Проектот ЕДУИНО е решението на предизвикот со кој пред две години се соочи образованието, заедно со сите негови ентитети. ЕДУИНО е колективен портал за подобрување на образованието преку ко-креирање и иновации и претставува можност за поттикување на промените во нашето општество почнувајќи од нашата заедница.
Проектот „ЕДУИНО: Колективно подобрување на образованието преку ко-креирање и иновации“ е во сопственост на Бирото за развој на образованието (БРО), а истиот е финансиран од Владата на Обединетото Кралство преку Амбасадата на Велика Британија во Скопје, со поддршка од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Министерството за образование и наука (МОН). Проектот е имплементриран од страна на УНИЦЕФ и СмартАп – Лабораторија за социјални иновации, а соработници се SyNRG – Software & IT Solutions и ФИНКИ – Факултет за Информатички науки и компјутерско инженерство.
Во ова ПОРТРЕТ интервју ќе зборуваме со со г-ѓа Патриција Ди Џовани, претставничка од УНИЦЕФ и со г-от Зеќирија Хасипи, директорот на Бирото за развој на образованието, за тоа како проектот ЕДУИНО со своите иницијативи, делува во развојот на образованието, а со тоа влијае и врз професионалниот развој кај образовниот кадар и помага во правилниот раст кај децата во предучилишна и училишна возраст.
Велат дека забавните искуства исполнети со уживање, им помагаат на децата да најдат значење во она што го прават и учат, токму затоа учењето преку игра се смета за една од основните потреби на децата. Поддржувајќи го учењето преку игра и правилниот социо-емоционален развој, ЕДУИНО ја лансираше првата платформа што обезбедува пристап до игровни едукативни активности: ЕДУИНО Ран детски развој. Ја запрашавме г-ѓа Патриција, да ни раскаже повеќе за оваа платформа, а воедно да не запознае подобро и со проектот ЕДУИНО.
– „Присуството во онлајн сферата е составен дел од животите на децата и младите, а истото важи и за многумина од нас возрасните. Подемот на новите технологии влијаеше на начинот на кој децата доаѓаат до информации, се дружат, играат и учат. Дигиталната технологија има огромен потенцијал да направи промена во позитивна насока во наставата и учењето.
Пандемијата на КОВИД-19 ја забрза примената на дигиталните технологии во образованието, со што го приближи образованието до потребите на утрешнината. Платформата ЕДУИНО им обезбеди на наставниците, воспитувачите, родителите и децата форум за заеднички да создаваат и разменуваат цела една ризница од ресурси и материјали, а како резултат на тоа се „роди“ и нова заедница – ЕДУИНО заедницата. Оваа заедница расте со брзо темпо (во моментов брои 22,700 наставници кои се регистрирале за користење на платформата) и придонесува за поблиска соработка меѓу наставниците и воспитувачите. Сведоци сме дека платформата ги инспирира и мотивира наставниците да ко-создаваат содржини и да ги подобруваат постигнувањата на учениците. ЕДУИНО прерасна во централна национална платформа за материјали за учење, игри и ресурси за родители, воспитувачи и ученици, а нуди и можности за професионален развој на наставниците и воспитувачите.“
Кога разговаравме на оваа тема, г-от Зекирија ни раскажа како од ризницата полна со едукативни игровни активности, трет пат по ред го организраа ЕДУИНО Игратонот, креативниот предизвик за учење преку игра наменет за деца од 3 до 10 годишна возраст.
– „Учењето низ игра е најдобар начин за учење кај децата и стекнување нови вештини. Токму затоа го креиравме ЕДУИНО Игратонот, креативниот предизвик за учење преку игра, со едукативни игровни активности наменети за деца од 3 до 10 годишна возраст. Активностите од овој игратон се предизвици за градинките и училиштата, но и игри кои се изведуваат во домашни услови и се дел од платформата ЕДУИНО Ран детски развој. Сите активности и ресурси се верификувани од страна на Бирото за развој на образованието и експерти од областа, за да се осигура квалитетно образование. Исто така, би сакал да споменам дека одбраните активности за предизвикот ЕДУИНО Игратон, не поттикнуваат компетитивност токму поради тоа што секој процес на изработка од страна на децата и поддршката од возрасните е подеднакво вреднуван и треба да му се даде еднаква важност.
Се гордеам што преку овој предизвик создадовме забавни и едукативни спомени меѓу семејствата и децата, на кои учествуваа над 300 учесници и беа изработени над 1 500 игровни акривности, под мотото „Целата држава учи и игра“. Како дополнителна мотивација, за креираните изработки на предизвикот, односно за учесниците има симболични подароци кои се доделуваат по случаен избор за најсреќните учесници. Бројот од реализирани активности, вклучени семејства, градинки и училишта е навистина голема радост за целиот тим, а најмногу ни значи е тоа што постигнуваме насмевки на детските лица.
Она што особено сакам да го истакнам е тоа што овој период ја промовиравме бесплатната информативна брошура наменета за воспитувачи, наставници и родители. Оваа брошура дава насоки за полесен пристап и користење на платформата ЕДУИНО Ран детски развој за сите корисници. Во неа се претставени примери од едукативни игровни активности кои ја поттикнуваат нивната практична примена и истата може бесплатно да се превземе преку порталот на ЕДУИНО, eduino.gov.mk.“
Со госпоѓа Патриција продолживме да зборуваме како можат родителите и
старателите да ја користат платформата ЕДУИНО за го поттикнат развојот на
децата во домашни услови и зошто е тоа важно?
-„Сите знаеме дека раното детство е од клучно значење за децата да се развијат во
здрави, активни и напредни луѓе. За време на овој период од животот, децата учат
преку игра за светот и за самите себе, а стекнуваат и вештини што им се потребни
за учење, работа и негување на односите со другите.
Предучилишното образование ја подобрува способноста на детето да учи, да
соработува со други и да развие вештини што се предуслов за успех на училиште и
на работното место во иднина. Меѓутоа, во Северна Македонија, помалку од
половина од децата на возраст од 3 до 6 години одат во градинка. Затоа,
паралелно со проширувањето на пристапот до предучилишно образование, треба
да им понудиме поддршка на семејствата со деца кои не одат во градинка за да го
поттикнеме нивниот развој во домашни услови.
За да им овозможиме на семејствата со мали деца кои не одат во градинка да
имаат придобивки од квалитетните материјали за учење и од активностите
засновани на игра, го поддржавме создавањето содржини што ќе им бидат лесно
достапни на родителите преку ЕДУИНО. Компонентата за ран детски развој во
платформата ЕДУИНО нуди голем број активности засновани на игра за родители и
деца, за кои не се потребни многу средства а овозможуваат квалитетно поминато
време со децата. Образовните активности се приспособени на возраста на детето и
на различните развојни домени, така што родителите и старателите можат да го
следат преминот на нивните деца низ развојните фази преку игра. Истовремено,
играњето им нуди можност на родителите и старателите да се зближат со децата
преку забава, помагајќи им помагајќи им да растат со чувство дека се сакани и
дека некој се грижи за нив.“
Разговорот со нашите гости го продолживме со цел да дознаеме повеќе за ЕДУИНО Вебинарите, нивните најгледани бесплатни настани за професионален развој кај образовниот кадар. Во овој месец се финализираше вториот дел од третиот серијал на ЕДУИНО Вебинари, каде што наставниците и сите заинтересирани лица во полето на образованието можеа да ги надополнат своите знаења и вештини преку нови 9 актуелни теми. Г-от Хасипи ни раскажа повеќе за овие настани и можноста за стекнување сертификати.
„Дигитализацијата на образованието е развојно, а не статично прашање, тоа е процес кој има почеток и нема крај, бидејќи иновациите во оваа област се континуирани и незапирливи, па така ние постојано работиме на предизвикот дигиталната писменост да се вгради во сите нивоа на образованието, како и во професионалниот развој на наставниците. Серијалот ЕДУИНО Вебинари ги содржи најпретпознатливите онлајн ресурси за стекнување на вештини во областа на образованието. Содржината на серијалот ЕДУИНО Вебинари е утврдена од страна на Бирото за развој на образованието во соработка со УНИЦЕФ, а оваа година особено внимание посветивме на можноста за симултано толкување со што се овозможи слушање на вебинарите на македонски и албански јазик, како и вебинари кои се одржуваат на двата јазика паралелно. Овој процес е осмислен со цел да им овозможни на учесниците да се здобијат со сериозно практично искуство и можност да се здобијат со сертификати за стекнати и применети знаења кои се од особена важност за нивниот професионален развој. Преку ваквиот тип интерактивни и неформални настани ја имаме можноста директно да влијаеме врз професионалниот развој и унапредувањето на дигиталните вештини на голем број едукатори во нашата земја. Досега реазлизиравме околу 30тина вебинари со повеќе од 50.000 учесници/слушатели и издадени сертификати.“
ЕДУИНО има вкупно 4.235.894 прегледи на својот Јутјуб канал, каде што имаат повеќе од 12.000 претплатници. Од тимот се радуваат и на големиот број следбеници на нивните Фејсбук и Инстаграм профили на социјалните медиуми, а членовите на двете Фејсбук заедници ЕДУИНО едукатори и ЕДУИНО заедница се со повеќе од 7.500 членови. Доколку и вие сакате да бидете дел од оваа заедница уште веднаш приклучете се кон овие профили и заедници.