Родовиот јаз во обврските околу грижата и воспитувањето на децата и малата, (скоро непостоечка) поддршка на мајките.
Мајка сум. Не сакам да бидам дефинирана само по тоа, но факт е дека имам одговорност кон моето дете 24/7. Нема да ја романтизирам врската помеѓу мајката и децата, љубовта е секако неоспорна, наместо тоа ќе ја акцентирам реалната страна на секојдневниот живот со деца. А реалноста е дека е тешко, на моменти дури толку тешко што се прашувам како воопшто во денот постигнувам да бидам и мајка. Постојат дилеми, притисок, обврски, грижи, а родителството бара и огромно трпение и посветеност како и воспоставување на модел на воспитување. Не е нешто што може да се исклучи на копче, да се паузира за одреден период или да се почне од почеток.
Во семејна заедница со двајца родители, одговорноста за детето е и на двајцата родители. Сепак, кога станува збор за семејство со мајка и татко, наметнатите патријархални вредности испливуваат на површина во поголема или помала мера. Тука на сцена настапува традиционалната токсична машкост според која жените се тие кои на свој грб треба го носат воспитувањето и грижата за децата, па следствено родителството се поврзува само со мајчинството. Иако познавам мажи (вклучително и мојот) кои се вклучени во грижата, воспитувањето и обврските околу децата и домот, сепак поразително е дека поголемиот товар сè уште паѓа на жената.
Тоа го покажуваат и статистиките, па така во едно истражување на „Реактор“ е наведено дека жените во земјава дури и кога се вработени исто како и мажите, во просек посветуваат три пати повеќе време на грижа за децата и извршување на неплатена домашна работа споредено со мажите. Економски неактивните жени пак во просек поминуваат 4,6 пати повеќе време во грижа за децата и домашните обврски споредено со економски неактивните мажи.
Според друго истражување од „Реактор“ за „Мажите и грижата“, меѓу неактивното женско население на работоспособна возраст, 55% се регистрирани од официјалната државна статистика како „домаќинки“ – категорија што упорно и стопроцентно ги опфаќа жените и категорија која во официјалната државна статистичка номенклатура постои само како феминатив – домаќинка. Во просек, жените во Република Северна Македонија извршуваат 72,5% од вкупната неплатена работа поврзана со грижа, додека придонесот на мажите едвај надминува една четвртина од вкупниот обем на неплатената работа. На дневна основа, во споредба со мажите, жените трошат 18 пати повеќе време за миење садови, 12 пати повеќе време за чистење, 9 пати повеќе време за готвење и 3 пати повеќе време за грижа околу децата.
„Мажот ми ми помага по дома“
Неодамна зборував со една пријателка која не живее тука. И двете имаме деца, вработени сме со полно работно време и сме посветени на нашите домови, но и кариери. Разговорот траеше околу два часа и сè што зборувавме беше поврзано со нашите деца и домашните обврски. Нашите сопрузи не беа спомнати во разговорот, освен во референцата за „помош“ по дома. Зборот помош во едно домаќинство во нашето општество често се употребува во јавниот дискурс за татковците во едно семејство. Па така често може да слушнете прашања, „дали сопругот ти помага по дома?“ или „дали ти помага со детето?“. Ова размислување е време да се промени. Таткото не е надворешно лице кое доаѓа да помогне со чистење, перење, готвење или со чување на децата, туку е рамноправен член во една заедница во која одговорноста треба да е споделена. Тој не е „помош“ туку е исто толку одговорен колку и мајката за грижата и воспитувањето на децата и обврските во домот.
Ваквата ситуација е резултат на длабоко вкоренетите норми и традиции на партријархатот кога во минатото жените немале можност да бидат вработени и чија главна грижа биле децата и домот, а мажот бил тој што заработува и го носи лебот дома. Оттука доаѓа и биолошкиот изговор на мажите кој сепак остана ист и во денешното модерно општество: „Мајката знае најдобро за детето“ или „Мајчинскиот инстинкт е најдобар“. Тој изговор општеството и законите го поддржуват. Кај нас сè уште не може да се земе поделено родителско отсуство после раѓањето на детето. Иако законски постои можност таткото да биде на родителско отсуство од првичните девет или петнаесет месеци, тоа е на сметка на мајката која треба целосно да се откаже од него. Комбиниран модел кај нас сè уште не постои.
Според податоци од ФЗОМ само 44 мажи искористиле родителско отсуство (породилно) во 2018 година. Минатата година беа најавени измени во Законот за работни односи, со кои е планирано породилното отсуство од сегашните девет месеци да се продолжи за уште три месеци. Со новите измени во Законот за работни односи породилното отсуство од работа би било околу 12 месеци, од кои 5 месеци се предвидени како задолжително отсуство на мајката. Остатокот, ќе може да се комбинира со таткото, што е новитет во законската рамка.
Последниве две години со пандемијата од Ковид 19 стана уште поочигледен родовиот јаз во грижата за децата. Една од родовосензитивните мерки на Владата за справување со пандемијата предизвикана од Ковид-19 беше ослободувањето од работа на еден од родителите кои имаат деца до десетодишна возраст. Навидум, оваа мерка се чини дека ја препознава поделеноста на правата и обврските на родителите во рамките на домот и грижата за децата, но според податоците оваа мерка во најголем дел ја користеа мајките. Ваквите податоци повторно ја извадија на површина родовата нееднаквост во нашето општество, што всушност е директен резултат на недоволната посветеност и работа на ова поле во периодот пред кризата.
Во сенката на постпородилната депресија
Не можам да не се осврнам и на емотивниот и менталниот притисок кога станува збор за тоа како е да се биде мајка, почнувајќи од бременоста. Роксен Геј во својот есеј „Отуѓивите права на жените“ зборува за тоа колку бременоста е и јавно и приватно искуство.
„Во идеален свет, бременоста би била интимно искуство што го делат само жената и нејзиниот партнер но, поради многу причини, тоа е невозможно. Бременоста е искуство што повикува на јавно делување и го принудува женското тело да биде дел од јавниот дискурс. На многу начини бременоста е најнеприватното искуство во животот на една жена“, вели Роксен Геј во својот есеј.
Исто толку колку што е јавна бременоста, би рекла дека е јавно и станувањето мајка, но само околу грижата и чувањето на бебето. Една жена која штотуку станала мајка ќе се соочи со безброј совети за тоа што треба и не треба да прави, што е правилно, а што не е, во чувањето на бебето. Тука на маса се поставуваат брдо „правила“ воспоставени исто така од патријархалното општество, и ако мајката сака да постапи поинаку во очите на дискриминаторите е немајка или не е доволно посветена. Нејзината емоционална и психичка состојба многу често не се зема предвид во овие „правила“. Сè уште табу тема кај нас е постпородилната депресија и анксиозност. На европско и светско ниво според СЗО од 10 до 15 проценти од жените добиваат постпородилна депресија откако ќе станат мајки, a дури една од пет прворотки од земјите во развој поминува низ постпородилна депресија. Во Македонија нема официјална статистика за тоа колку проценти од жените се соочуваат со постпородилна депресија.
Психолошката поддршка кај нас е на толку ниско ниво, а е толку многу важен сегмент од станувањето мајка. На ниту една посета на лекар заедно со моето дете не сум била прашана за тоа како сум, како се чувствувам и справувам со новите предизвици, ниту сум била упатена во тоа што значи постпородилна депресија и анксиозност. Вртлогот од емоции, несигурноста, стравот, исцрпеноста, хормонските промени, промените во расположение, чувството на вина и срам, губењето на апетитот, недостатокот на сон, почетните предизвици и скриениот плач на мајката се многу реални и се случуваат. Не сакам повторно да се потсетувам и да давам примери за тоа што се случува во главата на една мајка која се соочува со постпородилна депресија или анксиозност за да не бидат тригер некому, само ќе ја истакнам потребата од препознавање на симптомите и од стручна и приватна поддршка.
Редно време е да се поставуваат прашања, да се преиспитуваат однесувања, да се зборува отворено и искрено за родителството и да престане да се романтизира секоја релација помеѓу мајката и детето. Редно време е и надлежните институции да ги сменат законите и да овозможат порамноправна родова поделба на одговорноста за грижата, чувањето на децата и неплатениот труд, како и да се отворат повеќе државни градинки и институции за згрижување на децата во предучилишна возраст. Редно време е и да се обезбедат механизми за грижа на мајката, да се даде поддршка, приватна и системска, за да може една мајка да се препознае и надградува себеси и надвор од мајчинството без грижа на совест и институционални пречки. За мене ова е нужно ако сакаме да постигнеме родова еднаквост и да ја покренеме свеста за ослободување од стегите на патријархатот, кои штетат на жените, но и на мажите. И секако, да оставиме едно посвесно и порамноправно општество за нашите деца.
Извор: Медуза