Ако го посетите Детскиот креативен центар во МКЦ ќе се запознаете со Доротеј Нешовски, интердисциплинарен уметник кој се занимава со концептите за креативна спонтаност, ликовнa артикулација, социјална инклузија, педагогија и апстрахирање на релацијата галерија-публика- уметник, истражувачки практики и детска едукација. Особено се труди да им ја доближи уметноста на малите деца и да им помогне да ја развијат својата креативна страна преку најразлични работилници.
Како започна твојата приказна со уметноста особено со детската креативна уметност?
Кај мене уметноста се роди уште како дете кога ја посетував школата за цртање кај Каракаш па оттаму се разви и чуството за креативност и љубопитност, а подоцна продолжив во средното уметничко училиште и Факултетот за ликовни уметности. Во процесот на школување се запознав со разни уметнички правци, уметнички енергии, истражувања, перформанси и партиципативни активности и изразувања во уметноста и пристапи на работа. Чувството да избегам од формалноста го наоѓав во естетиката на детските цртежи и слики кои ми делуваа искрени и слободни па и оттаму дојде интересот за визуелната комуникација со деца. По препорака на моја драга колешка започнав со држење часови во Детскиот Креативен Центар во МКЦ.
Ќе можеш ли да ни опишеш како се создаваше делото „Илузии на уметноста“, процесот, инспирација, поставка…? Какви беа реакциите на публиката?
„Илузии на уметноста“ е креативен процес што подолго време го создавам уште од почетните истражувања и влијанија на Факултетот за ликовни уметности со професорката и кураторката по теорија на уметност Сузана Милевска, и менторот по вајарство Гоце Наневски. Овој резиденциски проект е реализиран со поддршка на проектниот простор Press to Exit кој се занимава со нови медиуми и теории на истражувања во уметноста. ж
Делата се објекти кои комуницираат со гледачот со намера тој да го преиспитува погледот со оптичките варијации. Тие преставуваат „урбани визуелни и ментални графички мапи“ каде паралелно коегзистираат авторските искуства со луѓе, состојби, енергии, простор, и случки и се слоевито градени со колоритен графички интензитет. Визуелно провоцирајќи и комуницирајќи со гледачот, тие го насочуваат погледот истовремено навнатре кон интимниот, но истовремено и нанадвор кон урбаниот простор. Основната уметничка алатка на проектот се моливите во боја. Тие за мене ја претставуваат „врската помеѓу природата и човекот“ што не прави моќни да создаваме нешто што природата не го создала. Поврзаноста на моливот со идејата за наивност и детска игра е суштински клуч за отклучување на проблемите во „Илузии на уметноста“. На публиката како прво им беше интересен изборот на нетипичниот неформален простор за изложба т.е зграда и стан, а како второ изборот на материјалот и процесот на изработка. Станува збор за дрвени моливи и нивните резанки. Изложбата можам да се пофалам дека беше доста посетена и предизвика раздвижување и реакции меѓу публиката и медиумите.
Што те води низ процесот на создавање на едно дело, дали непречено го создаваш откако ќе го осмислиш и како се соочуваш со предизвиците?
Низ процесот прво ме води концептот, полето на истражување на материјалот и медиумот на изразување. Најважна ми е уметноста на самиот процес, поривот и акцијата.
Особено те интересира и си ангажиран околу детската креативност. Што мислиш дека е важно за развој на креативната страна на децата денес особено поради тоа што технологијата одзема голем дел од нивното внимание?
Технологијата им го одзема вниманието, тоа е реалноста но може да им понуди и корисни технолошки едукации, преку кои детето ќе осознава сензорни креативности, преку допирот, звукот, како и музејски апликаци преку кои ќе изучуваат за важни ликовни уметници и процеси во уметноста. Но неопходно е да имаат допир и со ликовноста каде ќе се впуштат во осознавање на внатрешниот креативен свет. Мојата насоченост кон детската едукација е во конципирањето на ликовната и применетата уметност со дискурзивноста на уметноста, техниките и работата во групи, дизајн размислувањето за иновации и решавање на проблеми.
За успешени и совесни граѓани потребно е едукација од најмала возраст. Најчесто ја користам културата за основни параметри од денешното живеење, препознавање на вредности, нивно објаснување, работење и размислување на децата, како успешно градење на вистински културни вредности. Целта на денешницата е да дизајнира размислување кај децата. Иднината се однесува на креаторите, иноваторите и решавачите на проблеми кои можат да се прилагодат и да се свртат кога е потребно, да цветаат во светот што брзо се менува. Тоа е креативен процес што го ангажира лицето да сочувствува и да ги разбере потребите на корисникот, да ги идентификува/ре-дефинира проблемите, идеите за идеи и конечно да ги тестира овие идеи.
Каков е одзивот и посетеноста на Детскиот креативен центар при МКЦ и за која возраст и какви активности нуди?
Многу ме радува што во последно време родителите сè повеќе и повеќе имаат интерес за креативни работилници. Во Детскиот креативен центар при МКЦ имаат можност да следат курсеви по ликовна уметност и ликовни работилници, работилници за креативно пишување, театарски работилници, работилници за стимулативна игра, работилници за арт терапија, и многу слични проекти наменети за деца. Најрана и препорачана возраст за взаемна интеракција е од 4 години па до 11 години.
Што е потребно за развој на детската фантазија и имагинација според тебе како родител и како уметник?
Многу важно е да се стимулираат децата уште од рана возраст за кретивноста и самите тие да се чувствуваат сигурно. Градинките во последно време доста внимание обрнуваат на истото, но треба и да продолжи креативноста да се гради и развива надвор од градинка. Важно е да им се овозможат што повеќе интердисциплинарни работилници, тренинзи, ментори со цел култивизација, слобода, емпатија, адаптирани простори за работа, разговори, материјал и игра, каде секое дете ќе има можности да партиципира. Детската фантазија е многу развиена, но не се секогаш сериозно разбрани од „возрасниот свет“. Илустрациите секогаш се комуницираат и треба да им се даде можност на децата/то да раскаже за својот имагинарен свет, кој не секогаш може да го препознаеме во дадената илустрација..
Како ја развиваш и одржуваш инспирацијата за време на пандемија?
Пандемијата малку нè разниша за преиспитување на реалноста, културата и уметноста ги сменија начините на комуникација што значеше потреба за дигитализација и виртуелен простор што нè воведува во едни поинакви културолошки димензии. После долго време се вратив на сликањето. Досега работев на концепти кои го допираа ефемерното, интервенции во простор, инсталации кои се варијабилни и зборуваа за некаква критика кон уредувањето на уметноста и условите за работа на еден млад уметник затоа и избирав проекти и работа во природа (land art) со цел да не зависиме од можните поставености на галериите.
За мене како уметник изолација и не значи инспирација која е наметната вештачки, напротив, уметникот избира кога е потребно да влезе во креативна изолација за создавање. Годинава бев вклучен во доста проекти кои се секако во креативниот свет, дел за независна уметничка „сцена“, многубројни проекти за деца кои секако беа тешко да се одржат поради одредени правила, но многу се радувам дека успеавме. Можам да кажам дека имав одлични проекти годинава почнувајќи со изложбата „На работ“, проектот со познатата писателка Билјана Црвенковска „Пишуваме Цртаме Патуваме“ наменети за детска едукација, личниот мултидисциплинарен проект кој го курирам „Интерактивни Разговори“ за детски едукации, изложбата „Да Се Биде Заедно Додека Сме Разделени“, „Дрим он Сцена Без Цена“ – Струга, „Вело- град“ детски работилници за денови на мобилност, „Субјективни Мапи“ -Мариово, „Бела Ноќ“ – ПазАрт, изложба „Ослободени“ и многу други креативни случувања. Во принцип обожувам да работам на сериозни проекти кои ја допираат креативноста и со радост учествувам во сите со идеи, концепти и сл.
Кои уметници ги следиш и кој правец од уметноста ти е омилен?
Има еден куп уметници кои ми се важни и влијаеле врз мојот развој како Barbara Kruger, Ai WeiWei , Olafur Eliasson, Doug Aitken, Tomas Saraceno… Уметничките движења и правци кои ми се омилени се флукс, дадаизам, land art, минималистичката уметност, концептуалната и пост-концептуалната уметност, перформансот. И еден куп македонски автори кои се исклучително добри, како Петар Хаџи Бошков, Душан Перчинков, Гоце Наневски, група ОПА, Никола Узуновски, Христина Ивановска, Јане Чаловски, Славица Јанешлиева, Исмет Рамиќевиќ, Моника Мотевска, Илија Прокопиев, група Моми и многу, многу други одлични автори.
Како ја гледа твојата ќерка уметноста и што сакаш особено да знае?
Најважно на децата им е уметноста да биде игра и да имаат услови и материјали за работа. Не влијаам многу врз нејзиниот израз, таа си има свој карактер на создавање, најважно ми е да ја перцепира и да посетува изложби, музеи и галерии со цел да се изгради како културна личност која ќе ги познава уметностите.