За Дениз и нема потреба од долг вовед и најава, а од интервјуто прочитајте за неговите почетоци, проекти од кои стекнал најголемо искуство, како и неговите размислувања за македонската театарска и филмска сцена. Фотките ни ги прати Дениз специјално за „Портрет“ 🙂
Раскажете ни за вашите почетоци во актерството, кои ви беа првите улоги, по што најмногу ги паметите првите актерски денови?
Kaко дете одев во драмското студио на Магдалена Ризова. Најпрво во Пионерскиот Дом ,а потоа во МКЦ. Првата професионална претстава во која играв на 14 години беше „Собирачи на пердуви“ во режија на Рахим Бурхан, кој тогаш живеше и имаше свој театар во Дизелдорф и најверојатно уште живее таму. Го глумев ликот на Џурика. Работевме претстава за МОТ, претставата имаше премиера на затворањето на фестивалот. Бевме екипа од Германија, Србија и Македонија. Партнери ми беа Ѕвездана Ангеловска која ја глумеше мајка ми во претставата, Игор Ангелов кој играше Силеџија и Андријана Бошкоска која го играше главниот лик. Толку паметам. Потоа по неколку години откако се запишав на ФДУ во втора година, ги добив првите улоги во театар. Во Драмски театар „Баал”- Бертолд Брехт во режија на Мартин Кочовски и „Ромео и Џулиета“ во МНТ во режија на Лили Абаџиева.
Со оглед на тоа што сте имале желба да бидете музичар и сте се образoвале во таа насока, дали се уште се занимавате со музика?
Па се занимавам колку можам и колку имам време. Свирев гитара скоро половина мој живот. Завршив во средното музичко училиште Илија Николовски-Луј. Се случува во некои проекти свирењето на инструментити да ми биде од полза за ликовите кои што ги глумам. Желбата да се занимавам со музика беше моја и мислев дека ќе останам на тоа. Но како поминуваа годините се убедив некако да скршнам накај ФДУ. И еве ме сега заглавен дома за време на полициски час! Театарот, филмот и музиката мислам дека имаат многу сличности во начинот на создавање!
Какво искуство добивте од „Фчерашни новости“ и како се роди Ланчо? Како изгледаа бекстејџ моментите, дали паметите некоја особено интересна случка?
„Фчерашни новости“ или скечот е нешто што сметам дека секој актер би било убаво да го помине како еден вид на герила систем на работата, што те тера да се снајдеш сега и тука. Во „Фчерашни“ најчесто текстот се добива на самото снимање, поради самата актуелност на вестите и самите политички случувања. Понекогаш и немавме текст, туку тогашниот режисер Ѓорги Унковски или Бранко Огњановски ќе ми раскажеше што се случило на политичката сцена и одма почнувавме со снимање. Импровизацијата е нивната главна алатка и сите до еден се одлични во тоа. Ризикот, возбудата од тоа да снимаш на некои локации без дозвола и останати работи ги прават вестите да бидат баш такви какви што се. Паметам една случка кога снимавме пред Влада. Тоа беше првиот ден како премиерот или некој сличен на него, не се сеќавам, ја тргна електричната ограда и ги отвори вратите на Владата. Требаше во тој кадар да влезам во Владата од службен влез и потоа во продолжение да снимаме на хрома во студио. Демек новинарот веќе е влезен во Влада и прави интервју. Немавме дозвола, ниту најава дека ќе снимаме пред Влада бидејќи нели за сите јавно беа отворени портите, така да молим лепо. Камерманот стоеше пред железната порта, јас влегов во дворот на Владата и во продолжение дадов најава. Како што влегов, по некои седум метри одење почна полиција да вика по мене и се собраа околу нас. Полицаецот ни побара лични карти, јас немав во мене. Се јави на моторола (не успеав да го разберам што сака да направи), но никој не му одговори, ја прибра моторолата и ни рече „бегајте од тука и да не сте се вратиле – скечеви снимале они!“ Така да, знаело да биде доста забавно. Името Ланчо се роди на тој начин зашто не го слушнав тонецот добро кога даде предлог како да се вика мојот лик. Тој рече Иванче со акцент на И, а јас го слушнав Ланче. Утредента решивме дека ќе биде Ланчо. Поминав убави четири сезони во „Фчерашни“. Им посакувам само успеси и да останат најдобри!
Како би ја опишале македонската филмска сцена според вашето искуство, а како театарската, и што повеќе ве влече? Што ве научи иксуството од балканските проекти?
Мислам дека и двете работи држат доста добро темпо во моментов, и имаат резултат. Можеби филмот кој за разлика од театарот до пред 10-15 години во Македонија беше поретко практикувана уметност, сега има одличен прогрес и континуитет на работа. Можеби малку и води периодов во однос на театарот, но генерално и двете работи последниве неколку години нудат квалитет. Сметам дека имаме одлични филсмки и театарски работници кои даваат сè од себе. Да се работи надвор од дома, односно да се биде гостин е секогаш убаво. Особено ако може да се случи сега! Мислам дека моето искуство на филм во овие осум години повеќе потекнува од тука отколку од балканските проекти (ете малку патриотизам и од мене 🙂 ) и нормално среќата да работам со добри режисери. Kaко freelancer (невработен) задоволството да избирам помеѓу филм и театар е сведено на минимум. Слободата понекогаш знае да биде доста скапа работа. Особено сега! Ако постои Господ нека е напомош, ако не ќе тераме и вака. Како? Појма немам.
Изминативе години македонската кинематографија доживува бум со многу повеќе серии и филмови во македонска продукција но и меѓународни успеси. На што сметате дека се должи тоа?
Идеме во добар правец. Доказ за тоа е екипата на „Медена Земја“ со Тамара, Љубомир и Атанас Георгиев кој е продуцент и монтажер на „Honeyland“. Потоа би го издвоил исто така како одличен домашен филмски продукт „Avec l’amour“ na Илија Цветковски, па „Три дена во септември“ и „Исцелител“ на Даријан и Ѓорче, „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски, „Соба со пијано“ и „Џган“ на Игор Иванов и Вардан, „Hey“ на Васил Христов. Од кратките филмови, „Налепница“, „Види ја ти неа“, „Роденден“ и „Скопје 2020“ на Ѓорги, Горан, Косара и Раша. Најголем дел од овие филмови имале интернационални премиери (се извинувам ако некого заборавив) и се одлични филмови за мене. Тоа најверојатно се должи најмногу на самите режисери и на нивниот сенс за да ја изберат вистинската приказна и да ја изберат правата екипа, а потоа и на продуцентите и начинот на пласман на филмот дома и надвор од Македонија. Има уште многу млади автори кои веќе ги завршија своите филмови (нешто и успеав да видам) и верувам во нив дека и нивното време доаѓа. Филмот ни е ТОП!
Што ве инспирира, што ви дава желба и амбиција за новите улоги?
Екипата! Заедно со режиерот и зависно од тоа што работам. Се инспирирам од тоа што мрда околу мене. OK. Но процесот на работа пред да дејствуваме на снимање или во театар е секогаш повеќе од неопходен за секој актер. Пробите ни овозможуваат да го создадеме ликот. За почеток! Нашата работа се состои во тоа да пробуваме и да истражуваме. Многу јако, нели? 🙂
Што ве опушта, како полните батерии (особено сега во услови на пандемија)?
Види фотографија!