Центарот на европската мрежа за размена на музички иновации – „ХЕМИ“ (Hub for the Exchange of Music Innovation – HEMI) ги соопшти деветте финалисти на годинешните „ХЕМИ“ Музички Награди, а меѓу нив, како претставник од Македонија е Дина Јашари! Финалистите во овој избор пристигнуваат од 9 држави од Централна и Југоисточна Европа: Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Македонија, Полска, Романија, Србија и Словенија.
Во оваа фаза на наградите деветте музички изведувачи ќе имаат пристап до менторирање и обуки кои целат кон развивање на нивните способности и вештини во комуникации и обезбедување приходи, со крајна цел да се поттикне нивната меѓународна кариера. Понатаму, тие ќе имаат пристап до „ХМА“ програма за турнеи кои вклучуваат соработка со букинг менаџери од Европа, активности за вмрежување во рамки на 9 „ХЕМИ“ партнер настани, како и награда од 2000 евра за секој финалист!
Деветте исклучителни европски музичари имаат разновиден музички опсег: композициите на „badfocus“ од Чешка кои мешаат жанрови и создаваат сонична фантазија; алтернативниот р’н’б и откачен звук на „manna“ од Естонија; темната експериментална поп фантазија на „Lia Hide“ од Грција; претопувањето на изворниот и електронскиот музички стил на „Ficture“ од Унгарија; нео-соул мелодиите, сонливите хармонии и свежиот ритам на Дина Јашари од Македонија; импровизираниот фанки и груви џез на „Klawo“ од Полска; танцот на тапаните и клавијатури на електронската музика на „K not K“ од Романија; силниот и жесток балкански денс-панк на „МАiKА“ од Србија и класичниот, сентиментален инди поп-рок на „The Crossroads“ од Словенија.
Запознајте се со сите прекрасни и разновидни мелодии на ХЕМИсферата – ТУКА!
Деветте „ХМА“ финалисти беа избрани од вкупно 27 музички изведувачи кои беа номинирани во првата фаза на наградите. За финалистите одлучуваа гласовите на „ХЕМИ“ меѓународното жири во кое членуваат претставници на фестивали и изложбени конференции, музички сали, букинг агенции, музички асоцијации, институции за музички експорт и музичките медиуми, а кои можете да ги запознаете тука!
„ХЕМИ Музички Награди – ХМА“ е талент – програма за изведувачи кои се спремни да ја развијат својата кариера и да освојат нов меѓународен пазар и публика.
„ХМА“ се организирани од Центарот на европската мрежа за размена на музички иновации – „ХЕМИ“, европска инцијатива кофинансирана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, која се стреми да ги поддржи уметниците и професионалците од музичката индустрија во Чешка, Естонија, Македонија, Полска, Романија, Србија и Словенија.