Извикувајќи „Јавна Соба е кривично дело“, „Разбуди се ОЈО“, „Разбудете се џандари“ учесниците на денешниот протестен марш ја упатија својата порака до Основното јавно обвинителство. Почнувајќи со маршот од МВР, со разни транспаренти на кои можеше да се прочита „Додека жените не се слободни сите сме заробени“, „Држава што угнетува е држава што силува”, „Ти не си виновна“, „Жртвата никогаш не е виновна“, „Ако не ги казнувате силувачите, вие сте силувачот!“, голема група на граѓани своето незадоволство од институциите и неказнувањето на сторителите го изразија со протестна нота, барања и обраќања.
Организатор на маршот е Платформата за родова еднаквост, и тие заедно со поддржувачите на протестот, побараа и внесување на злоставувањето преку социјалните мрежи и на интернет во Кривичниот законик.
На почетокот на протестот се обрати и Ана Колева, девојката која пред речиси една недела, откако нејзини фотографии се најдоа во групата „Јавна соба“, и се обрати на јавноста преку видеоснимка.
Колева посочи дека тоа што и се случило неа, било „глас на сите девојки кои го преживеале тоа“.
„Мислам дека беше доволно молк, мислам дека е време да се освестиме, сите да се разбудиме каде живееме, кого имаме до нас и какви работи поддржуваме, а какви работи не поддржуваме“, кажа Колева.
Активистката Калиа Димитрова посочи дека во рок од три дена добила сто пораки од девојки и жени кои биле сексуално злоупотребувани во животот.
„Тука сме затоа што насилството се смета за традиција, а силувањето е партнер, приватна работа. Тука сме бидејќи не сме безбедни, дома, во школо, на факултет, на улица, на социјалните мрежи. Колку од вас имаат доживеано сексуално насислтво или вознемирување во животот. Колку од вас имаат пријавено во полиција? Никој, така… Тука сме, бидејќи се плашиме да пријавиме насилство во полициска станица“ рече Димитрова.
Пред Јавното обвинителство се обрати и уште една жртва на „Јавна Соба“, адвокатката Марта Гусар, која застапува жртви на родово и секаков вид насилство.
„Станав и јас жртва на „Јавна соба“, мојот службен број беше споделуван за „дискретни средбички“. Нормално првите два часа не можев да се соземам дека мене ми се случува тоа, а може на секој да му се случи. Пријавив веднаш за сексуално вознемирување со скринштови од Вибер на телефонските броеви и лицата на тие кои ме контактираа. Јас знаев како да се заштитам, но не секој знае како да постапи. За два часа од пријавата се најдоа сторителите, се најде кој го споделувал бројот, апелирам до сите институции да имаат еднаков третман за сите жртви и за тие кои не знаат, и со оние кои ги знаат своите права. Апелирам до сите девојки кои знаат дека се таму, кои добиле повик или биле контактирани, веднаш да меморираат телефонски броеви и скринштови да направат од тоа што им било пишано, а од Вибер може да се види и ликот на тој што пишува. Првите чекори се тие што треба да ги направат. „Јавна соба“ не е забава, туку е класично кривично дело и треба да се третира како такво. За да им ја направиме забавата поголема во „Јавна соба“, апелирам сите жртви да пријават сексуално вознемирување со имиња и презимиња и телефонски броеви“, истакна адвокатката.
Драгана Дрндаревска од „Коалиција Маргини“, истакна дека Јавното обвинителство е клучна институција која има обврска да ги гони сторилите на кривичните дела од „Јавна соба“, со што ќе овозможи заштита од сексуално вознемирување и родово засновано насилство на сите жртви.
„Неефикасноста на оваа институција во казнувањето на сторителите ни е познато одамна. Институцијата е особено неефикасна кога станува збор за сексуално вознемирување на интернет. Нашите пријави за онлајн вознемирување завршуваат само како пријави без да добиеме каков било одговор или во најдобар случај Основното и Вишото јавно обвинителство да си ја префрлуваат топката. „Јавна соба“ е случај на масовно сексуално вознемирување со бројни жени жртви и бројни сторители мажи кое трае повеќе од една година. Кога се појави случајот надлежните велеа дека преземаат се согласно законот и дека сторителите ќе бидат санкционирани. Но после една година стана очигледно дека тоа нема да се случи со што се овозможи поддршка за сторителите, а не за жртвите. Жртвите се множеа, а сторителите не се уплашија, продолжија со сексуално вознемирување и со споделување лични податоци, продолжија со родово- засновано насилство. Жртвите пријавуваа повторно, а тие им велеа дека жртвите сами се виновни. Не, жртвите не се виновни, виновни сте вие не ги санкциониравте сторителите, што наместо на страна на жените, застанавте на страна на насилниците“, кажа Дрндаревска.
Таа потенцираше дека законските измени кои се најавуваат се позитивни, но задоцнети и не се неопходни за да се санкционираат сторилите на кривичните дела во „Јавна соба“ бидејќи и според постоечкиот Кривичен законик, „Јавна соба“ е кривично дело.
„Насилството врз жените не е личен проблем на секоја жена, туку ваша обврска. Не ни требаат ветувања и уверувања. Ни требаат санцкионирани сторители и правда и поддршка за жртвите. Бараме да си ги исполните обврските за кои земате плата секој месец, бараме да постапувате согласно правото, а не според лични убедувања поттикнати од непотизам и корупција“, додаде Дрндаревска.
Во сооштението од МВР стои дека апсолутно ги поддржуваат барањата на граѓаните во однос на „Јавна соба“.
„Веќе се приведени четири лица, извршени се претреси, одземени се телефоните кои се вештачат и коишто ќе бидат предадени на Јавното обвинителство. Воедно, идентификуваме и детектираме дополнителни лица коишто биле дел од ‘Јавна Соба’“, стои во соопштението од МВР.