Тешко е да се биде самоуверен во општество опседнато со слики и непостоечки идеали за совршеното тело што дури и најголемите поборници за позитивен став кон сопственото тело понекогаш се несигурни. Градоначалникот на Лондон Садик Кан во 2016 година постави прашање „Зошто да бидеме изложени на дерогирачки реклами ставени низ лондонското метро што ќе не направат да се чувствуваме лошо за себе?“ Кан тогаш ја објави новата политика со која ќе ги отстрани сите боди-шејминг реклами низ лондонскиот транспорт. Тој изрази загриженост за тоа како вакви реклами би можеле да влијаат на неговите две ќерки. „Никој не треба да се чувствува под притисок додека патува со метро или со автобус, дека треба да се вклопи во нереалните стандарди за неговото тело и сакам да испратам јасна порака на маркетинг индустријата за ова“.
Неговите коментари дојдоа откако брендот Protein World предизвика бура од реакции со нивната реклама „Дали твоето тело е подготвено за плажа?“ (Are you beach body ready?). За жал ова не е единствена компанија која ги поминува границите со своите кампањи. Во прилог, 5 примери за контроверзен маркетинг.
Сопругата качила некој килограм? Без грижа – само изневери ја
Веб страницата Ешли Медисон секогаш билa контроверзна поради промоцијата на афери и дискретни средби, но и нивните кампањи исто така се навредливи. На рекламата се претставени две жени- една слаба, една дебела – во долна облека. Плус сајз моделот до себе има X – бидејќи кој би сакал да има секс со дебела жена, нели? Подоцнежна верзија од рекламата е од истиот модел со реченицата „Дали вашата жена ве исплаши синоќа?“ Неверојатно навредливо.
Спаси ги китовите – ослободи се од масното ткиво
За ПЕТА не е изненадувачи да имаат навредливи кампањи, жените се сексуализирани и објективизирани во неколку нивни бизарни кампањи. За оваа реклама која очигледно „ги спасува китовите“ и не тера „да се ослободиме од масното ткиво“ признаа дека навистина е контроверзна и без друго објаснување само го сменија билбордот со друг став како да се биде вегетаријанец. Зарем не постои начин да се објасни предноста на вегетаријанството без боди-шејминг?
Љубов. Без тегови.
Иако оваа реклама на Кејти Пери не е намерно контроверзна сепак влегува во листата на сомнителни кампањи. Облечена во спортска облека, пејачката е сликана со две пакетчиња нискокалоричен чипс кои заменуваат тегови, а за да биде уште поконтроверзно има и реченица дека чипсот не се „фаќа на бутовите“.
Афера со вишок килограми која води до каење
Во уште еден пример каде повторно се навредуваат дебелите жени, кои се обидуваат да покажат барем малку сексуалност, компанијата за електронски цигари Blucigs ја објави оваа реклама во која во кревет е прикажан полугол маж до девојка со која најверојатно имал секс за една вечер. Контекстот е дека мажот заминал со девојката од бар по неколку испиени пијачки и се буди со каење дека неговиот избор има неколку килограми повеќе. Што е уште потрагично девојката носи латексна облека што укажува на фетишизмот кој стрејт мажите го имаат за дебелите жени.
Пример за „совршено тело“
Очигледно е дека сите не сме модели од Викторијас сикрет, но исто така очигледно е и дека перфекционизмот е субјективен. Затоа оваа реклама беше толку контроверзна што слоганот „Совршеното тело“ подоцна беше сменет со „Тело за сите“ откако имаше премногу негативни реакции за првиот. Со вакви кампањи кои имаат за цел профит, може многу негативно да се влијае на самодовербата кај девојките и жените низ целиот свет, особено кога се работи за долна облека.
Извор: dazed