таканаречената брза мода која се темели на слепо следење на трендовите, уште побрзи промени на она што е актуелно и секако што пониски цени по кои може да се набават трендовските парчиња облека. Последиците за кои можеби ретко мислиме се злоупотреба на трудот на многумина, ниски плати и долги работни часови, недостаток на креативност и квалитет во облекувањето. Уште една од последиците е уништувањето на голем број на природни ресурси за да се изработат колекции актуелни по само два или три месеци, кои потоа ќе бидат заборавени.
За среќа, полека но сигурно, свесноста кај голем број производители и потрошувачи расне во изминатите години и се повеќе присутен станува концептот на slow fashion, или мода која е фокусирана на квалитетот на дизајнот и изработката, издржливоста на производите и умереност во нивната продукција. Slow fashion го промовира концептот на „купувај помалку, купувај подобро” во секој поглед – во изработката на самите производи, но и во видот на материјалите од кои тие се изработени. Еко свесните брендови кои посветуваат особено внимание на детали и уникатност и кои изработуваат мали серии од своите колекции се луксузот на новото време.
Младите купувачи се особено претпазливи при изборот на модни брендови и класичните модни брендови кои не се прилагодуваат на новите текови губат сè поголем број од своите купувачи. Самиот факт што терминот „slow fashion“ во текот на изминатата година генерирал 90 милион социјални интеракции покажува колку промени се случуваат во начинот на размислување и купување.
На интернационално ниво веќе постојат и специјализирани сајтови за производи кои се изработени од еко материјали на начин кој го минимизира штетното влијание врз природата. Еден од нив е www.thegoodtrade.com кој нуди корисни информации за брендовите кои изработуваат еко облека, модни додатоци, накит, козметика, па дури и мебел и останати производи.
На македонскиот пазар веќе има неколку брендови кои го следат овој тренд на изработка на своите производи. Модниот бренд ЛУДУС во својата суштина ја има работата со природни материјали како памук, лен, волна, свила и рециклирана кожа. Билјана Каровска пак која стои позади ателјето „Петел Паун“ изработува природни материјали во кои се инкорпорирани растителни елементи како лисја, семе, кори и цветови и за кои се користат само природни бои. Генерално сите македонски дизајнери меѓу кои Росица Мршиќ, Јована Филиповиќ, Олгица Георгиева и др. се посветени на што е можно поголема употреба на природни материјали, изработка на колекции кои не изобилуваат со парчиња, но кај кои секое парче носи своја приказна, уникантост и квалитет.
И познатите светски брендови кои се познати по производството на таканаречената брза мода, сè повеќе вклучуваат барем во дел од своите колекции еко и рециклирани материјали.
Освен купувањето на производи изработени од органски материјали, организациите кои се посветени на промовирање на свесноста во модата препорачуваат и рециклирање и пренаменување на износената облека и модни додатоци, купување винтиџ или second hand парчиња како и репарирање наместо отстранување на оштетената облека.
КРАТОК ВОДИЧ ЗА ЕКО МАТЕРИЈАЛИ:
Органски памук
Зошто е добар?
- Направен од природни влакна
- Без употреба на пестициди
- Биоразградлив
- Не дозволува обилно потење
- Мек и пријатен за носење
Негативни страни:
– Бара голема количина вода при одгледувањето
– Повисока цена
Lenzing Tencel (трговска марка за одржливи био материјали)
Зошто е добар?
- Природни влакна
- Направен од сировина од дрво
- Бара помалку вода од памукот
- Одржлив
- Биоразградлив
- Анти-бактериски
- Мек
- Се пере во машина
Негативни страни:
- Потребна е хемиска обработка во процесот и таа произведува токсини, но тие не се исфрлаат во природата бидејќи се употребуваат повторно за обработка на материјалите.
Коноп
Зошто е добар?
- Природни влакна
- Не е потребно хемиско процесирање
- Потребна е помалку вода отколку кај памукот
- Не се употребуваат пестициди
- Биоразградлив
- Се пере во машина
Негативни страни:
- Во многу земји е забрането да се одгледува, што го прави поскап.
Лен
Зошто е добар?
- Природни влакна
- Без пестициди и останати хемиски средства
- Биоразградлив
- Лесен и ултра удобен
Негативни страни:
- Потребна е многу вода во неговото одгледување
- Лесно се гужва/тутка
- Некои прозводи од лен мора рачно да се перат
Свила
Зошто е добра?
- Природни влакна
- Се одгледува со помалку вода од памукот
- Биоразградлива
- Луксузно чувство при носење
Негативни страни:
- Повисока цена
- Често се одржува само со хемиско чистење
При следниот шопинг потрудете се барем некој од овие материјали да биде застапен во облеката која ја купувате – на тој начин ќе се чувствувате поубаво, ќе се облекувате поквалитетно и ќе знаете дека сте дали свој придонес кон зачувувањето на природата, на која ѝ е потребна сета наша помош.