Уметникот Дејвид Стоилковски @molerajj од Куманово стои зад голем број мурали нацртани низ Македонија и надвор од земјата, на пример култниот мурал во чест на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, заедно со делото „Тишина“ во Скопје. Тој има дипломирано на Академијата за ликовни уметности, а моментално е на магистерски студии по сликарство кај Јован Шумковски.
Кој е првиот мурал што го имате нацртано и каде?
Првиот посериозен и потежок мурал што го имам насликано е на централното основно училиште познато меѓу народот како „Крсте и Браќа“ во Куманово. Целиот процес траеше шест дена.
Според вас, што треба да претставува еден мурал? Кој мурал досега што го имате нацртано ви бил најголем предизвик?
Убаво е да носи некоја порака, но според мене и не мора, затоа што не мора секогаш некое дело да има порака, а мошне често и ако нема првична идеја што е претставено на муралот, гледачот може да си ја објасни композицијата на сопствен начин онака како го доживува, што значи дека е отворен за интерпретација. И исто така, според мене, улогата на еден мурал е да биде виден од секого на некоја фасада некаде каде што ќе биде насликан. А најголем предизвик, зависи, се менува одвреме-навреме, зашто сакам да одам напред и да си поставувам поголеми цели околу изработката, техниката и слично, но ако морам да издвојам, тогаш би го издвоил муралот на гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Скопје. Голем мурал сработен за три дена и тука бев малку изненаден сам од себе.
Имавте прва самостојна изложба во мај – „Домашна атмосфера“. Како изгледаше концептот на изложбата, на што се осврнавте во темата и како сте задоволен од изложбата?
Концептот на изложбата беше составен од 20 дела работени две години, кои претставуваа спој од хиперреализам и апстракција, некако, според мене, најспротивставени правци во уметноста, каде што заокружив еден период од моето творештво преку графити, па графики и слики, па сè до мурали, каде што можат да се забележат некои детали, елементи што можат да се видат и на графитите и на графиките и муралите. Темата беше предмети од дома со кои најчесто се среќаваме и, на пример, предмети што се задолжени за наша фамилијарна егзистенција, каде што им се оддолжив со тоа што имаат место на моите слики. Сите тие елементи беа поставени во некоја разиграна композиција, а некаде и пренатрупана форма. Сосема сум задоволен како помина изложбата и од посетеноста и од пофалбите, критиките и од атмосферата што беше навистина нешто што не го очекував толку. Значи, секако бев задоволен, а реакција на посетителите ми даде доказ дека добро сум ги направил целиот концепт и целата идеја во реалност.