Емил Петров (Артериа Емил Петро) е визуелен уметник и научник кој e особено фасциниран од светлосната уметност и со своите проекции создава ремек дела ширум сцените на театрите низ земјава и во Националната Опера и Балет, но и на фасади од згради во вид на мапинг арт проекција. Со својата светлосна уметност има учествувано и на Skopje Art Light District, а добитник е на награда за најдобра сценографија во 2017 за претставата „Љубовни пози на историјата“ од Горан Стефановски.
Што особено ве привлекува кон визуелната уметност?
Сите уметности кои ги восприемаме се во основа визуелни уметности, во галерија, во кино, во театар, на концерт, на фестивал за светлосна уметност… нашето сетило за вид е еден првите приемници за сензациите од надворешната средина. Можеби ми се допаѓа брзината на светлината и брзината на нашите рецептори за светлина преку кои ја примаме визуeлната уметност, односно за кратко време имаме способност да ги перцепираме сите нијанси на белата светлина. Уште побрзо истите да ги обработиме во нашиот мозок, и да дојдеме до одлука дали тоа што го гледаме ни се допаѓа, дали ни предизвикува некоја емоција и дали сме научиле нешто за себе или сме дознале некоја друга или нова вистина. Едно уметничко дело кај публиката може да предизвика различни сензации, доживувања и различни вистини. Визуелната уметност што ме окупира мене во последниве години, во вид на мапинг арт проекција, користи наместо платно архитектура на некоја зграда или специфична локација, а наместо боја користи анимација која во вид на фотони од светлината од голем проектор влегуваат во интеракција со фасадата на зградата. При тоа создаваат еден друг поглед на објектот покрај кој минуваме секој ден. Една реплика од претстава на која сум работел вели: „Градот цел да го обоиме“.
Од каде црпите инспирација за вашите дела?
Уметникот е медиум и дете. Уметникот мора да е подготвен да прима информации на различни фреквенции и со сите сетила. Инспирацијата е збир од сензации, склоп од време и простор, спој од бои и тонови. Детето од друга страна е знак за слобода и мечти. Никој не може на едно дете да му забрани да игра, да мечтае и креира. Затоа за мене креацијата е најголемата слобода. Инспирацијата за моите дела ја гледам секаде наоколу, некогаш е добра книга или изложба, често е добра музика или музеј за уметност во некој голем град, а најчесто се други луѓе уметници и научници или уметност која се случува во живо. Зависно од видот на делото кое го работам процесот на создавање може да биде самостоен/соло процес, или може да биде групна енергија кога се работи со други уметници. И двата начини имаат своја предност и специфичност, но најголем предизвик е да работиш на заеднички проект/идеја со повеќе различни видови на артисти со поинаков уметнички израз.
Како би се опишале себе во кратки црти?
Предизвик, експеримент, запознавање, движење, боја, музика и танц. Има една реплика во еден од моите омилени филмови која вели: „Голема опасност, мали шанси за успех… Што чекаме?“
Опишете ни неколку ваши дела на кои особено сте горди.
Во 2016 година работев како сценограф и дизајнер на претставата „Љубовни пози на историјата“ по текст на големиот Горан Стефановски во театарот во Прилеп. Претставата говори за Првата светска војна и за мене тоа беше еден од најубавите процеси на кои сум работел досега. За оваа претстава добив награда за најдобра сценографија на Македонскиот театарски фестивал “Војдан Чернодрински” во 2017 година.
„Game, Play and Dance“ e видео арт фантазија направена за проекција на специфична локација на фасадата на Националната опера и балет, како дел на фестивалот на светлосна уметност и видео мапинг Skopje Light Art District минатата година. Работев со неколку прекрасни балетски уметници и кореографи, инспирирани од руската авангардана уметност и американската поп култура. Како музичка подлога користев дела од Сен Санс (Danse Macabre), Чајковски (Swan Lake) и The Trumps – Disco inferno. Првиот ден од фестивалот кога го пуштивме проекторот да го осветли ѕидот на Националната Опера и Балет ми стана јасно зошто се одлучив да направам аудио микс токму од тие музички теми. Со ова дело бев дел од меѓународен видео мапинг фестивал во Лил, Франција, каде влегов меѓу седумте финалисти кои со својата видео уметност имаа можност да се претстават на овој престижен видео мапинг фестивал.
„Три бои црвено” е мапинг видео арт изработен како дел од прославата на 30 години независност на нашата татковина, проектиран на фасадата на зградата на македонското собрание во центарот главниот град Скопје. Неочекувано добив еден од најдобрите термини на настанот веднаш по големиот славенички огномет. Прекрасен микс од светлина од огномет, анимација и музика инспириран од уметноста на традиционалниот македонски вез. Последниве неколку месеци ме окупира современото балетско дело Les Demoiselles d’Avignon – „Госпоѓиците од Авињон“ по кореографија на Олга Панго, музика на Калиопи Букле и либрето на Сашо Димовски.
Дали сметате дека уметноста може и треба да пренесува порака во едно општество?
Уметноста како категорија е витален дел за развој и напредок на едно општество. Уметноста треба да поттикне прашања, да се обиде да едуцира, да пренесе пораки и знаења, да овозможи простор за една поинаква комуникација, да формира елита, да предвиди револуција и насока на истата. Да се обиде да каже приказна за вистинската слобода, да скрши бариери, да ги потикне луѓето на квалитетна комуникација и дебата…
Уметноста е социјална категорија која треба да се практикува и користи во секое општество…
Мислам дека секој уметник ја создава својата уметност како дел од потрагата за неговото постоење и може да одлучи никогаш да не ја покаже никому и себично да ја чува само за себе. Мене повеќе ми се допаѓа кога таа уметност која ја создава уметникот ќе ја сподели со други луѓе, односно ќе се обиде ненаметливо да пренесе свое искуство или порака.
Дали кај нас има публика која знае да ја цени мултимедијалната и визуелна уметност?
Брзиот развој на нови медиуми и алатки ја постави мултимедијалната уметност на едно ново и посебно ниво. Можноста за креација на нови форми на уметност, е и нов предизвик за публиката. Користењето на јавниот простор за презентација на уметноста ја носи уметноста блиску до луѓето и овозможува восприемање на уметноста без институционални граници, ѕидови на галерии, без зададени формати, без димензии и без завеси на театарски сцени.
Што му е потребно на еден млад уметник да ја негува креативноста и да не се откажува од создавање нови дела?
Храброста која ја поседуваат младите луѓе е најважна да одлучат да се занимават со уметност. Едукацијата, посветеноста на работата и експериментот се пресудни за некој човек да ја избере уметноста за своја професија. Храброста со годините се менува во искуство и знаење, но причината поради која ѝ се навраќаме на уметноста останува иста. Уметникот не смее да припаѓа никому. Треба да верува во својата визија и да не се откажува од својата уметност.