Менструалните производите, вклучувајќи ги и тампоните и влошките, од вчера станаа бесплатни во сите јавни згради, институции и установи во Шкотска, каде на сила дојде прв ваков закон во светот. Законот беше усвоен во 2020 година и претставува своевидна победа за глобалното движење против менструална сиромаштија.
Законот предвидува низ сите јавни згради и установи низ Шкотска вклучувајќи ги и училиштата и универзитетите низ земјата, да има бесплатни менструални производи. Одговорноста е на локалните власти и на образовните институции да бидат достапни бесплатни овие производи.
Законот беше предложен од пратеничката Моника Ленон која го претстави во април 2019.
„Горда сум што постигнавме во Шкотска. Први сме но нема да бидеме последни“, напиша Ленон на Твитер вчера.
Во документите кои ја поддржуваа легислативата Ленон кажа дека разумно е да се претпостави дека 20 проценти од популацијата која има менструација би имала придобивки од овој закон, бидејќи статистиката покажуваше дека 20 проценти од жените во Шкотска живеат во релативна сиромаштија.
Во Македонија според истражувањето „Менструална правда“ на „Тииииит! Инк.“ и „Реактор“, наодите индицираат дека трошоците за справување со менструацијата се високи ако се земе предвид официјалната статистика за дистрибуциите на заработувачка и економски статус во нашата земја, како и официјалната статистика за стапката на сиромаштија. Значителен дел од девојките и жените се или во некој период од животот можат да бидат засегнати од менструална сиромаштија, иако прашањето е маргинализирано во јавноста, а доминантниот дискурс сѐ уште е дискурс на „срамота“.
Еден од наодите од истата студија укажува дека речиси секоја трета учесничка во истражувањето барем еднаш во животот се нашла во ситуација да нема пари да купи влошки и да мора да импровизира со крпи, тоалетна хартија. Додека кај средношколките 20% или секоја петта средношколка барем еднаш во животот се нашла во истата ситуација, што потврдува дека менструалната сиромаштија е реален проблем со кој се соочуваат жените, девојките и другите лица кои менструираат кај нас. Минатата година властите донесоа одлука во средните училишта во Скопје да бидат достапни бесплатни менструални продукти, што беше мал напредок кон препознавање на реалниот проблем со менструалната сиромаштија и олеснување на периодот на менструација за голем број средношколки. Оваа одлука се очекува да биде имплементирана од овој септември од почетокот на училишната година.