Велат дека професијата графички дизајнер ти дава можност да и даваш форма, боја и
облик на човечката интелигенција. Како платформа постојано се стремиме кон висока
естетика и креативни, инспиративни луѓе, па токму затоа разговорот со графичкиот
дизајнер Далибор Смилески ни беше вистинско уживање.
Секој добар дизајн започнува од добро смислена поента и приказна. Па
како започна вашата, кога се појави желбата да се надоградувате на ова поле?
Можеби чудно, можеби логично, но сите дејствија од мојот живот се случуваат
спонтано. Така е и во поглед на изборот на мојата професија. Слободно можам да
кажам дека графичкиот дизајн ме избра мене наместо јас да го изберам него. Како
некој кој доаѓа од мала средина со многу ограничени ресурси, информации и услови за
надоградба на полето од дизајнот долго време воопшто не бев свесен дека дизајнот е
нештото околу кое се врти секој мој интерес, секое мое хоби, секој мој разговор.
Започна од интерес кон цртањето, се надогради во интерес кон фотографија, продолжи
во интерес за фото-манипулација за на крајот од моите средношколски години со
достапноста на интернетот и зголемениот пристап на информации конечно да сфатам
дека графичкиoт дизајн е тоа што всушност јас сакам да го работам.
Со развојот на технологијата се зголемуваат и работните задачи на графичкиот
дизајнер. Што точно значи да се креира дизајн на определен производ?
Технологијата секогаш играла улога во дизајнот. Се создаваат нови медиуми за
креирање, но и даваат нови платформи за презентација на создадените дизајни.
Развојот на технологијата значително го има олеснето целиот процес на дизајнирање,
но иронично, од друга страна сметам дека интернетот многу го има нарушено
креативниот израз бидејќи достапноста и земањето инспирација од интернет целосно ја
уништува креативноста. Често пати несвесно во потсвеста остануваат врежани туѓи
идеи. Затоа практикувам да не користам интернет кога пристапувам кон дизајнирање.
Како изгледа креативниот процес, колку време работите на определен дизајн и
што ви е најважно во вашиот креативен израз?
Како графички дизајнер, трката со времето е нешто што се подразбира. Освен кратките
рокови, тука е и „битката” помеѓу дизајнот како наука наспроти потребите на
клиентот, преференциите на таргет групата и техничките препреки за изведба.
Графичкиот дизајн треба да даде решение за одреден проблем. Мора да се најде баланс
помеѓу сите наведени точки за да се дојде до дизајн решение кое ќе комуницира со
купувачите, воедно ќе биде технички изводливо и економски исплатливо, а сепак на
крајот јас како дизајнер ќе бидам задоволен од крајниот производ. Ова воедно е
најважниот дел од креативниот процес за мене.
Добитник сте на неколку престижни награди меѓу кои награда на конкурсот на Металац и Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ- „Браво сине“!. Што за вас значат овие награди и како се подготвувате за определен конкурс?
Наградите за мене се мотивација. Позитивниот фидбек, во било каква форма ми значи
многу затоа што тоа ми дава до знаење дека нештото што го работам е добро.
Наградите на „Браво сине” и „Металац” ми се посебно драги бидејќи нив ги сметам за
еден вид официјална валидизација за квалитетот на мојата работа. Многу е важно
секогаш да бидеш во опкружување каде има барем еден кој е подобар од тебе за да го
зголемиш мотивот за подобрување, затоа неретко учествувам на натпревари за дизајн
со две алтернативни намери: првата е да победам, а втората е да видам кој дизајн го
победил мојот. Двете намери се со една заедничка цел, а тоа е да видам колку
напредувам во мојата работа.
Каков вид на дизајн повеќе ве привлекува, транспарентен и воочлив или
минималистички и дискретен?
Интересно прашање на кое имам опширен одговор. Мојот личен естетски израз
претпочита минимализам. Кога дизајнирам за себе размислувам во 2Д, но мојата
професионална деформација ме спречува да ги оценувам дизајните според мојот личен
вкус. Добар дизајн е добар дизајн. Многумина знаат дизајнот да го евалуираат со
коментар „не ми се допаѓа” но тоа технички не е релевантна оцена бидејќи вкусовите
се различни и нечие “не ми се допаѓа” всушност е нечие „wow, предобро е”. Дизајнот
иако не е егзактна наука има свои начелни правила и начини на кои тие правила
исправно се кршат. Звучи комплицирано но всушност е многу едноставно. Ја гледам
пошироката слика. Гледам дали дизајнот ги следи законите на добрата естетика, дали
има приказна, како функционира во просторот и дали одговара на дизајн проблемот, па
така може да бидам еднакво воодушевен од дизајн кој е нападен како и од дизајн кој е
минималистички. Важно е да се знае и дека зависно од ситуацијата, минималниот
дизајн може да биде многу „погласен” од оној кој е наменски дизајниран да биде
„чуен”.
Имате ли совет за луѓе што започнуваат свој бизнис и имаат потреба од лого, што
точно треба да внимаваат?
Логото е идентитетот на компанијата и при дизајнирањето на истото треба да се
размислува на неговата функционалност на долгорочен период. Иако логото може да
трпи промени со годините, добриот старт е многу важен за имиџот на компанијата.
Минимализмот е секогаш добар избор кога станува збор за лого, младите
претприемачи често прават грешка избирајќи погрешно, незвучно име и
“предизајнирано” лого за својот бизнис.
Кој е последен производ што ве воодушевил со својот дизајн?
Имам развиено посебни емоции кон дизајните на етикети за алкохолни пијалаци.
Етикетите на алкохолните пијалаци се секогаш дизајнирани со екстра внимание и
имаат тактилна комуникација со потрошувачите. Различни текстури на хартија,
различни начини на печатење, специјално дизајнирани шишиња и многу други детали
кои мене како дизајнер секогаш ме воодушевуваат. Секогаш се задржувам подолго
време во одделот за алкохол во маркетите каде разгледувам дизајни на алкохолни
пијалаци. Единствен порок на кој сум целосно горд што го имам. Би го издвоил
дизајнот на Петар Павлов за виното Domaine Lepovo кој со години се наоѓа на врвот на
мојата листа на добро дизајнирани производи.
Како се справувате со вечниот баланс помеѓу желбите на клиентот и вашиот
личен израз, дали сте флексибилен за измени?
Флексибилноста е многу важна да постои од двете страни. Секој клиент има одредени
очекувања од дизајнерот за кои се дискутира пред да се започне со работа. Тоа е
совршен момент и двете страни да увидат дали нивните размислувања се поклопуваат
и дали постои простор за соработка. Корекциите се неминовен дел од дизајн процесот,
но мора да бидат во функција на дизајнот, односно да има реална причина зошто се
прави некоја измена и да не ја наруши хармонијата на дизајнот. Егото на дизајнерот не
смее да биде превисоко и треба да го сослуша мислењето својот клиент.
Порака за сите што имаат желба или моментално работат на усовршување во
оваа професија?
Ќе цитирам една од моите омилени изјави на Марина Абрамовиќ: -„Уметник е секој
што наутро се буди со огромен порив да создаде нешто ново. Тоа не значи дека тој е
добар уметник, но сепак е уметник” Оваа изјава секогаш ми стои во потсвеста и ме
потсетува секогаш да размислам дали сум го дал најдоброто од себе, а тоа е воедно и
најдобриот совет што можам да го дадам: Бидете самокритични. Ако за себе секогаш
сметаме дека сме најдобри, нема да чувствуваме ни потреба да се надградуваме, а оваа
професија константно го бара тоа од нас бидејќи рапидно се менуваат трендовите и
медиумите со кои се создаваат нови дизајни и треба во секое време да бидеме
подготвени да ги прифатиме и примениме тие промени. Важно е да научиме да
препознаваме конструктивна критика и истата да ја прифатиме со цел да се подобриме.
Дизајнери има многу, но само оние кои константно работат на себе ќе напредуваат во
работата. И за крај: Дизајнирајте со љубов.