Со Марио Јелиќ-Кун и Антонио Стојановски-Тонито, препознатливите дечки од „Два бона“, поразговаравме за новиот албум „ЗЕВС“, што се крие зад името и новите песни, но и за почетоците и за тоа како е да се прави музика што ја рефлектира нивната околина и нивното растење.
Со издавањето на студискиот албум „ЗЕВС“ влеговте во една нова музичка димензија што резултираше со поинаков звук и изглед на спотовите и на вашата музика. Како се создаваше „ЗЕВС“, од каде инспирацијата за името, обвивката на албумот, како изгледаше креативниот процес, создавањето на ролаутот, со кого соработувавте?
На албумот почнавме да работиме непосредно откако почна пандемијата. Со тоа што сите концерти, турнеи и другите јавни настани ни се одложија, се создаде простор да се затвориме во студио и да работиме на проект на каков што никогаш претходно не сме работеле. Карантинот го поминавме во студио, таму бевме нонстоп и работевме на „ЗЕВС“. Албумот е збир (рекапитулар) на сè она низ што поминавме и поминуваме и сè она што ни лежеше на срце, а претходно не сме го искажале. Целото досегашно патување и сите лузни и медали од него, пробавме да ги склопиме во девет песни, девет видеоспота, на кои работевме речиси две години. Главниот повод за името „ЗЕВС“ го даде водечката песна во албумот, која е исто така насловена „ЗЕВС“ – содржината, енергијата и емоцијата во песната најмногу влијаеше да се одлучиме насловот да биде името на Богот над боговите.
Ролаутот го почнавме на втори јануари 2022 година и решивме да објавуваме по една нова песна и нов спот на секој втори во месецот, како и на секој 22 во месецот.
За обвивката соработувавме со Виктор Наумовски (креативен директор, фотограф) и Илија Димкоски (дизајнер, креативен продуцент), а приказната зад тоа е базирана на приĸазната според која Богот над сите богови бил одгледан од ĸоза. Отĸаĸо неговата мајĸа успеала да го спаси од Хронос, Зевс бил доверен на ĸозата Амалтеа ĸоја го доела, одгледувала и му помогнала во моментите ĸога бил наслаб и најранлив. Гледајќи низ очите на Зевс, делото има двојна природа – од една страна го претставува Зевс над сите, со поглед од висина, а од друга страна ја отĸрива и неговата по емотивна страна – со тоа што одбира да се фоĸусира и оддава чест на суштеството што му има помогнато од почетоĸот на неговото патешествие до врвот. Само на обвивката се работеше два-три месеци.
Што се однесува до гостувањата, имаме само една песна на која имаме гости, повеќе, од различни држави, но повеќе околу тоа наскоро.
Од почетокот одевме спротивно на тоа како „дуваше ветерот“ и спротивно на параметрите и непишаните „правила“ што тука беа актуелни и задолжителни за сите што пробуваа да снимаат рап.
Со оглед на тоа што работите од 2011 година со музика, ќе ве навратам на почетоците, што и не ви биле баш лесни и едноставни. Ќе сакате ли да ни раскажете за тоа како почнавте да се занимавате со музика и дали можете да направите една паралела помеѓу вашите почетоци и денешната музика што ја правите?
Креираме музика уште од 2009 година, но година и пол подоцна почнавме и да објавуваме песни. За да стигнеме до основната опрема за правење музика и снимање спотови, работевме сè и сешто, што вклучуваше и мешање малтер и садење цвеќиња – не беше баш едноставно. Инаку, идејата да почнеме да снимаме се роди една вечер во парк (околу 2009 година). кога бевме импресионирани од фристајлот на еден дечко што рецитираше. Импресиите од таа вечер беа целосен пресврт во нашите животи.
Од почетокот одевме спротивно на тоа како „дуваше ветерот“ и спротивно на параметрите и непишаните „правила“ што тука беа актуелни и задолжителни за сите што пробуваа да снимаат рап. Аutotune користиме од 2010 година, пишуваме на буквално сите теми од кои бевме и сè уште сме инспирирани и не се грижевме за тоа кој во каква рамка ќе проба да нè стави – од почетокот работевме по наше и, од денешна гледна точка, многу сме горди на тоа.
Имате песни и со музичари надвор од Македонија, имате искуство и фанови и надвор од нашата земја, ќе сакате ли да го споредите и да го раскажете искуството на нашата музичка сцена со балканската општо?
Фино е кога те препознаваат и те слушаат и надвор од твоите граници. Фино е кога гледаме дигнати раце и како ни ги пеат песните низ Балканот и низ дел од Европа – навистина сме благодарни за тоа. Задоволни сме од тоа како сме прифатени, респектот од публиката е нешто што најмногу ни дава „ветар во грб“.
Ние сме првите мејнстрим артисти од Македонија (барем од осамостојувањето) кои прават музика само на македонски јазик, а се слушани низ целиот Балкан и делови од Европа. Среќни сме што ја уриваме таа бариера и се надеваме дека со тоа отвораме пат за нови, млади артисти, што впрочем е и нашата мисија со нашата издавачка куќа „Горила“.
Нашата генерација е генерација на деца на транзицијата, ние сме деца што преживеаја денационализација, граѓанска војна и голем број други турбуленции, така што нашата околина никогаш не била нешто сјајна.
Сè почесто и поотворено низ светот се зборува за преземање одговорност, особено за искоренување на предрасудите, булингот и говорот на омраза, а музичарите се тие што имаат големо влијание врз публиката и нивните фанови, a и често и самите се мета на говор на омраза. Како вие лично се справувате со овие прашања за булинг и за предрасуди и сметате ли дека музиката може да има влијание врз однесувањето на младите?
Да, дефинитивно, после родителите и околината, можеби најголемо влијание кај младите има музиката како дел од културолошката матрица на кој било народ.
Нашата генерација е генерација на деца на транзицијата, ние сме деца што преживеаја денационализација, граѓанска војна и голем број други турбуленции, така што нашата околина никогаш не била нешто сјајна. Во голем дел од нашите песни ние ја рефлектираме таа околина во која сме растени и ги носиме на површина сите позитивни и негативни аспекти на растењето во еден таков хаос, не гледаме потреба да правиме песни само со позитивна порака. Околината има влијание врз секој артист, ние најчесто пишуваме за она што го живееме и за она со што сме опкружени, тоа и нè инспирира.
Што се однесува до тоа дали сме мета на предрасуди и критики – апсолутно сме. Наидуваме на јавни, директни и индиректни осуди, како од колеги, така и од одредени луѓе. Често сме мета на критики, но со оглед на тоа што ние знаеме на што сме, навистина не нè тангира и не ни ги менува плановите на ниеден начин. Тоа е дел од играта, а нашите успеси зборуваат сами за себе.
Што планирате за промоција на новиот албум, каде ќе може да ве слушне публиката? Какви се следните планови по овој албум, дали размислувате и го градите концептот за иднината на вашите кариери?
Се надеваме дека од пролет ќе се среди ситуацијата со Ковид-19 и дека конечно ќе можеме да го презентираме звукот на новиот албум како што прилега – со концерти во живо. Веќе имаме букирана турнеја за надвор од Македонија, а се планира и турнеја низ Македонија, со фокус на песните од „ЗЕВС“. Примарно ни е да го завршиме ролаутот за „ЗЕВС“, потоа се турнеите во Македонија и надвор, а планирани се и неколку соработки на нови проекти, независно од албумот, кои се надеваме дека ќе се остварат ова лето. Имаме и други амбиции и планови, но ова се главните точки на to do листата.
Облека: https://www.taf.mk/