Ана Бунтеска е поетеса која со својот пишан збор допира до многумина, а со својата искреност и чист израз низ своите стихови покажува љубов, спокој, емпатија и едноставност, односно тоа што смета дека навистина им е потребно на луѓето.
Поезијата отсликува еден поинаков лек за душата, ја отсликува убавината, љубовта, раѓа поинакви чувства кога се чита. Како вие се чувствувавте кога по првпат почнавте да пишувате, како изгледаа вашите почетоци?
Збунето, бунтовно, иритирано. Тоа е веројатно еден микс на чувства кај кој било кога почнува со пишување во тинејџерските години. Тие години се години на барање на себеси, некаква смисла на постоењето, обиди да се најде своето место во општеството. Доволно си голем за да се чувствуваш себеси, но сè уште премногу млад за да знаеш што да правиш со сите информации што ги стекнуваш за сопственото битисување. Паметам дека чувствував гнев, необјаснива болка и желба да пркосам на сè. Фасцинација ми беше животот, но и смртта. Пубертетот, секако проследен со познатиот ураган од хормони и убеденоста дека никој не ме разбира и не знае како ми е, си најде свој пат за изразување преку пишаниот збор.
„Црно, бело
црно, бело
слика, живот
сон без бои.
Темно, светло
ноќ, ден ли е сега?
Ти, јас
лице, дупка
што ли е стварност?
Ние, сите, бескрај
и што понатаму?“
И до денешен ден го паметам чувството што го имав додека го пишував ова, на полни 17 години и некој месец. Колку прашалници, колку нејасности, колку само не се снаоѓав во материјалниот свет. Потем, во една друга фаза на бунтовност уништив сè што имав напишано, освен десетина песни (меѓу кои и оваа погоре) што сè уште ги чувам на сега веќе пожолтени листови хартија, со грешки што тогаш не се исправаа, бидејќи ги чукав на машина за пишување.
Со текот на годините станавте препознатлива поетеса и многумина се препознаваат во вашите стихови, ве цитираат. Што ви донесе искуството и успесите, на кои ваши одлики сте најгорда?
Повторно почнав да пишувам на речиси 40 години. Полека, со бебешки чекори, затоа што мислата ми бегаше. Сакав да кажам многу нешта, а се чувствував дека се губам однатре. Ми требаше време за да научам да си го слушам внатрешниот глас и да си го најдам начинот преку кој почнав го распостелувам мојот свет. Решив дека тоа што ќе го напишам нема да го преџвакувам по неколку пати, нема да го обликувам или да му ја менувам формата, туку дека ќе оди до читателите токму така како што првично ми заѕенѕало во утробата. Тоа ми изгледаше некако најчесно, најчисто, суштински. И тогаш сфатив дека луѓето се гладни за едноставност во изразот, за искреност со која ќе застанете угол голи пред нив и ќе им покажете дека нема смешна љубов, нема мала или голема болка, нема преболување без да си откинете барем делче од џигерот. Искуството ми е во сознанието дека, во суштината, сите сме исти, сите сакаме спокој, љубов, убав збор, емпатија. Успесите се релативна работа. За мене, успехот се состои во тоа што сум утешила некого во мислите дека не е сам/а, дека има и некој однадвор кој поминува низ исти или слични премрежиња. Успех ми е кога некој што не го познавам ќе ме застане и ќе ми рече „само да те гушнам“. Тоа ме прави среќна… и горда.
Од каде црпите инспирација, што ве мотивира да седнете да пишувате и дали некогаш сте имале креативен блок во вашето творење?
Инспирација е животот со сите свои циклични движења. Среќата, болката, смртта, стравовите, ќерка ми. Инспирација се луѓето околу мене и музиката, но и фотографирањето. Песна што ќе ме здоболи (емотивна дразба) или некоја црно-бела фотографија (тоа е мојата втора љубов, по пишувањето) биле секогаш иницијална каписла за да ме „зачешаат“ прстите. Порано ми требаше спокој за да можам да ставам нешто на хартија. Имав ритуали откако ќе заспиеше ќерка ми, со чаша вино пред мене и некоја свеќа со мирис на цимет и уживав во нив. Потоа се заситив од пишување во тишина и го грабав лаптопот, седнував во некое кафуле и научив да се исклучувам потполно од џагорот околу мене. Се разбира дека сум имала креативен блок, и тоа во најнеочекуваните моменти. Чувствувам нагон за пишување, имам мисла… ама нешто ми фали, не сум едноставно способна да го напишам. На почетокот се нервирав, а потоа сознав дека човек мора да се слуша себеси. Ако нешто не оди, не може со сила. Се крева рачна, се пуштаат уздите од раце и се чека да дојде вистинскиот момент. Нема силување на уметноста, не оди тоа со практични вежби за да дојдете до совршенство. Од друга страна, ми се случило по промоција на книга, кога сум била здробена од замор, со измешани чувства, исполнета со неверојатна размена на енергија со публиката, да не можам да заспијам и да почнам нова книга. Нема правило, има само приспособување кон моментите, било да се креативен блок или креативна експлозија.
Македонската поезија има богатство од автори и авторки, но каква е поддршката, и меѓусебна и на поорганизирано ниво? Со што можеме да се пофалиме најмногу, а каде ни фали повеќе поттик за творење?
Општо, уметноста кај нас изобилува со прекрасни поети и поетеси, писатели и писателки, уметници од областа на музиката, сликарството итн. Имам пријатели меѓу поетите и писателите со кои се поддржуваме и си искажуваме меѓусебна почит. И гледам дека претежно меѓусебната поддршка не ни недостига. Секако, би било уште подобро доколку тоа би се одвивало поорганизирано, преку различни организации што ќе имаат механизми како да им се помогне (пред сè) на младите поети и поетеси за да си го најдат своето место. Мислам дека треба да ја исфрлиме политиката од сите сегменти што се директно поврзани со културно-уметничкиот живот. За жал, кај нас има едно чудно правило да се помага на „нашите“, без оглед кој и да е на власт. Многу дела останале неиздадени заради отсуство на помош од државата, а ретко кој млад автор ќе се нафати да отпечати книга на свој трошок, бидејќи подоцна има проблем со дистрибуција на книгите и низа други тешкотии. Како позитивен и убав пример би ја навела прекрасната поетеса Јулијана Величковска, која секогаш излегува во пресрет (пред сè) на младите поети и поетеси и им ја дава можноста да ѝ се претстават на јавноста.
Знаете, имам една многу драга пријателка која секогаш вели: За секој нас има место под ова небо, а и на него. За мене, секое ново име на уметничката сцена е чекор напред и успех.
Какви совети можете да пренесете на младите поети и поетеси, колку е важна истрајноста и храброста да се биде поет или поетеса?
Најважна е љубовта кон она што го прават, таа носи и истрајност и упорност. Таа е двигателот кога доаѓаат во ситуација да се беспомошни или кога им е преку глава дека не можат да издадат книга токму во тој миг. Таа е единственото нешто преку кое ќе успеат да допрат до публиката, бидејќи универзумот секогаш е на страната на оние што со чисто срце одат напред. Некој ќе се насмее на ова, некој ќе каже дека е банално, можеби и патетично… но, многупати во животот ми се покажало и докажало дека токму љубовта и посветеноста да се одржи и да се зачува она што ни е во душата, било доволно за да се успее. Можеби не сега и веднаш, но секако имало резултат. Кога е човек свој и кога не се пазари околу автентичниот израз, успехот не изостанува. Сè друго е само блеснување на кратки патеки, без суштина и без сласт.
Накитот и напишаните зборови може да се одлика на еден човек, да дадат самодоверба и поинаква енергија. Кое парче накит најдобро ве опишува вас?
Секогаш се шегувам дека како за „женско чељаде“ многу малку имам потреба да ставам накит на себе. Но, сакам да гледам убав накит и сакам да гледам жени кои знаат како да носат накит. Тоа е уметност, да се потенцира елеганцијата и симбиозата на карактерот и одбраното парче накит. А најинтересно е што секогаш се забележува кога жената го носи накитот како да е родена со него, а кога е само „накинџурена“. Отсекогаш сум била поборник на тоа дека е доволно да се стави само едно парче накит, но да биде со стил и да биде незабележливо од аспект на тоа дека нема да вреска „види ме, види ме“, а сепак да знае да раскаже приказна. Лично, мој фаворит од накитот се прстените и ги обожавам кога се уникатни и слеани во целокупниот впечаток за жената. Нема поубава слика од жена која е самоуверена заради тоа што е, жена која знае што сака од себе и од животот, жена која го носи накитот онака како што чекори низ него, храбро и мудро!
,,Smaragd1969“ е синоним за префинет, елегантен накит со врвен квалитет, препознавајќи ја инспиративноста на секоја од овие дами, ја создаде кампањата „Безвременска инспирација”.