Секој од нас јаде по некој начин, дури и кога мислиме дека немаме никаков режим. Некои по правила што ги прочитале, некои по навика што ја носат од дома, некои како ќе се погоди денот.
И многумина имаат исто чувство…нешто не оди. Енергијата паѓа попладне, а храната е постојано во мислите. Облеката почнува да стега. Но тешко е да се каже што точно не е во ред.
Затоа овој пат ти предлагам проверка.
Тестот подолу е развиен од Precision Nutrition*. Го користам и со моите клиенти, а сега можеш да го направиш и ти. Тука нема точни и погрешни одговори. Тестот ти помага да видиш како се чувствуваш, дали твојот начин на исхрана може да трае и дали те води кон она што ти е важно.
Бројката на вагата не ги кажува овие работи.
Тестот
За секоја изјава дај оценка од 0 до 10, според тоа колку се однесува на тебе во најголем дел од времето. 0 значи никогаш, 10 значи секогаш.
- Кога јадам вака, воглавно се чувствувам добро.
- Кога јадам вака, имам стабилна енергија во текот на денот, без нагли падови.
- Се трудам да ја избирам најквалитетната храна што ми е достапна.
- Овој начин на исхрана е лесен и се вклопува во моето секојдневие.
- Знам каква храна да избирам и да јадам.
- Се чувствувам сигурно кога готвам и подготвувам оброци.
- Кога јадам вака, ретко имам силна желба за одредена храна или порив да се прејадам.
- Кога јадам вака, добро ја варам храната.
- Имам сила и енергија за секојдневните обврски и активности.
- Во друштво, на пример кога излегувам на ресторан со пријатели, речиси секогаш наоѓам нешто што ми се допаѓа и што ми е пријатно да го јадам.
- Навистина уживам во вкусот и во самото јадење.
- Изборот на храна не ме оптоварува. Тоа е обичен дел од мојот живот.
- Начинот на кој јадам одговара на моите цели за здравје, енергија и движење.
- Начинот на кој јадам видливо ми помага да напредувам кон моите цели.
- Начинот на кој јадам ги одразува моите вредности и начинот на кој сакам да живеам.
- Дури и кога другите вршат притисок или јадат поинаку, успевам да ги следам сопствените сигнали и цели.
Собери ги сите оценки.
Што значи резултатот
128 и повеќе. Ова функционира одлично. Продолжи така.
Од 104 до 127. Ветувачко. Работите воглавно одат добро. Можеби вреди неколку мали прилагодувања, но насоката е добра.
Од 80 до 103. Мешано. Во некои области функционира, во други веројатно има мака. Размисли кои мали промени би го направиле полесен за одржување и поблизок до твоите цели.
Под 80. Овој начин на исхрана не функционира за тебе. Нема место за вина. Гледај на ова како на експеримент кој ти покажал нешто важно: овој пристап можеби не ти одговара, барем не сега.
Каде всушност да погледнеш
Вкупниот резултат е корисен, но повеќе кажуваат поединечните прашања.
Најди ги двете или трите изјави со најниски оценки. Од нив почни.
Ако најниска оценка има прашањето 7, силната желба за храна, погледни што јадеш преку ден. За ова пишував во првата колумна. Вечерната глад често доаѓа од премалку храна порано во денот.
Ако најниска оценка има прашањето 4, начинот на исхрана не се вклопува во твојот живот. Тоа е темата од претходната колумна. Ниту еден план не опстанува ако бара живот каков што немаш.
Ако најниска оценка има прашањето 12, вреди да застанеш таму. Ако изборот на храна постојано те вознемирува, тоа е поважно од било кој број. Почни со еден оброк на ден што ќе го јадеш седнато и полека, и без телефон.
Ако најниската оценка е кај друго прашање, избери промена толку мала што со сигурност знаеш дека можеш да ја правиш секој ден. Ако се двоумиш, намали ја уште малку.
Се читаме повторно за две недели.
Јас сум Олга Дервенџи, сертифициран коуч за исхрана (Precision Nutrition, PN1-NC) и основач на REGULA, програма за индивидуален коучинг заснована на промена на навиките, прилагодена на реалниот живот.
*Тестот е дел од материјалите на Precision Nutrition, преведен и прилагоден за македонски читатели.




