Брендот „Лудус“ деновиве објави видео презентација на најновата колекција наречена „Пост-родовост II поглавје“. Модниот дизајнер Драган Христов со години е најзаслужен за растењето на овој бренд, за развивање на свеста за безродова мода и примената на 100% одржливи еко материјали. „Пост-родовост II поглавје“ е подлабоко истражување на едно футуристичко (идно) општество без постојните бинарни родови улоги. Оваа теоретска теза, со радикална база, го редефинира родот и создава извор на бројни инспирации за дизајнерот. Колекцијата е базирана на теми како насилство и абразивност, физичко и психолошко и идејата за човековото тело во визија што не е ниту утописка ниту дистописка.
Во екот на глобалните светски промени предизвикани од пандемијата вие ја лансиравте вашата нова колекција „Пост -родовост II“. Како настана оваа колекција и колку се разликува од “Пост-родовост I?
Второто поглавје од колекцијата „Пост-родовост“ е проект што започна кон крајот на летото во 2019 година и за разлика од претходните колекции содржи технички детали кои бараат посебно внимание како при подготовката на шаблоните така и при шиењето и довршувањето на производите. Нашите колекции се изработуват во професионални погони и фабрики за да може да се постигне резултат што ќе ги задоволи барањата на концептуалните продавници со кои соработуваме. Особено е важно да се посвети повеќе време за изработка од вообичаеното.Работата на колекцијата беше прекината на кратко поради прославата на десетиот роденден на „Лудус“ и подготовката на колекцијата „Перманент блек II “ која беше изработена специјално за јубилејот.„Пост-родовост II“ е најголема колекција досега за брендот, содржи 24 целосни изгледи и 50-тина различни прототипи. Моментот што го предвидевме за лансирање на колекцијата се совпадна со почетокот на пандемијата, но во консултација со сите оние кои работеа на колекцијата сметавме дека сепак е соодветно да се прикаже пред јавноста, особено затоа што беше планирано промоцијата на колекцијата да биде целосно дигитализирана. Се надевам дека заинтересираните покрај квалитетот ќе ги забележат напорната работа и целиот труд што стои зад колекцијата.Како што реков ова е второ поглавје и е визуелно слична на претходната, но разработува поинакви, нови теми и е главно базирана на „анархитектурата“ на Гордон Мата Кларк.
Какво влијание ќе има новонастанатата ситуација врз светската мода?
Сметам дека е сѐ уште рано да се предвидува иднината воопшто, особено ако се земе предвид дека целиот Западен политички и финанскиски систем е ставен на преиспитување. Најбитни се следните неколку недели за да видиме дали на Западот и во нашата земја ќе може да опстои овој корумпиран систем што функционира само за најбогатите или ќе се преземат мерки за саморганизација, солидарност и радикална промена на системот. Моите гледишта се оптимистички исметам дека ни претстои промена, што несомнено ќе се одрази и на модата, односно на конзумирањето. Во иднина не смее да продолжи несовесното и неодговорно потрошување, консументите мора да бидат целосно одговорни кон себе и кон средината. Сметам дека оваа пандемија ќе го стави долгоочекуваниот и неопходен крај на брзата мода и прекумерното неодговорно производство и неодговорна потрошувачка. Во тој случај во идннина би постоеле само sustainable (еколошки) одговорни и „зелени“ модни брендови, оние кои произведуваат според потребите и желбите на потрошувачите, а не според потребите на профитот.
Безродовите колекции даваат креативна и стилска слобода на тој што ги носи и се вистински предизвик за работа. Колку луѓето кај нас се освестени за ваквиот вид на модни линии?
За мене лично безродовата мода е огромен предизвик и експеримент во поглед на дизајнот и нуди особено интересна игра со родовите улоги и наментатите општествени етички и естетски норми. „Лудус“ работи како безродова модна етикета во последните 5 години и веќе има одредена публика кај нас и покрај тоа што излегува од локалните принципи, естетски и оперативни. Особено е добро прифатена од помладите и новите генерации што благодарение на интернетот прифаќаат и бараат различности и иновативни модни брендови.
Фотографија: Лазар Зафировски
Видеографија: Мирослав Илиќ
Шминка: Мартина Ивановска
Модели: Ивана Манасиевска, Филип Бојковски, Стефан Китановиќ
Асистенти: Ивана Секулоска, Никола Шиндре
Благодарност до Музејот на современа уметност. Вклучени се уметнички дела од изложбите „Сѐ што ни е заедничко“ и „Скопје одново (во прогрес)“.