Новинарката Мери Јордановска годинава беше брутално нападната и против неа беше употребен говор на омраза кој доби судска разврска. Ние поразговаравме со неа за тој случај, но и за останати слични искуства со кои се соочува секојдневно.
Минатата година имавте лошо искуство кога вработен во државна администрација, од позиција на партиски активист упатуваше кон вас пораки преполни со говор на омраза. Каква разврска доби овој случај?
Да, од една страна тоа беше крајно непријатно искуство, а од друга страна мило ми е што конечно еден ваков случај доби судска разврска. Реално не сме навикнати на брзи судски разрешници, па оттаму беше и своевиден шок да видам дека институциите можат да бидат брзи и ефикасни.
Стануваше збор за лице, вработено во Централниот регистар и партиски активист, кое во 5 часот наутро на „Телеграм“ почна да ми испраќа закани и навреди, поради тоа што наводно јас сум објавувала текстови против него. Текст за тоа лице никогаш немав објавено, и не ми е јасно зошто и како дошол до такви заклучоци, а дури и да сум објавувала текстови, сепак ситуацијата беше исклучително непријатна. Ние се познававме од претходно, бевме и колеги на факултет, а тој беше и портпарол на институцијата и неговите закани ме шокираа. Почна да пишува дека „ќе висам на некролог“, да ми испраќа фотографии од лисици, алудирајќи на тоа дека ќе лежам во затвор и сето тоа пропратено со лични навреди. Решив да го актуелизирам случајот откако дознав дека и неговата бивша сопруга се соочувала со слични, уште понепријатни ситуации, а тогаш на социјалните мрежи се појави и моја колешка која имала сличен проблем со него, па дури и еден градоначалник.
Токму од тие причини никогаш нема да се покајам што го пријавив овој случај, прво во полиција, во Единицата за насилен криминал, а потоа го презеде Обвинителството. Сфатив дека ако молчиме, молчиме и за многу други луѓе кои можеби се соочуваат со ист проблем, а немаат доволно храброст да обелоденат.
Лицето беше осудено на затворска казна од 14 месеци. Сепак, човек сум и не ми беше сеедно кога дознав за пресудата, дека ете, поради мене некој се соочува со затворска казна, но сепак верувам дека ова ќе биде поука и за него а и за многу други, за контрола во однесувањето и начинот на кој комуницираме со нашите неистомисленици.
Какво е вашето искуство низ вашата работа, ова е изолиран случај или сте имале слични ситуации?
За жал, ова не е единствен случај со кој сум се соочила, но беше случај кој ми ја прели чашата. И јас и многу мои колеги низ годиниве сме се соочувале со низа вакви случаи на закани и навреди, најчесто преку социјалните мрежи, но и не само таму. Да не заборавиме дека на мој колега дома му беше испратен погребен венец, а сторителот никогаш не беше најден. Неодамна, да речеме, за истражувачка сторија објавена од мој колега, засегнатата страна во обид да го дискредитира како новинар, на социјалните мрежи пишуваше дека тој порано работел во забавна редакција, па оттаму и неговата работа и неговото истражување не треба да се сфатат сериозно.
Кај жените новинарки, и ова мислам дека е тенденција секаде во светот, најчесто обидите за навреди се со сексистичка конотација и обид да се дискредитира новинарката како жена. Па така, навредите се од типот која новинарка е чија швалерка, која е дебела, а која слаба, која е мажена или немажена. Реакциите никогаш не се за текстот кој таа го напишала, туку врз основа на дискредитација на новинарките како жени, често базирано врз тоа како таа изгледа, со кого пие кафе, кој ѝ е сопруг, зошто е немажена, дали имала швалер, па сето тоа пропратено со стотици коментари од корисници на социјалните мрежи кои едноставно ти е грозно да ги читаш.
Јас сум имала ситуации од типот да биде јавно објавен мојот телефонски број од лице за кое што на времето известував, со придружен коментар „јавете ѝ се на Мери за да имате секс“, и тоа придружено со моја фотографија. Сум имала и случај да ме прават „љубовница“ на луѓе кои воопшто не ги ни познавам. Ама кога се сака да се дискредитира жена новинарка, тоа очигледно им е најлесниот начин, да ѝ пробуричкаш низ профилот на „Фејсбук“, да извадиш неколку фотографии и тоа да го зачиниш со сексистичка нота, за да предизвикаш внимание кон неа, а не кон текстовите што ги пишува.
Во Кривичниот законик има толкувања и санкции за говорот на омраза и за кривичните дела кои настануваат од омраза. Но какво е вашето искуство со институциите и нивната ефикасност?
Говорот на омраза во Кривичниот закон е предвиден во неколку членови и тоа е дело кое може да се казни и со казна затвор. За жал, немаме голема пракса да се санкционира злоупотребата на слободата на изразување и речиси и да не постојат примери во нашата земја на санкционирање на експлицитен говор на омраза од страна на обвинителството и од судовите.
Ова неказнување, пак од друга страна може да поттикне и дела од говор на омраза каде може да се загрози дополнително не само безбедноста на новинарите туку и на граѓаните.
Друго кривично дело, е загрозувањето на сигурноста, каде што исто така немаме сјајни резултати на ниво на држава, односно годинава, од вкупно 14 регистрирани случаи на напади и закани кон новинари кои воделе кон загрозување на сигурноста, судска разврска има само за мојот случај за кој веќе говорев.
Сето ова говори за неажурноста на нашето судство, а неказнивоста дополнително ги мотивира лицата да продолжат да шират говор на омраза, знаејќи дека за истото нема да бидат санкционирани.
Сметате дека новинарите поради својата професија се повеќе изложени на напади и навреди на Интернет?
Да, нашата работа е посебно сензитивна со оглед на тоа што често пишуваме за конкретни личности, и секако дека тие се наоѓаат засегнати. Без разлика колку и професионално да си ја вршиме својата работа, сепак, да не се лажеме, никој не сака името да му се влече по медиуми. Ова особено доколку станува збор за високи функционери од одредена партија, кои имаат голем број поддржувачи, па најчесто навредите доаѓаат од нив – тие мислат дека на тој начин ги штитат своите сопартијци, а всушност им прават контра услуга.
Најинтересно е тоа што колку и да се трудиш да си независен како новинар и да не заземаш страна, во партиска држава како нашата, секогаш ќе бидеш обележуван. Ако пишуваш против СДСМ, тогаш велат дека си „вмровски новинар“, а ако пишуваш против ВМРО-ДПМНЕ, тогаш задолжително си „соросоид“. Тоа е едноставно нашата матрица.
Колку новинарите внимаваат да има јасна разлика помеѓу уставно загарантираното право на слобода и говорот на омраза?
За жал, морам да констатирам дека нема јасна разлика. Границата меѓу слободата на говорот и говорот на омраза и кај новинарите е веќе замаглена. Во последниве години во Македонија се појавија голем број медиуми, од кои 90 проценти се веб-портали, со скриено сопствеништво или од луѓе кои не знаат ни „н“ од новинарство и за жал тие ни се нарекуваат колеги. Тоа се истите оние кои сметаат дека е сосема нормално да се земат пари во кеш за да се пишува или да не се пишува против (за) некој, истите оние кои не запазуваат ниту еден основен етички стандард во текстовите што ги пишуваат, а на тапет ставаат луѓе и нивните семејства. Се објавуваат погрешни информации, се објавуваат наслови со етикетирања, навреди, клевети, на непотпишани текстови и јас искрено се срамам кога ги читам, затоа што истиот тие се сметаат за новинари. А тоа е исто како да правите паралела меѓу доктори и надри-лекари.
Кај нас можете да прочитате за одредено лице дека е „проститутка“, дека е нечија „швалерка“, се објавуваат приватни фотографии, без да се праша, без да се објави втората страна, без да се вложи и минимален труд за да се дојде до вистината. Тоа се луѓе кои буквално згазнаа врз професијата новинарство и од тие причини како фела во последниве години максимално се вложуваме со цел граѓаните да направат дистинкција кои медиуми и новинари се професионални, и на оние кои не ги почитуваат ниту основните стандарди и единствена цел им е партиската работа или пак брзата заработувачка.