Нашиот најдобар атлетичар Дарио Ивановски постојано соборува рекорди и поставува нови резултати на трки и маратони. Последниот успех во Будимпешта на трката на 3.000 метри во сала го однесе на Европското првенство на атлетика во сала, кое се одржува месецов во Истанбул. Неговата истрајност и посветеност беа доволни за да поразговараме со него за неговите идни планови, мотивацијата и како е да се биде атлетичар во Македонија.
Вашите успеси на маратони и соборување рекорди се признаени и познати и вашата посветеност кон атлетиката е навистина за восхит. Како почна вашата приказна со овој спорт?
Мојата спортска приказна почна на почетокот на 2015 година, кога стартував со првиот посериозен атлетски тренинг. Поради рехабилитација од здобиена повреда во боречките спортови, почнав да трчам заради одржување на мојата кондиција. Сосема случајно го запознав нашиот атлетски ветеран Игор Јакимовски, кој секојдневно тренираше во нашето населено место, каде што и заедно живееме. Го прашав дали може заедно да трчаме на тренинг и тој прифати со задоволство. По една недела тренирање, на негов предлог дека одлично и лесно трчам, го направивме првиот специфичен тренинг на кој покажав одлични перформанси, по што на предлог на Игор продолживме да тренираме многу сериозно и професионално. Неговите зборови дека ќе успеам и дека ќе бидам шампион ме натераа да верувам и целосно да се посветам на кралицата на спортовите. Осум години подоцна јас сум тоа што сум денес и тука нема да застанам со нашите зацртани цели.
Истрајноста, фокусот и дисциплината се многу важни работи за успех на секое поле, а особено во спортот. Каде и како наоѓате мотивација?
Мотивацијата е клучен фактор за да се издржи и да се напредува во индивидуалните спортови во Македонија. Со оглед на тоа што сè уште немаме атлетска сала и стадион, навистина треба да се биде многу трпелив, вреден и, пред сè, мотивиран за да се одржува нивото на кое се тренира и се постигнува успех. Мојот фокус и поставена цел секогаш биле на највисоко ниво и секој мој национален настап бил предизвик да го покажам најдоброто од себе за мојата нација. Народот постојано вели дека кога е најтешко треба да се покаже најдоброто од себе, а јас во тоа гледам голем мотив за да успеам со секоја следна трка.
Кои се последните ваши успеси и кон што целите во иднина? Кое време би сакале да го постигнете?
Сезоната 2023-та само што почна, а јас ја стартував на најпосакуван начин. Сезоната ја отворив со настап на силна меѓународна трка во сала на 3.000 метри во Будимпешта на која постигнав одличен резултат, кој засега ме носи на Европското првенство во атлетика во сала, кое ќе се одржи на почетокот на март во Истанбул, Турција. Потоа ќе се фокусирам на мојата омилена дисциплина – маратонот, со која планирам да се квалификувам за ЛОИ 2024 во Париз, што е всушност и мојата најголема цел во спортската кариера.
Како и секој нормален човек и спортист сум имал периоди кога едноставно не оди или си спречен да тренираш. Тука е моментот кога се случуваат големи пресврти токму со твојата личност и карактер. Тие моменти ги сфаќам како реалност за секој спортист и старт на нов почеток, каде што влегувам уште помотивиран и гладен за да успеам пак и да ги надминам тие несакани моменти.
Како изгледа една подготовка за маратон?
Подготовката за мојата омилена дисциплина маратон е навистина макотрпна, сложена и бара голема посветеност, истрајност и ангажман. Тоа се подготовки што временски траат најдолго и понекогаш може да траат и со месеци за да се постигне поставената цел (резултатот). Многу атлетичари токму за најтешката и најдолга атлетска дисциплина одат на подготовки во Кенија со месеци само за еден настап и навистина целиот процес е една голема жртва за секој што ќе се одлучи да направи голем резултат на 42,2 километри. За мене, тоа преставува предизвик што го посакувам и сто отсто сум подготвен да го одработам посветено и вредно.
Што промени атлетиката кај вас? Како се чувствувате сега, по толку години искуство?
Веќе се чувствувам како искусен атлетичар и овој прекрасен спорт мене целосно ми го промени начинот на живот. Дефинитивно го живеам денот целосно посветено на тренирањето и подготовките за мојата следна трка. Секако дека мојот живот е променет на целосна позитива и атлетиката ја препорачувам на секој што се мисли дали да се посвети на кралицата на спортовите.
Дали имате некогаш предизвици во однос на вежбањето и подготовките за трчање? Дали некогаш имате денови кога ви е тешко да најдете волја?
Како и секој нормален човек и спортист сум имал периоди кога едноставно не оди или си спречен да тренираш. Тука е моментот кога се случуваат големи пресврти токму со твојата личност и карактер. Тие моменти ги сфаќам како реалност за секој спортист и старт на нов почеток, каде што влегувам уште помотивиран и гладен за да успеам пак и да ги надминам тие несакани моменти. Она што никому не му го посакувам се спортските повреди, што дефинитивно се голем пех за секој спортист.
Колку се вреднува овој спорт кај нас? Сметате ли дека доволно внимание и поддршка добиваат нашите атлетичари?
Сум бил на многу натпревари ширум светот и верувајте дека е огромна разликата на популарноста кај нас и каде било во светот. За жал, атлетиката во Македонија е сведена на маргините на нашето општество и почитта кон нас, атлетичарите, е на ниско ниво. Иако во последните неколку години се покачи свеста на некое повисоко ниво, сè уште имаме големи предизвици како спортска нација за индивидуалните спортови во однос на екипните. Се надевам дека во иднина ќе го добиеме заслуженото внимание што треба да го имаме како секаде во модерниот свет.
Кои трки ви се најголем предизвик и која трка досега ја сметате за најголемо достигнување?
Сите трки што ги трчам на големите меѓународни натпревари во репрезентативниот дрес за мене се најголем предизвик. Кога ја претставуваш својата татковина и народ нема друга опција, освен да дадам сè од себе за најдоброто што го поседувам во моментот. Мојата трка на кариерата е убедливата победа во Истанбул на 3.000 метри во сала кога станав балкански шампион по првпат во кариерата.