Дизајнерката Ирина Тошева ја претстави својата нова модна колекција „Зина“ со модели изработени од одржливи материјали и остатоци. Колекцијата креативно трага по опстојувањето на културата и традиционалните занаети во идно време, што од нас бара да ја спасиме нашата животна средина сега.
Инспирирана е од споменикот „Жена борец“ на академик Боро Митриќески, кој претставува синтеза и соодветен баланс на модерната, меко и елегантно изведена стилизација, со нагласени форми. Ги чествува жените учесници во Народноослободителната борба, меѓу кои и има и седум народни херојки, по кои се наречени облеките.
Преку соработката со последниот традиционален јорганџија во Старата скопска чаршија и јорганџиството како занает во изумирање, Тошева тежнее кон негово актуелизирање и заживување во моден контекст.
„Културна одржливост е одржувањето на културните верувања, културните практики и занаети, зачувувањето на наследството, обидувајќи се да одговори на прашањето дали ќе постои или не некоја дадена култура во контекст на иднината. Одржливоста е способност да се одржи и/или продолжи. Двата поими се испреплетени во општествените и политичките домени и како такви, станаа еден од поважните концепти на одржливост“, истакнува Тошева.
Со користење еколошки материјали со сертификати, кои го гарантираат составот и етичкото производство, остатоци материјали од локални фабрики, работење со дигитално изработени кроеви, Ирина се стреми кон транспарентен синџир на производство без отпад, придонесувајќи кон развивањето на цирклуларната економија во нашата земја.
Моделите се надополнети со накитот на Ксенија Котев, која креира модерни додатоци инспирирани од традиционалната техника филигран. Седумте дизајни изработени од 925 сребро се збогатени со импресивен избор на полускапоцени камења, создадени од природата, вешто поврзани со значењето на седумте енергетски центри во телото- чакрите.
„Чувството на радост и инспирација може да се роди во секоја мисла, емоција и глас на интуицијата кое ги отсликува боите на животот. Ја зголемуваме свесноста на нашето вистинско, љубовно и духовно јас со прифаќањето на спиритуалниот живот, кој почнува кога ќе се ‘родиш повторно’“, изјавува Котев.
Едиторијалот е снимен на уште една занемарена и заборавена локација, базенот и паркот во Сарај. Фотографиите се дело на Александра Костадиновска, моделка е Веда Евтимова од Моделс Ин, за шминката беше задолжен Виктор Мирчевски, а за фризурата студиото Hairhouse. Чевлите се од Schuster.
Облеките и накитот може подетално да се погледнат и нарачаат на веб страницата на дизајнерката, каде може и да се закаже термин за посета на ателјето.
Колекцијата е дел од поддржаните проекти од локален интерес во културата на Град Скопје, за 2021 година.