Четириесет и третото издание на фестивалот „Браќа Манаки“ го наградува со Златна камера 300 за животен опус, истакнатиот британско-дански кинематографер Ентони Дод Ментл. Со изборот да му ја додели оваа престижна награда на Дод Ментл, фестивалот доследно продолжува да гради традиција – на претходни лауреати на Специјалната Златна Камера 300, кои ја освоиле во својата помлада животна етапа, подоцна им ја доделува и Златна Камера 300 за животен опус, со што се заокружува нивната творечка целина.
Дод Ментл, во 2009 на триесеттиот јубилеен фестивал „Браќа Манаки“, стана добитник на Специјалната Златна Камера 300, а годинава се закитува со позначајната награда за животен опус, со која влегува заслужено во Клубот на великаните на фестивалот „Браќа Манаки“.
Богата е кинематографската кариера на Ентони Дод Ментл, еден од творците на оригинален дански филмски израз/тренд, соработува со бројни режисери, а триумфот во кариерата на Дод Ментл се случи во 2009 година, кога го освои едниот од осумте Оскари за филмот „Сиромашниот милионер“ (Slumdog millionaire), во режија на Дени Бојл, филм со кој, истата година беше отворен јубилејниот 30. по ред фестивал „Брака Манаки“.Така е крунисана и тандемската соработка на Дод Ментл со режисерот Дени Бојл, со кого претходно уште ги снимаше двата ТВ филмови „Комплетно голо издишување во рајот“ („Vaccuming completely nude in paradise“) и „Блудница“ (Strumped), обата реализирани во 2001 година. Потоа следуваа и двата филмови „28 денови подоцна“ („28 days later“) од 2002 година, како и „Милиони“ („Millions“) од 2004 година.