Историски, патријархалната доминација и институционалните структури на моќ во индустријата се зајакнати со јазикот и сликите користени во фотографското рекламирање каде најчесто жените се модели, а мажите фотографи. За мажите се претпоставува дека имаат поголемо техничко знаење и поголема способност, за разлика од жените. И покрај ваквите негативни стереотипи, не сите жени биле обесхрабрени да ја купат својата прва камера. Иако жената не го измислила процесот фотографија ниту пак фотоапаратот, таа има голема улога и е дел од фотографската историја. На почетокот жените биле само дел од фотографијата, како модели, а подоцна многу од нив и застануваат зад фотоапаратот и докажуваат дека и тие можат да се идентично креативни, храбри и гласни. Објектификацијата и имплицитно машкиот поглед на камерата подолго време беше предмет на расправи, особено кога станува збор за насоченоста во тој поглед на жените. Што се случува, тогаш, кога фотографот е жена? „Кој се плаши од жени фотографки?“
Приказната за тоа како Елен фон Унверт станува светски позната модна фотографка е необична и многу интересна. Таа е родена на 17 јануари 1954 година во Франкфурт, Германија. Како сирак, за време на раното детство, таа често завршувала во многуте институции за згрижување на деца. По завршувањето на средното училиште во Минхен, три години работела како асистент на циркуски магионичар. На дваесетгодишна возраст случајно на улица ќе биде препознаена од фотограф кој ќе и понуди да има кариера како модел. Одлучува да си даде шанса како модел во светот на модата и се сели во Париз, каде ќе има успешна кариера цели десет години. Сепак, работејќи како модел, најмногу ѝ сметало тоа што ја немала слободата да одлучува каде ќе се користи фотографијата со нејзиниот лик и како тоа ќе влијае на нејзиниот имиџ. Нејзиното момче во тоа време и подарува камера, а таа ќе направи импровизирана фотосесија во Африка со нејзините модели колеги. Подоцна тие фотографии ќе бидат објавени, а со тоа одлучува дека фотографијата е новиот по кој таа ќе тргне во животот, бидејќи побарувачката за нејзините вештини за фотографирање набрзо ќе ја надмине нејзината побарувачка како модел.
Како фотограф твори и создава повеќе од 30 години и за тие години има работено со скоро сите познати модели, актери, пејачи… Таа е важна во дефинирањето на главната естетика на модната фотографија од 90-тите и 2000-тите: светкаво, треперливо, гламурозно, шарено… Мешајќи го шармот на стариот традиционален свет со уникатно провокативен еротицизам, нејзините фотографии претставуваат бунт сочинет од забава и итра субверзија. Секогаш ужива да ги турка границите околу женственоста и сексуалноста и тоа го прави многу гласно и со гордо крената глава. Нејзините субјекти – претежно жени, со многу често машки модел во позадината – се позиционирани секогаш во преден план многу храбро. Како што вели фон Унверт, „Мажите се на сликите, но скоро секогаш како додатоци. Дали ги мразиме мажите? Не. Само ги држиме под контрола“.
Фон Унверт и ден денес фотографира за сите врвни модни магазини, вклучувајќи ги Vogue, Vanity Fair, Interview, The Face, Arena и i-D, и има објавено десетици книги со нејзини фотографии и изложби низ целиот свет.