Соња Ставрова е многу често лицето зад фотоапаратот на голем број настани во Скопје. Со фотографија се занимава од 2012 година аматерски, а во последниве шест години професионално.
„Во зависност од тоа во кое поле од фотографијата творам/работам, дали е тоа уметничка фотографија или комерцијална, постојано се менува сликата за тоа што претставува фотографијата за мене. Комерцијалната фотографија за мене значи финансиска независност, а уметничката запознавање на себе и ослободување. Кај уметничката фотографија најважно е да се одржи креативниот континуитет што многу често знае да биде запоставен за сметка на комерцијалната. Постојано сум во борба на постигнување баланс помеѓу двете сфери, бидејќи ме празнат на различен начин и, едноставно, не би можела да функционирам без двете. Желбата да станам фотограф ми се роди од гледањето на лошите фотографии во албумите на баба ми, фотографиите од родендени од албумите на мајка ми, од албумите од основно, албумите од средно, албумите од матура, фотографиите на личните карти. ☺ Долго време бев само набљудувач на фотографии, а желбата за фотографирање дојде малку подоцна, фотографијата тогаш се најде најблиску до мене за да ми помогне во раскажувањето на приказните што најчесто е тешко да се кажат на глас. Па, така, паралелно, додека студирав правен факултет, запишав курс по фотографија. Тоа беше во 2013 година“, вели Ставрова.
Инспирацијата ја добива често од општествени теми што се случуваат околу неа.
„Инспирација црпам од емоции и моменти што мене ме погодуваат и сметам дека се вредни за дискусија. Нешто што ќе ми одвлече внимание и што ќе ми разбуди емпатија или немир. Работи што треба да се сменат, а најчесто не се зборува за нив, луѓе кои треба да се видени и слушнати, а најчесто не им се случува тоа. Многу долго време мислев дека можам да го сменам светот и постојано размислував како се прави тоа. Но, како поминува времето, така сфаќам дека тоа всушност и не е некоја стратегија што треба да се смисли, туку едноставно треба да кажеме што се случува во времето во кое ние живееме и како гледаме на тоа. Многу често се случува и од естетска точка да одберам следна тема за обработка, некогаш тоа може да почне и од еден збор. Така што, тоа е апсолутно индивидуално и интимно и најмногу зависи од минатите искуства и моменталното расположение. Исто така, со оглед на тоа дека нашата фотографска сцена е многу неразвиена и неинспиративна, а воедно и воопшто не оди во чекор со светските трендови и стандарди постојано следам изложби надвор од Македонија, посетувам интернационални фестивали за фотографија и оттаму најчесто добивам инспирација за работа“, објаснува фотографката.
За неа најголем предизвик во фотографирањето веројатно би бил моментот кога сите параметри потребни за добра фотографија се во согласност. А тоа е светло, композиција, идеја, момент, модел итн.
„Буквално секој елемент од кој е создадена фотографијата е еднакво важен и предизвикувачки, бидејќи не е процес што има крај, туку постојано се наоѓам пред следниот предизвик што треба да го совладам. Затоа ме задржува и никогаш не е здодевно, бидејќи цело време се учат многу нови нешта. Сум имала две самостојни изложби и сум била дел од повеќе групни изложби. ’Цензура‘ беше мојата прва самостојна изложба што беше мој магистерски труд, изложена во Националната галерија на Република Северна Македонија – Мала Станица (Скопје, 2019), во Домот на културата ’Иван Мазов-Климе‘ (Кавадарци, 2019) и НУЦК ’Ацо Шопов‘ (Штип). ’26/6‘ е исто така за мене многу драга изложба што зборува за слободата на говор и критичкото размислување во едно ограничено општество. ’26/6‘ беше и моја прва самостојна онлајн-изложба, која се случи за време на пандемијата со Ковид-19 и беше изложена на платформата на ’Подиум Јадро‘. Од групни изложби ќе ги издвојам: ’Overcoming Art‘ (Скопје, Загреб, Единбург (2021), ’Channel your inner drag‘ (Скопје, 2020), ’F8‘ (Скопје 2019), ’Идентитет‘ (Дортмунд и Скопје 2018), ’Rovinj photo days‘ (Загреб и Ровињ), ’Фото Софија 13‘ (Загреб, 2018), Млади ликовни уметници од Кавадарци и нивни гости (Кавадарци, 2014, 2017, 2019 и 2020), ’Photo video applied skill‘ (Бејле-Тушнад, Романија).“
Моментално, Ставрова работи на нејзиниот прв документарен фотопроект со наслов „Кралот Алкохол“.
„На некој начин, правам ’враќање на корените‘, односно ќе се документираат приказни од повеќе кафеани во градот Кавадарци. Проектот прави уметничка деконструкција на различните однесувања на луѓето кои консумираат алкохол и на оние што имаат алкохолна зависност. Кавадарци, познат и како градот на виното, претставува клучен пункт за испитување на афирмативните перцепции на животните стилови и културниот идентитет поврзан со ’пиењето‘ и ’опивањето‘ како секојдневна практика. Изложбата во Скопје ќе се случи на почетокот на октомври 2022 година во галеријата на МКЦ“, додава Ставрова.
За нејзините фотографии има добиено повеќе награди, од кои една интернационална.
„Имам добиено повеќе награди за фотографија, од кои и една интернационална. Во 2016 година ја добив првата награда за најдобра фотографија на конкурсот за националната кампања ’Право на младинско информирање – информирај се сега!‘, а во 2018 година бев второрангирана во категоријата акт на интернационалниот фестивал за фотографија ’Rovinj photo days‘ во Ровињ, Хрватска. Мои фотографии биле објавени во повеќе списанија и интернет-страници. Некои од нив се: ’Големото стакло‘, издание на МСУ Скопје во 2019 година, ’Overcoming Art‘, публикација од проектот ’Here is the artist (WDYN)‘, кој е колективно кураторство во 2021 година“, вели фотографката.